1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банката со која управуваат деца

Зилке Дитрих (ард)
22 февруари 2019

Директор на банка со сами 14 години? Тоа не е проблем за Самир Шеик. Тинејџерот раководи со „Детската развојна банка“ во индискиот главен град Њу Делхи.

https://p.dw.com/p/3BuRS
DW Still - Kinderbank in Neu-Delhi für Straßenkinder

Сѐ некако изгледа како во детските игри. Она кога децата глумат постари. Розов хартиен држач на масата, дупка во средина, а над нејзе стои натпис: „Шалтер за готовина“ (насловна фотографија). Но тоа не е игра, вели Самир Шеик. Набрзина проверува дали се тука сите белешки и документи и го отвора шалтерот. „Јас сум најдобар во математика, затоа и добив работа. Навистина бев избрана и овде имам голема одговорност.“

А клиентите, сите до еден деца од соседниот слам, дисциплинирано чекаат во ред. Со себе ги носат и своите штедни книшки, а во рацете имаат по неколку банкноти на рупии. На ред е Прија. 14-годишната Прија денес на својата сметка уплаќа (пресметано во евра) околу 30 центи.

„Ѝ веруваме на оваа банка, сите останати деца овде ги уплаќаат своите пари. Така можат да штедат.“

Прија речиси секојдневно навраќа во „детската банка“. Ако веќе заработила пари, сака и да ги задржи. Да се чуваат пари дома не е безбедно, ниту пак е сигурно да ги носиш со себе, вели таа:

„Ми ја украдоа касичката, и тоа повеќепати. Вчера загубив речиси едно евро и 50 центи, пари кои всушност сакав да ги уплатам овде на сметка. Касичката дома и онака беше сосема полна. Мислам дека тоа го сториле моите браќа. Затоа веќе и не чувам пари дома.“

Прија не го уплаќа џепарлакот којшто го добива од своите родители. Таа работи. Работи уште од осумгодишна возраст. По наставата на училиште со мајка ѝ оди на пазарот на големо. Секојдневно се надеваат дека ќе има доволно вреќи со кромид. Потоа го сортираат, го одвојуваат добриот кромид од лошиот, малите главици од големите.

„Дневно успевам да сортирам 20 до 25 вреќи. За тоа добивам околу три евра. А, секоја таква вреќа е тешка 80 килограми“, раскажува Прија.

Таа клечи покрај вреќите со кромид цело попладне, сѐ до навечер. Најголемиот дел од парите коишто ќе ги заработи ѝ ги дава на мајкаси, која исто така сортира кромид. Така се прехрануваат четири деца. Затоа на мајка ѝ ѝ се потребни и парите кои ги заработува Прија.

„Немаме работа секој ден. А, пари добиваме само ако навистина и работиме. Во деновите кога нема работа, е тесно“, раскажува мајката.

Indien Kathputli Slum in Neu-Delhi
Животот во сламовите е суров (фото: сламот Катпутли во Њу Делхи)Фотографија: DW/A. Kumar

Во Индија всушност е забранета детска работа. Офциијално, Прија ѝ помага на мајка си, што е дозволено. Така тоа го прават многу сиромашни семејства во Индија. Но, мал дел од својата заработка девојчето смее да задржи за себе. Со тоа ги плаќа дополнителните часови, а секој цент што ќе ѝ остане потоа го носи на своја сметка во банката.

„Со мојата заштеда можеби можам да им помогнам на родителите. Ако се разболат, можам да им платам лекар“, вели Прија.

Во Индија дури од неодамна постои здравствено осигурување за граѓаните кое е бесплатно. Тоа ги покрива третманите во болница, но не и обичните посети на лекар.

Децата во детската банка не само што би требало да можат да ги штедат своите пари без ризик, туку треба и да научат како да се однесуваат со парите. Кога ќе наполнат 16 години и кога ќе заштедат одреден износ, можат да побараат кредит од хуманитарната организација која го води овој проект како почетен капитал за сопствен бизнис или за образование, објаснува менаџерот на проектот, Ј.Б. Оли. Но, и за доделувањето кредит одлучуваат младите банкари: „Децата сами разгледуваат колку некој план е реален, односно има ли реални шанси за успех и колку стратегијата за бизнис е добра. Потоа сами одлучуваат дали ќе доделат кредит или не.“

Indien King Edward Memorial hospital in Mumbai
Здравствено осигурување ги покрива третманите во болница, но не и обичните посети на лекарФотографија: Getty Images/AFP/I. Mukherjee

Важно е, нагласува тој, децата сами да учествуваат и да одлучуваат во сите сегменти од работењето на банката. Менаџерот на проектот се вклучува само кога има проблеми и ги уплаќа парите на децата на сметка во „вистинска“ банка, за тие да добијат и камата на тие пари.

Самир Шеик, младиот директор на „детската банка“, го затвора својот шалтер и уште еднаш ги брои парите. Самир својата работа ја сфаќа многу сериозно. „Многумина се кандидираа за оваа работа, но ме избраа мене. Тоа е навистина кул“, вели тој.

Но, сепак не сака да биде банкар кога ќе порасне. „Сакам да бидам лекар. Многу луѓе овде не можат да си дозволат лекарски преглед затоа што се сиромашни. Затоа сакам да работам во болница која нуди бесплатна терапија.“

Но патот до остварување на тој сон е долг. Досега беше исклучок едно дете од слам да стане лекар. Но Самир во секој случај може да смета на поддршка од „детската банка“.