1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Безистенот чека инфузија

Катерина Богоева
5 мај 2018

Во центарот на Старата скопска чаршија тивко опстојува култното место кое може да биде убав уметнички кварт.

https://p.dw.com/p/2xDHP
Art Gallery Bezisten in Skopje
Фотографија: DW/K. Bogoeva

Во Старата скопска чаршија деновиве е очекувано живо, низ уличките покрај различните по големина и функција дуќани се среќаваат туристи и од Америка, Јапонија, Турција, Хрватска. Влегуваат и во стариот Безистен, го фотографираат, но за жал, во него, за разлика од другите од ваков вид покриени чаршии во светот, не може да купат слики, скулптури, уметнички дела, ракотворби...Тука сега нема отворени галерии, не може ни да се погледне добра изложба, да се слуша музика како некогаш додека се пие чај во единствената чајџилница која постои на местото на култното „Багдад кафе“. Во „Багдад кафе“ на крајот на минатиот век, дење-ноќе се собираа уметници, архитекти, студенти, актери, дуќанџии...Тоа е време кога во овој, централен дел на чаршијата, работеа работилници, галерии, дуќани...

Old Bazaar  in Skopje
Фотографија: DW/K. Bogoeva

Сегашната пак кафе-галерија со наслов „BadaBoom“ дење вообичаено е затворена со метална врата и катанец, во неа ретко и ноќе се организираат музички настани, но се памети и по некоја изложба. Но во истиот простор од јули 2011 до крајот на 2014 година доста успешно работеше познатата кафе - „Галерија 8“, простор што заедно со два дуќани претворени во сликарски ателјеа во 2010 година на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на користење му ги додели Министерството за култура. Во „Галерија 8“, со која раководеше Саша Шотаровски, во тој период беа одржани над сто изложби, над 60 промоции на книги, поетски читања, перформанси и др. Останува за паметење и изложбата на Владимир Георгиевски, кој таму го изложи и својот портрет на Достоевски по презентацијата во Санкт Петербург во Литературно-меморијалниот музеј „Ф. М. Достоевски“.

Kaffe-Gallery "BadaBoom" in Skopje
Просторот пред кафе-галеријата „BadaBoom“Фотографија: DW/K. Bogoeva

Таквиот успешен старт на идејата за формирање на уметничкиот кварт по урнек на квартовите во поголем број европски земји, со текот на времето поради низа економски и организациски (не)услови на работење, почна да бледее, за денес и за таа галерија со носталгија да се говори како за уште едно култно место кое го нема.

Приватни галерии воопшто и нема во Чаршијата, ретки уметнички дела со различна вредност може да се видат и купат во неколкуте антикварници, при организирање на манифестации на отворено, но одвреме-навреме и во старата, и исто така често споменувана кафе „Галерија 7“, каде се служи и вкусен чај и храна. Но сепак добро е што нормално функционираат двата објекта на Националната галерија на Македонија, Даут пашин амам и Чифте амам во кои се менуваат вредни изложби.

Сликарите бараат и „уметничка улица“

Сликарот Решат Амети, кој веќе две години користи едно од двете споменати ателјеа, и неговиот колега Данчо Ордев, кој неодамна го ослободи второто за да продолжи да го користи друг колега, гласно размислуваат како Безистенот изграден во 15. век да продолжи да функционира по урнек на познатите арт квартови во светот. Амети смета дека на сликарите може да им се отстапат неколку дуќани кои не се во функција, а се наоѓаат зад Безистенот на „кожарската“ улица која и не е толку посетена, за разлика од „златарската“ која е во предниот негов дел. Посочува дека е добро во Безистенот повторно да се организираат и културни настани на отворено, отворен ден за ателјеата на пример, а една од улиците во Чаршијата да функционира и како „улица на уметноста“. Таму би се сликало, свирело, играло, би се одржувале различни перформанси.

Resat Ameti
Сликарот Решат Амети во едно од ателјеата на ДЛУМФотографија: DW/K. Bogoeva

„Безистен е одличен објект, но денес е без некоја функција, освен што ДЛУМ дава некој благ уметнички белег. Околу нема објекти кои се издвојуваат по својата специфичност и вредност, само чајџилници, некои затворени објекти во кои и не се знае што се случува. Во целина би требало Безистен да биде уметничка заедница, кварт со разновидни содржини, но во функција на карактерот на старата чаршија, односно со ликовни галерии, ателјеа, уметнички кафулиња и разни студија од разни дејности: ликовни, графички, дизајнерски, за изработка на уметнички сувенири, текстил, накит.... студија на уметници кои работат комерцијална уметност. Иако не сум многу поборник на комерцијалното, сепак сметам дека апсолутно тоа е потребно за да се избегне продукцијата на кич работите“, вели Данчо Ордев, нагласувајќи дека за тоа треба  добар, издржан, целосен проект, финансиска и општа поддршка од општината, градот до Министерството за култура.

Напоменува дека би било добро да се обезбедат и 2-3 студија за престој и работа на уметници од странство за одреден период. „А ателјеа за наши уметници би лоцирал некаде во некој објект, на друга локација, каде би се дружеле и твореле во некоја уметничка заедница“, вели  Ордев.

Danco Ordev
Данчо Ордев, сликарФотографија: DW/K. Bogoeva

За Кристијан Санев, актуелниот претседател на ДЛУМ, мошне важно е да постои трпение во водење на ваквите проекти и тоа во овој период кога и во светот многу од галериите се затвораат од економски причини. И тој смета дека за „оживување“ на Безистенот е потребно да се ангажираат повеќе државни и локални фактори, како и бизнис заедницата, нагласувајќи дека пред сѐ, е потребно културата да се подигне  на повисоко ниво. Неопходно е, вели тој, да се обезбедат и услови за вработување на одредени лица во Друштвото на ликовни уметници кои би имале можност повеќе да се ангажираат околу целиот ваков значаен и долгорочен проект. 

Одредени позитивни моменти во овој период на гласни размислувања за иднината на Безистенот, во кој се наоѓа и седиштето на Националниот комитет на ИКОМОС и канцеларијата на Културно-хуманитарната и образовна организација „ENSAR", се и новите информации од надлежната Општина Чаир. Имено, истата информира дека обезбедила грант од 820.000.00 евра за промоција на туризмот во Старата Скопска чаршија, аплицирајќи со истоимен проект во рамки на објавениот конкурс за „Проект за локална регионална конкуренција", финансиран од грант на Европската Унија и администриран од Светската Банка.

Art Gallery Bezisten in Skopje
Пред седиштето на ИКОМОСФотографија: DW/K. Bogoeva

Со проектот, меѓу другото, е планирана реконструкција на калдрмата во главната улица со површина од 1800 м2, реставрација на 75 дуќани, виртуелно презентирање на Чаршијата преку апликација за идентификација, опис и за мапирање на историските и културните споменици, одржување на меѓународни конференции и др. Општината изразува и подготвеност за соработката со ДЛУМ нагласувајќи дека истата е добредојдена за презентирање на идеите на нивните членови за унапредување на актуелната ситуација и зголемување на капацитетите за развој на културниот туризам.

Цветанка Јованова пак, една од сликарките која има искуство со сликање и презентација на своите дела во Безистенот, малку носталгично меѓу другото напоменува: „Ако во светот се посветува огромно внимание за зачувување на старите градби, во смисла на нивна реставрација, конзервација, па и повторно заживување, сметам дека и нашата земја, која сѐ уште има што да сочува, може да го прави тоа".