1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без визи со побрз чекор кон ЕУ

7 октомври 2009

Надворешнополитичката комисија на Европскиот парламент го поддржа предлогот Србија, Црна Гора и Македонија да бидат ставени на „белата шенгенска листа“. Побарано е да биде забрзан патот на Косово, Албанија и БиХ.

https://p.dw.com/p/K0hO
Европски парламентФотографија: AP

Јасната поддршка на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент всушност е сигнал дека европарламентарците на пленарното заседание, во ноември, би требало да го одобрат извештајот на специјалниот известувач за визната либерализација, Тања Фајон. Во нацртот на извештајот е поздравен предлогот на Европската комисија - Македонија, Србија и Црна Гора да добијат безвизен режим, почнувајќи од 1 јануари 2010 година.

Визна либерализација пред 01.01.2010 - нереална

Иако имаше најави дека визната либерализација за некои од државите од Западен Балкан би можела да стапи во сила и пред 1 јануари 2010 година, известувачот на ЕП, Тања Фајон за Дојче веле потенцира дека тоа е тешко остварливо. Таа потсетува дека Европската комисија се‘ уште работи на проценката за исполнувањето на условите за укинување на визите и дека следната недела експертски мисии од ЕК за таа цел ќе отпатуваат во Белград и Подгорица. Натамошната процедура ќе следи по нивниот извештај, вели Фајон: „Прво е потребна финализација на проценката на ЕК, потоа на почетокот на декември се очекува Советот на министри на ЕУ конечно да го даде зеленото светло, таква е процедурата. За безвизниот режим да стапи во сила за земјите кои го очекуваат, не гледам датум пред 1 јануари 2010 година.“

Frankreich Elsass Europaparlament in Straßburg
Извештајот се‘ уште се „готви“ во ЕПФотографија: picture-alliance / dpa

Комисијата на ЕП за надворешна политика истакнува дека ЕК би требало да го покрене и дијалогот за либерализација на безвизниот режим за Косово, како и да утврди Патоказ, сличен на оној кој го добија останатите земји од Западен Балкан, со напомена дека со тоа во никој случај не се прејудицира статусот на Косово. Исто така се бара и БиХ и Албанија условно да бидат ставени на „белата шенгенска листа“ и таа да започне да се применува без процедурални одолговлекувања во оној момент, кога земјите ќе ги исполнат потребните услови.

Процедурата во ЕП се‘ уште трае

Тања Фајон вели дека ЕП се‘ уште се наоѓа во процедура на донесување заклучоци во врска со извештајот за визната либерализација за земјите од Западен Балкан. Се‘ уште се доставуваат амандмани за да се дојде до конечен компромис, особено кога е во прашање визната либерализација за граѓаните на БиХ, Албанија и Косово. Конечното усвојување на извештајот на ЕП се очекува во ноември.

„По усвојувањето на извештајот во ЕП и ЕК, очекуваме Советот на министрите на крајот на ноември, или почетокот на декември, да ја донесе конечната одлука за пакетот за визна либерализација. Тоа е сценарио што важи за европските инстититуции, а во меѓувреме, од друга страна, земјите кои уште не ги исполниле сите потребни услови од Патоказот на ЕК, мораат да ги завршат своите домашни задачи“, вели Фајон за Дојче веле.

Автор: Марина Максимовиќ / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска