1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова шанса за рисот во Македонија

Б. Георгиевски/тац22 декември 2015

Во Националниот парк Маврово живеат бројни ретки животни и растенија кои беа загрозени поради најавата за изградба на хидроцентрали. Проектот сега е запрен, а тоа е нова шанса и за рисот, пишува весникот Тагесцајтунг

https://p.dw.com/p/1HRcs
Фотографија: picture-alliance/dpa/Janette Hil

Балканскиот рис доби нова шанса да преживее како вид, откако во ноември ИУЦН (Меѓународната унија за заштита на природата) го стави на црвената листа на загрозени видови на кои им се заканува исчезнување.

Весникот Тагесцајтунг по вторпат во неполн месец и посветува големо внимание на темата. Во текстот објавен денеска се наведува дека и Бернската конвенција при Советот на Европа во Стразбур дополнително помогнала „да се спаси последното прибежиште“ на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus).

Бернската конвенција е обврзувачки договор при Советот на Европа за заштита на природата во Европа, чиј потписник е и Македонија.

И покрај тоа, државниот македонско енергетски концерн ЕЛЕМ планираше изградба на 22 брани со различни големини во Националниот парк, пишува Тагесцајтунг.

„Таму (во Националниот парк Маврово, н.з.) покрај последните светски примероци на балканскиот рис, чиј број е меѓу 20 и 30, живеат и мечки и волци. Научниците досега открија над 1.130 животински видови и повеќе од 1.400 растенија- дел од кои постојат само таму. Поради својот голем биодиверзитет, паркот е номиниран за Смарагден регион и со тоа би го добил истиот статус на заштита како и регионите Натура 2000 во рамките на ЕУ земјите“.

Бернската конвенција сега побара да се направи ткн. Стратешка студија за влијанието врз животната средина, преку која ќе се испита влијанието на изградбата на хидроцентралите и другите инфраструктурни проекти во паркот Маврово. Притоа треба „особено да се води сметка“ за балканскиот рис, се наведува во препораката.

Mavrovo, Mazedonien
Иднината на Маврово ќе зависи од Стратешката студија за влијанието врз животната срединаФотографија: Petar Stojanovski

Битката не е завршена

Тоа е помалку од она на што се надеваше групата еколошки организации. Покрај германската Фондација Еуронатур, во групата се германско-австриската организација Ривервоч и бројни македонски организации.

„Владата од Скопје на состанокот беше застапена со голема делегација, иако без министерот за животна средина, но со бројни претставници на концернот ЕЛЕМ. Уште во нивното писмено образложение тие јасно ставија до знаење дека немаат намера да ги прифатат аргументите и извештаите на активистите за заштита на животната средина. Експертите на Бернската конвенција само кусо престојувале во земјата и притоа се консултирале со погрешни луѓе, велеа тие. Делегацијата доби поддршка од земји кои планираат слични проекти- а тоа се речиси сите балкански земји, во прв ред Албанија“, пишува Тагесцајтунг.

„И покрај тоа, првиот човек на Еуронатур, Габриел Швадерер смета дека изградбата на хидроцентралите нема да се случи: тој тргнува од тоа дека Стратешката студија за влијанието врз животната средина, доколку биде исправно направена, не би можела да дојде до ниту еден друг заклучок освен запирање на проектот“.

Клучниот чекор во таа насока може да дојде од Лондон, пишува натаму весникот. Таму е централата на Европската банка за обнова и развој ЕБРД, која треба да го финансира поголемиот дел од проектот: хидроцентралата Бошков мост со околу 65 милиони евра. Инвестирањето во проекти кои ја нарушуваат животната средина е против правилата на банката. На прашањата на ТАЦ, тие само одговорија дека досега не се исплатени пари и дека 'во целост' ќе ги имплементираат препораките на Бернската конвенција“.