1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Белата чума“ ја покоси С. Македонија

ДТЗ
30 март 2022

Изгубено е население колку две или три поголеми општини во земјата. Последниот попис покажа дека во земјата 207 населени места зјаат празни, без ниту еден останат жител.

https://p.dw.com/p/49DVg
Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Белата чума“ ја покоси Северна Македонија. По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година, бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е изгубено население колку две или три поголеми општини во земјата. Последниот попис на населението и домовите покажа дека во земјата 207 населени места зјаат празни, без ниту еден останат жител. 

„Вкупното резидентно население на Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836.713 жители. Од нив, 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи“, соопшти првиот човек на Државниот завид за статистика, Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите од последниот попис кој беше спроведен пред шест месеци. Според пописот од 2002 година, во земјата беа избројани 2.022.547 жители, 564.296 домаќинства и 698.143 станови. 

Вкупно се попишани 2.097.319 лица, од кои во дијаспората има 260.606 лица. Околу 132.260 не учествувале во пописот, па нивните податоци се преземени од административни извори. Според надлежните, тоа најверојатно се должи на црната кампања која што се водеше, а со која се оспоруваше статистичката операција, која што се спроведе во земјата по неуспешниот обид во 2011 година. 

Според последниот попис, бројот на домаќинства е 598.632. Најмала општина во земјата е Зрновци, а најголема Куманово. Во моментот има 1.674 странци коишто помалку од една година престојуваат во земјата. Симовски оцени дека успешно и професионално е завршен процесот на попишување на населението, домаќинствата и становите. 

Бројките низ етничка призма

Од вкупниот број на попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи, покажуваат податоците од Пописот 2021.

„Од вкупното резидентно население 58,44 се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, додека од неризедентното население опфатено со пописот 24,45 се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци“, вели Симовски. 

Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol Simovski
По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година, бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Исто така, 61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.

Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други. 

Пописот покажа дека 3.504 граѓани се изјасниле како Бугари, што е 0,19 отсто од населението во С.Македонија. Како Торбеши се попишале 4.174 граѓани, потоа следат Египќани (2.406), Хрвати (2.145) и Црногорци (1.023). Како Југословени се попишале 344 македонски граѓани.

Педесетина граѓани имаат над 100 години 

Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 % - се во возрасната група од 40-44 години. Како што велат од Заводот за статистика, куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.

Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи. 

Најголема и најмала општина 

Според бројот на жители најмала општина е Зрновци – 2,086 жители, додека по бројот на жители најголема е општина Куманово, каде живеат 98.104 граѓани. На второ место е Битола (85.164 жители), Тетово (84 770 жители), додека во скопската општина Аеродром се регистрирани 77,735 жители.

Бројот на домаќинства во земјата изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06. Пописот покажува дека е зголемен бројот на домаќинствата и на станови во споредба со претходниот попис.

Според пописот од 2021 година, во Скопје живеат 526.502 граѓани, што е зголемување од 3,9 отсто во споредба со пописот од 2002 година. Бројот на домаќинства е зголемен за 16,8 проценти, а бројот на станови пораснал за 30,6 проценти.  

По пописот - анализи 

Симовски најави дека податоците ќе се објавуваат сукцесивно, до крајот на годинава, за вкупното резидентно и нерезидентно население и според возраста и вероисповеста, јазикот, бројот на станови по општини, како и за образовните и други карактеристики на населението. 

-повеќе на темата: Тројца Македонци се попишале од Антарктикот, еден од вулкански остров

„Горд сум за завршениот попис и резултатите, горд на целиот тим што го изврши пописот и изразувам благодарност до граѓаните што се вклучија во најважната статистичка операција. Продолжуваме да бидеме статистички поддржувачи на процесот на развојот на државата“, рече Симовски.

Илми Селами, заменик директор на Државниот завод за статистика, се надева дека резултатите од пописот ќе бидат прифатени затоа што се многу значајни за развојот на државата и за креирање на идните политики на државата. 

Валидни резултати 

Пописот беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година и го следеа бројни проблеми со хакерски напади, кошто го усложнија целиот процес. Дијаспората се самопопишуваше преку интернет апликација, којашто на почетокот се соочуваше со проблеми околу функционирањето. За првпат беше користен комбиниран модел за собирање податоци, што според Симовски, овозможи место да се чека со години, резултатите да бидат достапни за јавноста веќе шест месеци по завршување на пописот. 

„Пописот беше спроведен според меѓународните стандарди, во тоа нема сомнеж и резултатите треба да се сметаат за валидни и сигурни и како такви треба да се користат за развој на државата. Овој комбиниран попис беше сличен со пописот во 2011 година спроведен во Словенија, базиран и на регистри, но сепак овој ваш попис е технички понапреден“, оцени  Данило Доленц, меѓународен експерт од Словенија, кој беше вклучен во пописниот процес.