1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Биткоинот троши повеќе струја од цели држави

Тимоти Рукс
17 февруари 2021

Криптовалутата биткоин троши повеќе енергија од Нов Зеланд и Белгија заедно и со тоа им штети на животната средина и климата.

https://p.dw.com/p/3pU8b
Bitcoin Illustration I Dollar USD Banknoten
Фотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture-alliance

Ако го читате овој текст, користите електрична енергија. Истото важи и за секое пребарување на Гугл, испратена имејл-порака или фотографија зачувана во „облак“. Колку што нашите животи стануваат подигитални, толку повеќе електрична енергија ни е потребна за да ги напојуваме тие животи. Сепак, постои една дигитална работа која троши особено многу струја - биткоинот.

Тоа го потврдува и студија на Универзитетот Кембриџ. Според неа, огромните серверски фарми, кои стојат зад криптовалутата, за една година трошат повеќе струја од Холандија, земја која има над 17 милиони жители. А, со порастот на вредноста на биткоинот на над 50.000 долари (41.000 евра), се зголемува и потребата од електрична енергија.

Поддржувачите на биткоин велат дека ова е во ред, бидејќи создава целосно нов финансиски систем без мешање на владите. Освен тоа, како што додаваат, и ископувањето злато или печатењето пари предизвикуваат исто така трошоци за производство, транспорт и безбедно складирање. Треба да се додаде и дека денешниот финансиски систем со своите дигитални платформи и канцеларии исто така користи многу енергија.

Повеќе: Ќе стане ли биткоинот „злато на милениумот“?

Колку енергија му е потребна на биткоинот?

Тешко е да се дојде до неоспорни бројки поради сложената природа на пресметките. На почетокот на 2017 година, биткоинот користеше 6,6 терават-часови енергија годишно. Во октомври 2020 година тоа се зголеми на 67 теравати. Сега, неколку месеци подоцна, потрошувачката е двојно зголемена на 121 теравати, велат истражувачите од Кембриџ. Тоа е потрошувачка на струја која би била доволна за 700 години работа на универзитетот.

Според истите овие пресметки, ако биткоинот беше земја, само 30 други земји ќе користеа повеќе електрична енергија. Тоа би ги надминало годишните потреби за напојување на ОАЕ, Холандија, Филипини, Белгија, Австрија или Израел.

Холандскиот економист Алекс де Врис пресметува малку поконзервативно и смета дека биткоинот користи 77 теравати енергија годишно. Тој, исто така, ја следел ситуацијата со години и го објавува своето истражување на Digiconomist's Bitcoin Energy Consumption Index.

Bitcoin Mine
Огромните серверски фарми, кои стојат зад биткоинот, за една година трошат повеќе струја од Холандија, земја која има над 17 милиони жителиФотографија: Getty Images/AFP/M. Zmeyev

Денес на сите центри за податоци на глобално ниво - оние што работат со БигТех, облакот, интернетот и сегашниот финансиски систем - им требаат околу 200 терават-часови електрична енергија годишно,смета Де Врис. „Во моментот мрежата биткоин троши околу половина од оваа сума“, изјави тој за ДВ.

Во 2018 година една биткоин-трансакција имала ист енергетски отпечаток како и 80.000 трансакции со кредитна картичка. Сега, една единствена биткоин-трансакција користи електрична енергија како 453.000 трансакции со кредитна картичка, објави „Дигикономист“, веб-страница „посветена на откривање на несаканите последици од дигиталните трендови “.

Повеќе: Никој нема да троши биткоини на Тесла

Зошто воопшто му е потребна енергија на биткоинот?

Биткоинот е виртуелна криптовалута. Во суштина, тоа значи дека е управувана од масивна компјутерска мрежа peer-to-peer. Оваа мрежа е сочинета од сите учесници кои имаат определен софтвер - Bitcoin-Client. Не постои централен сервер за управување. Со блокчејн се документираат сите трансакции. Секој во мрежата добива копија и сите копии се меѓусебно поврзани. Тоа би требало да оневозможи манипулирање на системот.

Секој може да стане дел од мрежата, треба само да се има компјутер со голема моќност, направен за таа цел. Колку е помоќен компјутерот, толку подобро. Овие компјутери решаваат сè потешки математички проблеми за да одржуваат се' во движење и да „копаат“ нови биткоини. За да се избегне прегревање, машините мора да се одржуваат ладни.

Infografik Bitcoin Kurs 9.2.2021 EN
Курс на биткоинот во американски долари

Луѓето кои работат на овие компјутери, честопати наречени рудари, не добиваат плата сама по себе, туку имаат шанса да бидат наградени со биткоини. Колку повеќе компјутерска моќ имаат, толку се поголеми шансите да добијат нешто. Кога цената на биткоинот расте, тоа го прави привлечно инвестирањето во повеќе технологија. Тоа е спирала која оди нагоре, бидејќи се додаваат повеќе компјутери.

„Колку е повисока цената, толку повеќе рудари ќе заработуваат и поголем е мотивот за додавање на повеќе машини во мрежата“, вели Де Врис. Поттици за рударите има и во зависност од тоа колку многу се користи биткоинот. „Со оглед на тоа што мрежата може да обработи само пет трансакции во секунда, употребата на биткоинот станува брзо поскапа, зависно од тоа колку луѓе се обидуваат да го прават тоа“, вели Де Врис. „Со оглед на тоа што трансакциските такси одат и за рударите, тоа дополнително ги зголемува приходите на рударите, но и протрошувачката на енергија.“

Повеќе: Десет години биткоин - кој ја создаде криптовалутата?

Каде се наоѓаат рударите на биткоин?

Во моментов над 65% од рударите на биткоин се во Кина, по што следуваат САД и Русија со по околу 7%, велат истражувачите од Кембриџ.

„Во Кина налето тие можат да добијат евтин вишок на хидроенергија, а назима евтина термоенергија“, објаснува Де Врис за ДВ.  „Но, со оглед на тоа што мора да се движат во Кина зависно од сезоната, за оптимално да профитираат од ова, во последно време и други земји добиваат популарност, како Иран и Казахстан.“

 Kryptowährungen
Покрај биткоинот, има и други криптовалути на кои им е потребна енергијаФотографија: Reuters/D. Ruvic

Критичарите сметаат дека ова е голем проблем. Многу земји имаат нестабилни мрежи на електрична енергија и некои не можат да се справат со зголемените потреби од струја поради биткоинот. Во јануари, иранската влада го обвини биткоин-рударството за прекините во снабдувањето со електрична енергија во земјата. Згора на тоа, целото тоа производство на електрична енергија има огромен ЦО2-отпечаток.

Биткоинот значително помалку ја оптоварува животната средина отколку автомобилите или индустријата, но сепак многу биктоин-рудари поради ваквите еколошки проблеми се населени онаму каде што има евтина струја од водна енергија наместо од јаглен.

Покрај биткоинот, има и други криптовалути на кои им е потребна енергија. Сите тие заедно во минатата година потрошиле околу половина од струјата која е потрошена за биткоинот, вели Де Врис. Дел од нив имаат иста техника на рударење како биктоинот, други пак применуваат алтернативи кај кои процесот на создавање блок зависи од богатството, а не од моќноста на компјутерот. „Теоретски, ваквата модификација би можела да биде имплементирана и во биткоинот“, смета Де Врис. Со тоа би се намалила потребата од примена на специјализиран хардвер за рударење, би се штедела енергија и би се намалил електроотпадот.