1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БЕГ ќе остане без лиценца за парното во Скопје

ДТЗ /ДВ
4 јуни 2022

Регулаторната комисија за енергетика подготвува постапка за одземање на лиценцата на Балкан Енерџи Груп (БЕГ)- компанијата која ја произведува и го снабдува Скопје со топлинска енергија.

https://p.dw.com/p/4CGMO
Регулаторната комисија за енергетика
Регулаторната комисија ќе расправа за одземање на лиценцата на БЕГФотографија: DW/K. Delimitov

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се подготвува да и ја одземе лиценцата за производство на топлинска енергија на Балкан Енерџи Груп (БЕГ). Оваа компанија има лиценца за снабдување на топлинска енергија до крајот на 2022, а за производство и дистрибуција уште 25 години, односно до 2047 година. Во РКЕ сметаат дека компанијата повеќе не ги исполнува условите под кои ја добила лиценцата за производство, дознава ДВ. Се очекува седницата на оваа тема да се одржи наскоро. 

Од БЕГ за ДВ изјавија дека немаат информација оти се подготвува одземање на лиценцата.

Прашање е што ќе се случува понатаму и кој ќе го преземе производството на топлинската енергија за граѓаните на главниот град. БЕГ има три лиценци: за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Според најавите, ќе се отвори постапка за одземање на првата, а другите две ќе останат. 

Од РКЕ не сакаат официјално да ги коментираат овие информации, но извори на ДВ велат дека правниот основ за одземањето на лиценцата е во неможноста на БЕГ да докаже дека има право на закуп над имотот на поранешна Топлификација. Имено, во декември 2021 година, Основниот суд во Скопје пресудил во корист на Одборот на доверители на стечајниот должник Топлификација, со што е поништен договорот за закуп меѓу двата субјекти. Подоцна, во март годинава, пресудата била потврдена и на Апелација. Претходно, во септември 2021 година, компанијата Адора Инженеринг ги купи топланите Исток и Запад и преостанатиот имот на Топлификација за 9,3 милиони евра. Токму Адора барала од РКЕ да и се одземе лиценцата на БЕГ, затоа што оваа фирма сега е сопственик на имотот.

Руски газда со многу адреси   

Кон средината на јануари годинава, кога многу граѓани се жалеа на студените радијатори, Адора излезе со соопштение со кое порача дека не е надлежна за дистрибуцијата на топлинска енергија во Скопје и ја префрли топката кај БЕГ. Десетина дена подоцна, на 21 јануари, државата го презеде управувањето со БЕГ и Топланата Скопје Север преку АД ЕСМ, откако од БЕГ се пожалија дека немаат средства за набавка на гас за производство на топлина. Пинг-понгот меѓу државата и БЕГ траеше неколку недели, а проблемите настанаа поради драматичниот раст на цената на гасот на светските берзи. 

Околу шест милиони евра ќе ја чини државата кризата со парното греење

Во изминатите години, набавката на гас за БЕГ одеше преку неговиот сопственик- АД ТЕ-ТО чија централа ја произведува топлинската енергија за Скопје и за поголемиот дел од државата, а фирмата се јавува и како трговец со гас. Но пред крајот на 2021, БЕГ соопшти дека нема пари за набавка на гас за следната сезона.

Компаниите ТЕ-ТО и БЕГ се во сопственост на руски бизнисмен преку фирми регистрирани на Кипар и Британските Девствени Острови. Сопственоста се менуваше од 2012 година, кога фирмата ги доби лиценците за снабдување, производство и дистрибуција на топлинска енергија, досега. Во моментов, според податоците во Централниот регистар, на чело на Управниот одбор на компанијата е Драган  Наумовски, а Надзорниот одбор го предводи рускиот државјанин Алексеј Шишаков. Компанијата држеше околу 90 проценти од пазарот за топлинска енергија во државата. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема