1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин апелира до Париз да попушти за почеток на преговори

БГ
13 октомври 2019

Германскиот дипломат Михаел Рот предупредува дека повторното одбивање да се започнат преговорите со С. Македонија и Албанија ќе испрати катастрофален сигнал во регионот.

https://p.dw.com/p/3RDoi
Deutschland Michael Roth
Фотографија: DW/A. Shuka

Германската влада апелира до Франција и другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Германскиот државен министер Михаел Рот во интервју за Велт објаснува дека тоа би бил „вистинскиот сигнал“.
„Ќе биде правилен сигнал доколку на 15 октомври во Луксембург дадеме зелено светло за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, вели Рот. Германскиот дипломат најчесто ја претставува својата земја на состаноците на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Тој предупредува дека Европа ќе си го прекрши зборот во однос на Тирана и Скопје.
„Албанија и Северна Македонија си ги завршија домашните задачи. Тоа мора да се награди. Ние дадовме ветувања, сега мора да ги исполниме“, вели Рот.
Во спротивно, предупредува Рот, доколу Тирана и Скопје повторно бидат одбиени, тоа ќе испрати катастрофален сигнал во регионот. Притоа ќе се остави и „политички вакум“ кој „други земји без двоумење“ ќе го искористат, вели дипломатот алудирајќи на Русија, Кина и Турција. 

Се шири кампот против Албанија
Според информациите од Брисел, состојбата во пресрет на одлуката дополнително се комплицира поради растечкиот скептицизам на неколку ЕУ членки кон Албанија. Франс Прес пишува дека против почеток на преговорите со Тирана, освен Франција, се и Холандија, Шпанија и Данска.
Почетокот на преговорите со двете земји веќе на двапати беше одложуван од земјите-членки на ЕУ, секојпат со ветување, дека одлуката ќе биде донесена следниот пат.
Франција, која досега беше најгласен противник на проширување, овојпат бара одложување до следната година со забелешки за методологијата и техничките аспекти на процедурата, но и со критики за незавршени реформи до двете земји.

Доколку отпорот против Албанија остане, тогаш големо прашање е дали сите земји членки ќе се согласат на одвојување на двете балкански држави. 

Жестоки дебати во Брисел

Според германскиот економски магазин Ханделсблат, во Брисел изминатава недела се воделе „жестоки дебати“ на оваа тема. Овој весник прогнозира дека можно решение е да се зелено светло само за Скопје, но проценува дека во секоја варијанта клучна фигура е францускиот претседател Емануел Макрон.

Вечерва во Париз се одржува работна вечера на францускиот претседател и германската канцеларка Ангела Меркел. Германската новинска агенција ДПА веќе најави дека Меркел ќе се обиде да го убеди Макрон да попушти за С. Македонија и Албанија и да се согласи на почеток на преговори. По вечерата не е предвидена изјава на двајцата лидери, па конечниот став на Макрон веројатно ќе се дознае дури на крајот на претстојната работна седмица, на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

Таква прогноза може да се прочита и во Ханделсблат, чиј дописник од Брисел тврди дека по дебатата на министрите за надворешни работи во вторник, конечната одлука сепак ќе се чека од лидерскиот состанок на кој Макрон ќе го има клучниот збор.