1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбата“ не смее да заврши како трач-забава

Катерина Блажевска10 февруари 2015

Најголема штета ќе биде ако сознанијата од бомбата завршат како трач-забава, наместо да добијат правна разрешница во транспарентна и законска постапка, предупредуваат аналитичари и правни експерти

https://p.dw.com/p/1EYtM
Фотографија: MAKFAX

Од изненадување и неверување, преку целосна осуда за чинот на Заев, па се до шеги и фотомонтажи на социјалните мрежи...Широк и различен е опсегот на ракциите во македонската јавност, откако вчера (9.02) лидерот на опозицискиот СДСМ, ги обелодени првите сознанија од големиот и долгонајавуван пакет компромитирачки докази за власта, наречен „бомба“. Со првиот „плотун“ Зоран Заев го пласираше тврдењето дека Управата за безбедност и контразаузнавање (УБК) е претворена во прислушкувачки монструм, чија мета биле над 20.000 граѓани.

„Овде е целата опозиција, пред сé, првенците на опозицијата, но и нивни блиски луѓе. Овде се новинарите, овде се бизнисмените, овде се невладините организации и граѓанскиот сектор, овде се МАНУ, овде е Светиот Синод, Исламска верска заедница, судството... Заборавив некој?“, реторички праша Заев.

Заев нека докаже на суд

Прва на ваквите обвинувања реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со став дека Заев е дел од креирано сценарио во интерес на трета страна која не и сака добро на Македонија.

„Заев денеска започна со реализација на објавувањето разни материјали за кои и самиот го извести премиерот Груевски дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби. Заев само продолжува да тоне, и полн со контрадикторности и небулози, сака да направи цела македонска јавност, вклучително и неговите сопартијци, да се држат во заложништво, и јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните. Заев има една очигледна, проѕирна и површна намера да се претстави и себеси како жртва и тоа во ситуација, кога тој не е ништо друго освен марионета, која што работи и делува во функција на туѓи интереси“, оцени ВМРО-ДПМНЕ. Партијата уште еднаш го повика Заев, ако постојат какви било материјали, за кои се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување на кое било лице, да ги достави до надлежните институции за понатамошно постапување и правна завршница во транспарентна и законска процедура.

Според извори во опозицијата, СДСМ има цврсти докази дека незаконското прислушување било реализирано од УБК, а според извори во истрагата, последните двајца уапсени, осомничени за шпионажа и за насилство кон државни функционери, веќе „признале се“ и ќе бидат клучни сведоци за чии интереси работеле другите четворица осомничени. Помошникот министер во МВР за односи со јавноста, Иво Котевски, вели дека не е работа на МВР да ги коментира обвинувањата на СДСМ.

„Осомничениот има слобода во своја одбрана да каже што сака, но се разбира, тоа ќе треба и да го докаже. Да потсетам, лицето кое ги искажува тие обвинувања е четвртоосомничено во исклучително сериозен предмет, по спроведена исклучително опсежна истрага под оперативно име „Пуч“ и заедно со уште пет лица се товари за исклучително тешки дела. За тоа полицијата има голем број докази прибавени во соодветна законска постапка“, потенцира Котевски.

Да не се премине „црвената линија“

Голем дел од аналитичарите засега се воздржуваат од оценки за првите обвинувања од опозицискиот кампус. Велат дека ќе чекаат да ги слушнат сите сознанија, за да можат да изградат релевантна оценка. Но, без исклучок посочуваат дека мора да се внимава со презентацијата на прислушкуваните разговори, за да не се премине „црвената линија“ и да се „екранизира“ нечија приватност. Според нив, најголемиот контраефект би можел да се случи токму на таа линија - ако посакуваното правно дејство на бомбата се тривијализира и заврши како трач-забава.

Politischer Dialog in Mazedonien
Никола Груевски и Зоран ЗаевФотографија: Amalia Oganjanyan

И коалициските партнери на Груевски со внимание ги следат настапите на опозицијата. ДУИ, која за акцијата „Пуч“ се огласи дури по два дена, овојпат реагираше експресно.

„ДУИ со внимание ги следи последните случувања на политичката сцена во Република Македонија. Го осудуваме секое дејство кое е во спротивност со владеењето на правната држава и основните права на граѓаните. Сметаме дека сите прашања треба да се решат на транспарентен начин и по институционален пат. Ги повикуваме сите политички чинители да се однесуваат разумно и одговорно, во и онака напнатата политичка сосотојба во земјата“, соопшти ДУИ.

