1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Приштина ги отвораат техничките преговори

7 март 2011

Србија и Косово се подготвуваат за првата рунда на т.н. технички преговори. Иако засега и двете страни ги најавуваат сопствените „црвени линии“, аналитичарите велат дека крупните нерешени прашања ќе мораат да се решат.

https://p.dw.com/p/10Ru3
Фотографија: DW

Шефицата на приштинската делегација во преговорите, Едита Тахири, во повеќе наврати повтори дека постојат „јасни црвени линии“ и дека прашањето за статусот на Косово е завршено поглавје, додека шефот на белградскиот тим Борко Стефановиќ вели дека очекува прашањата кои се однесуваат на „суверенитетот да се отворат во подоцнежните фази“ од разговорите меѓу Србија и Косово. Во Меѓународната кризна група велат дека, во случајов, и двете страни имаат право.

„Госпоѓата Тахири е во право бидејќи на дневниот ред се наоѓаат исклучиво технички прашања. Меѓутоа и официјален Белград е во право, бидејќи откако за првпат ќе се состанат претставниците на Србија и Косово, неизбежно е дека ќе дојде до разговори за многу посериозни прашања“, вели Марко Прелец, директор на програмата за Балкан на МКГ.

Тој смета дека токму преговорите околу техничките прашања би можеле да бидат корисни за создавање атмосфера на поголема доверба која би овозможила решавање на суштинските проблеми.

На Приштина и‘ треба уште малку време

Се’ уште нерешената политичка состојба во Косово, каде опозицијата го доведува под прашање легитимитетот на претседателот Беџет Пацоли не би требало да влијае врз почетокот на дијалогот во Брисел. Иако од МКГ порачуваат дека техничките контакти и разговорите би можеле да започнат веднаш, Србија и Косово имаат крупни нерешени прашања кои неизбежно ќе се појават во разговорите.

Serbien Kosovo bereitet Unabhängigkeit vor Plakat in Mitrovica
Фотографија: AP

„Такво е на пример прашањето за северот на Косово, кое не е на дневен ред, но ќе биде неизбежна тема. Нужно е околу тие чувствителни и судбоносни прашања двете страни да можат да говорат со целосна поддршка од централите во Белград и Приштина. Затоа е потребно уште извесно време за да се стабилизира состојбата во Приштина“, вели Прелец.

Притисок на Брисел врз Белград

Имајќи го предвид интересот на Белград, преку дијалогот со Приштина да постигне доволно ниво на напредок за да создаде позитивно расположение во ЕУ околу прашањето за доделувањето на кандидатскиот статус, во МКГ сметаат дека Србија во текот на разговорите ќе мора да направи некои отстапки.

Junge Frauen vor Fernseh-Werbeplakat in Pristina, Kosovo
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Интересно е дека Брисел планира да изврши притисок врз Белград токму во моментот кога Србија се наоѓа во чувствителна фаза од пристапниот процес и сака тој притисок да биде искористен за да се постигне напредок по прашањето за Косово“, вели Прелец.

Од друга страна, иако Приштина во моментот е заинтересирана за цела низа практични прашања, почнувајќи од можноста да се патува низ Србија со косовски регистрации и документи, па се до користењето на воздушниот простор, за косовската влада главна тема е постепеното признавање на независноста на Косово од страна на Србија и конечно, и формалното признавање, смета Марко Прелец од Меѓународната кризна група.

Автор: Марина Максимовиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска