1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата на Ангела Меркел против национализмот

Џеферсон Чејс
11 март 2017

Ангела Меркел е најсилна поддржувачка на ЕУ во кругот на 28 земји членки. Најсилен непријател на тоа се националните чувства. Сепак од нив не е ослободена ни самата Меркел, смета Џеферсон Чејс.

https://p.dw.com/p/2Z29K
Deutschland Merkel Regierungserklärung vor dem EU Gipfel
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Поднесувањето на извештајот за работата на владата на Ангела Меркел би можело кратко и јасно да се сумира: да се укори Турција, да се игнорира Трамп, а кога станува збор за Тереза Меј едноставно да се почека.

Спроти Самитот на ЕУ во Брисел, кој важеше за подготовка на големиот јубилеен самит кој ќе се одржи во Рим, на 25 март, беше всушност темата на настапот на Ангела Меркел во Парламентот. Сепак, канцеларката посвети незначителен дел од својот говор за една многу национална тема: споредбите на Сојузна Република Германија со нацистичка Германија од страна на високоранирани турски политичари предводени од претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Тие споредби, како што правилно кажа Меркел, се толку апсурдни што таа всушност смета дека секаков коментар за нив е излишен. Всушност, фактот дека Меркел потоа сепак коментираше,  упатува уште еднаш на тоа дека и во ерата на глобализација националното расположение може да биде со екстремен емоционален набој. Тоа е можеби најголемиот проблем кој Меркел и ЕУ во блиска иднина мораат да го надминат.

Пофалба за еден пациент

И покрај убавите зборови на Ангела Меркел упатени кон ЕУ, која таа ја фали како „единствена успешна приказна“ и како гарант за европски мир и стандард, десничарскиот популизам се заканува да ја подели Европа по рабовите, нејзините национални граници. Нема консензус за бегалската политика. Избирачите во Велика Британија одлучија земјата да излезе од ЕУ. Се шири страв дека десничарските популисти можат својата моќ по претседателските избори во Холандија, Франција и Германија значително да ја прошират и под одредени околности дури и да формираат влада.

Chase Jefferson Kommentarbild App
Џеферсон Чејс, автор на коментарот

Меркел сака да ги промени работите на подобро. Таа се залага за тоа ЕУ да преземе повеќе одговорност за сопствената безбедност, посебно во регионот на Балкан- и така во најкуса можна форма ја прифати критиката од американскиот претседател Доналд Трамп на сметка на европските партнери во НАТО. И Брегзит го спомена само пред крајот на својот извештај за работата на владата и тоа велејќи само оти ништо не може да се каже пред Британците официјално да поднесат барање за напуштање на ЕУ. Речиси како сѐ уште да се надева дека Британците во последната секунда можат повторно да се вразумат.

Сепак тоа нема да се случи. Иако Меркел се обиде во својот говор да го нагласи она што е позитивно, иднината за неа и за ЕУ е енормно компликувана и не баш розова: Ангела Меркел не може така енергично да реагира на споредувањата со нацизмот кои пристигнуваат од Турција како што таа можеби со задоволство би сакала бидејќи ѝ е потребна владата во Анкара. Само благодарејќи на Договорот за бегалците  меѓу Турција и ЕУ, таа може да го задржи приливот на бегалци во Германија на прегледно ниво и да се надева оти дома со тоа ќе им ги одземе шансите на десничарските популисти. Во прилог на тоа следува: барањата на Меркел за поинтензивна соработка во ЕУ во иднина како одговор на Доналд Трамп се во судир со отпорот на многу Европејци кои повеќе би сакале помалку отколку повеќе Европа.

Со присебност против емоциите?

Типичната присебност на Ангела Меркел нема да биде доволна да ги победи длабоките, национални поделби во ЕУ. Учесниците на Самитот на ЕУ за две недели само сакаат всушност да прослават 60 години од усвојувањето на Римските договори врз основа на кои започна европското единство според сегашниот модел. Но јубилејот се совпаѓа со период во кој националистите во важните земји членки сакаат ЕУ да ја редуцираат на царинска унија или дури во целост да ја укинат.

Германската канцеларка меѓу 28-те шефови на држави и влади во моментов е можеби најсилниот поборник за ЕУ воопшто. Но таа се спротиставува на еден тренд: националното чувство  за голем број Европејци останува екстремно важно. Дури и говорот на Меркел делумно беше одбележан од тоа. А токму таквите националните емоции се оние против кои ЕУ во одредени земји членки сега силно треба да се бори.