Загриженост од продлабочувањето на поделеноста во општеството изрази и Лилјана Поповска, лидер на владејачката партија на зелените, ДОМ.

„Ужасно непријатно е сознанието дека граѓаните биле прислушкувани и дека е нарушена нивната приватност. Во оптек се две спротиставени тврдења за тоа кој е организатор на тие незаконски дејствија и јавноста ќе мора да дознае кое тврдење е вистинито. Ова е голем предизвик за судската власт, чиј кредибилитет е сериозно нарушен. Затоа сметам дека најдобро ќе биде паралелно со најавените судски процеси, да се дебатира и во Парламентот, евентуално и преку Анкетна комисија. Ова би било еден вид гаранција за објективна судска разврска. Се разбира, со вклученост на сите политички партии. Каков и да биде исходот, штетата за државата е веќе направена. Особено загрижува натамошното продлабочување на поделбите во граѓанското ткиво. Во секој случај, официјален став ќе заземеме на седница на органите на ДОМ“, потенцира Поповска.

Правото над политиката

Д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија (ТИ-М),

укажува дека политичките битки мора да се водат на основа на владеење на правото, затоа што само на тој начин ќе се обезбеди единството, а граѓаните ќе имаат доверба во институциите.

„Правото и политиката создаваат посебна слики на реалноста. Понекогаш се преклопуваат, понекогаш се различни. Сепак, постои нешто што правото никогаш не треба да го вклучи во себе, а тоа е селективноста и донесувањето одлуки врз основа на политички критериуми. Тоа доведува до поделба на 'наши' и 'ваши' или до најрадикална поделба на пријатели и непријатели. Кога надвладува последното, тогаш политиката надвладува над правото и ја намалува автономијата на владеењето на правото. Она што ме загрижува, е дека повторно политиката ќе надвладее над правото и ниту едно од актуелните случувања нема да има правна разрешница. Македонија стана држава во која незаконски се прислушкува, а за тоа никој не одговара; се фалсификуваат избори и лични документи без да се знае кој е одговорен; се трошат милиони со прекршување на законската процедура и повторно никој не е одговорен. За жал, во изминатите години бевме сведоци на заткулисни договори на политичарите за взаемно 'ненапаѓање', односно ниту еднаш не се случи оние кои дојдоа на власт до крај да ги расчистат криминалите од претходните. Тоа веќе стана модел на однесување“, квели Тасева.

Johannes Hahn EU Kommissar für Regionalpolitik
Еврокомесарот Јоханес Хан следната недела доаѓа во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa

Според правните теории, укажува таа, правото во однос на политиката може да биде цел, средство или пречка.

„Во првиот случај, некои законски вредности можат да бидат цел и политичкото разбирање на тие вредности станува автентично правно разбирање за нив. Во овие случаи политиката ги остварува своите цели на сметка на владеење на правото. Во вториот случај, политичарите можат да го користат правото за постигнување на определен политички интерес. Во таквите случаи политиката е неутрална во својот однос кон правото, а автономијата на законот е загарантирана преку највисоките судски инстанци, со цел да се спречат незаконските активности на политичките актери. И конечно, политиката може на законот да гледа како на пречка на патот кон остварување на некои политички цели. Вo такви случаи или политиката надвладува над правото или обратно. Кај нас, очигледно е дека ќе има уште многу случаи за кои владејачката гарнитура ќе треба да се соочи со правните процедури и со владеењето на правото. Но тоа е можно само ако судниците не претворени во арена за политички битки, арена во која однапред се знае кој е победникот, затоа што политиката на судниците гледа само како средство во остварување на политичките, а неретко и лични цели“, констатира Тасева.

Хан ќе се информира, па ќе коментира

Од Брисел и натаму стигнуваат пораки на длабока загриженост за политичката ситуација во Македонија. Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, кој треба да пристигне во Скопје следната недела, порачува политичките проблеми да се надминат во Парламентот.

„Како и секогаш, ги охрабрувам сите политички партии да ги решат проблемите преку политички дијалог во парламентот, а не на друго место. Не сакам да коментирам во моментов, бидејќи сакам таму да се информирам повеќе за најновите случувања“, изјави Хан.

По објавувањето на случајот „Пуч“, Брисел неколку пати упати длабока загриженост околу неизбалансираниот третман од страна на медиумите и на државните институции. Тие повикаа на фер и транспарентен процес, каде ќе се почитува презумпцијата на невиност и независноста на судството.