1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ајпед наместо десет килограми документи

11 август 2011

Пилотите за секој лет имаат десетици килограми документација – мапи, безбедносни протоколи и слично. Се´ е на хартија. Сега тоа би требало да се промени и наместо хартија да биде користен Ајпед. Тоа носи и ризици.

https://p.dw.com/p/129zO
Примена на модерните компјутерски системи во авионскиот сообраќајФотографија: picture alliance/dpa

Секој знае како изгледа пилотот во авион. Во униформа, со тешка пилотска чанта преку рамото, главно во црна боја. Во таа чанта нема четкица за заби, облека или слични приватни работи. Тука пред се´ е спакувана хартија: прирачници за авионот, мапи и материјали за планирање на летот. Сето тоа заедно е тешко околу десетина килограми. Сега една американска авиокомпанија се досети наместо 1,2 милиони долари трошоци за хартија, да инвестира во Ајпед комјутери. И американската сојузна управа за цивилно воздухопловство даде благослов и ја одобри употребата на Ајпед комјутерите за навигација на авионите.

И на германските пилоти им се допаѓа таа идеја. Александар Герхард Маѓиди од Здружението на пилотите ја поздравува употребата на електронските уреди. „Гледаме дека во Германија во последно време авиокомпаниите преминуваат на електронски носители на податоци.“ На летовите се´ поретко се користат мапи, објаснува Маѓиди. „Се´ се одвива преку лаптоп компјутери, кои се приклучени во авионот и на своите екрани ги прикажуваат мапите.“

Пилотот Маѓиди до сега имал добри искуства со ваквата промена, пристапот до податоците е релативно брз и едноставен и тој повеќе не мора да копа по многуте хартии. Сепaк, тој вели дека електронските уреди имаат и една мана - имено, на малиот екран мапите не се така прегледни како порано.

Опасност од манипулација со податоците

iPad
Ајпедите за навигација можат да бидат цел на хакерски напади и сајбер криминалФотографија: DPA

Сето тоа би било практично и убаво, доколку Ајпед комјутерите, како и компјутерите не се изложени на опасност од хакерски напади и сајбер криминал. На тие слаби точки во Епловиот оперативен систем „иОС“ на 6. јули предупредила германската Сојузна служба за безбедност и информативна технологија (БСИ) и тоа предупредување се однесува всушност на интернетот и мобилните уреди за комуникација како што се Ајфон, Ајпед и Ајпод.

„Еден клик на изманипулираниот ПДФ документ или едно сурфање на изманипулираната интернет страница е доволно мобилниот уред да се зарази со опасниот софтвер - и тоа без знаење на корисникот”, предупредува БСИ.

Јенс Хајдер е технички директор на тест лабораторијата во Фрауенхофер институтот за безбедносна информативна технологија во Дармштат:

„Провалниците можат во потполност да ги променат податоците сочувани на мобилниот уред. Тоа значи дека корисникот, од една страна, не може да биде сигурен дека информациите, кои се чуваат на уредот се навистина автентични, а од друга страна, сочуваните информации исто така можат да се украдат.”

Службените ајпеди да не се употребуваат за приватни цели

Pilotenstreik?
Досегашниот систем за навигација врз основа на мапи за сега најсигуренФотографија: AP

Опасноста од злоупотребата расте ако пилотите го користат уредот за приватни цели. Опасноста компјутерот да го „закачи” малициозниот софтвер и така широко да и´ ја отвори вратата на манипулацијата на податоците доаѓа од сите страни - почнувајќи од сурфање на интернет, па до проверување на приватната мејл адреса. ИТ- стручњакот Хајдер вели: „Пилотот мора самиот да процени да ли информациите што ги чита се точни.“

Хајдер исто така смета дека „до сега користените хартии се значително посигурни, бидејќи доаѓаат од систем кој е многу подобро заштитен, што не е случајот со Ајпедот.”

Но, сепак, БСИ најавил дека безбедносните недостатоци во Епловиот оперативен систем „иОС“ ќе бидат поправени. Тоа за Хајдер е само слаба утеха. Тој е убеден дека секогаш ќе има недостатоци во безбедносниот систем и дека човек мора да најде начини да се заштити од нив. Затоа тие уреди мораат да се тестираат, тврди Хајдер. Поради тоа, меѓу другото, на пилотите треба да им се забрани службените ајпеди да ги користат за приватни цели.

Автор: Рим Најми/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска