1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбите за Мосул сѐ пожестоки, сѐ повеќе цивили во бегство

СН/ агенции
5 ноември 2016

Ирачките елитни единици денеска повторно се вклучени во жестоки вооружени пресметки со борците на Исламска држава во Мосул. Од почетокот на офанзивата од градот избегале речиси 30 илјади цивили.

https://p.dw.com/p/2SD6s
Irak irakische Truppen kämpfen gegen IS südlich von Mossul
Фотографија: REUTERS/T. Al-Sudaini

Илјадници Ирачани продолжуваат да бегаат од Мосул. Од почетокот на офанзивата на ирачките сили на 17 октомври од градот избегале речиси 30 илјади цивили. Некои семејства кои пристигнаа во бегалскиот камп Казер повторно беа обедините со своите роднини, кои избегаа од градот уште во 2014 година кога терористичката милиција Исламска држава го освои Мосул. Во изминатите неколку денови илјадници цивили пристигнаа во Казер, источно од Мосул, додека ирачките специјални сили ја спроведуваат офанзива за преземање на контролата врз упориштето на Исламска Држава.

Според процените меѓу три и пет илјади борци на Исламска држава се наоѓаат и натаму во пространиот град, втор по големина во Ирак, каде и натаму останаа блокирани повеќе од милион цивили. Според некои извештаи борците на ИД ги користат цивилите како човечки штит против напредувањето на ирачката армија.

Солзите на бегалците од Мосул

Ирачките сили кои вчера успеаја да напредуваат кон урбаните делови на истокот и на југозападот на Мосул, денеска и натаму наидуваат на жесток отпор од страна на џихадистите. Тие имаат поставено бариери и подметнато мини на улиците за да се забави напредувањето на ирачките војници кои денеска под постојани престрелки ги расчистуваат објектите во овие делови на градот. Во изминатите три дена беа интензивирани и воздушните напади на антитерористичката коалиција предводена од САД, како подготовка за напредувањето на ирачките трупи.

Ирачките сили денеска пријавија и успешна операција за освојување на единственото преостанато важно место во близина на Мосул, кое беше под контрола на џихадистите. Хамам ал Алил, кој се наоѓа на 15 километри јужно од Мосул е целосно ослободен а ирачките знамиња се развиорени на административните згради во градот, соопштија претставници на ирачката војска.