1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците пред тешка одлука: Џонсон или Корбин?

Барбара Везел
12 декември 2019

Се сметаат за избори клучни за идната ориентација и политичка иднина на земјата, поради Брегзит. Конзервативците и Лабуристите ветуваат инвестиции од милијарди, но нивните врвни кандидати имаат проблем со довербата

https://p.dw.com/p/3Ufxv
England TV-Duell | Jeremy Corbyn und Boris Johnson
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/BBC/J. Overs

Кандидатите се борат до последен метар.  Борис Џонсон  во последниот дел од предизборната кампања посети пред се` изборни единици каде што Лабуристите тесно водат, а се гласало про Брегзит. Мора да ги придобие гласачите во места како Дјусбури во Западен Јоркшир. Џереми Корбин пак се обидува да го одбрани „црвениот ѕид" на партијата во Мидлендс и на север и да придобие млади гласачи во универзитетските градови како Бристол. Предноста на Ториевците, која со недели беше стабилна, во изминатите денови се намалува и тоа предизвикува нервоза во редовите на владејачката партија. Според анализите, околу една петтина од гласачите се и натаму неодлучни. Никогаш досега врската со партиите не била толку „лабава”, ниту општата фрустрација толку голема. „Се исклучив и да бидам искрен веќе не се ни концентрирам на тоа што се случува" е одговорот на еден случаен минувач во центарот на Лондон, кој го отсликува ставот на многумина.

Здравствениот систем како борбено поле

Сликата од 4-годишниот Џек, веројатно заболен од воспаление на белите дробови, кој во болницата во Лидс мораше да лежи на земја бидејќи немало слободен кревет за него, во понеделникот го стави  Џонсон под голем притисок. Еден новинар во интервју со Џонсон го извади мобилниот со сликата од детето, но наместо да се извини за условите, премиерот го бутна телефонот в џеб. Дури по упорните прашања призна дека сликата била „ужасна".

UK Wahlen l Wahlkampfveranstaltung bei der JCB Baufirma - Boris Johnson
Џонсон, кој стана премиер преку интерно гласање кај Ториевците, за главна цел има спроведување БрегзитФотографија: Getty Images/C. Furlong


По десет години конзервативна влада и цврст курс на штедење, здравствениот систем е пред колапс. Неверојатно долго се чека во ургентните центри, недостигаат кревети во болниците, персонал и опрема. Ториевците ветуваат подобрување на состојбите и тоа дека ќе градат 40 нови болници и ќе вработат илјадници нови сестри и лекари. Но, проверката на фактите од страна на британските медиуми покажа дека ветувањето не е многу издржано: ветените инвестиции не би биле доволни ни за да ги изедначат претходните кратења, новоградбите всушност би биле само реновирања и лекари едноставно нема.
Ториевците тука се соочуват со проблем на веродостојноста. Дополнително на тоа има кавга за можни планови за приватизација доколку Велика Британија по Брегзитот склучи трговски договор со САД. За многу Британци тоа е толку загрозувачка околност што Трамп на маргините на самитот на НАТО изјави дека не би сакал да се меша во националниот здравствен систем, па макар му бил понуден „на сребрен послужавник".
Тука Лабуристите јасно водат. Гласачите имаат повеќе доверба во нив што се однесува до здравството. Ветуваат четири проценти годишно повеќе издатоци за здравствениот систем, што е повеќе од она што го планираат Конзервативните, како и повеќе милијарди за социјала, при што ниту кај Џереми Корбин, ниту кај Борис Џонсон не е јасно од каде мислат да ги најдат дополнителните средства.

Сѐ се врти околу Брегзит

Иако за многумина Британци клучен може да биде здравствениот систем, сепак многу нешта укажуваат на тоа дека овој пат главно се работи за Брегзит.  На Лабуристите во кампањата не им успеа да ги наметнат темите како социјалната неправда, пропаднатите училишта или преоптоварената железница. Ставот на Џереми Корбин за Брегзитот, прво да се преговара со ЕУ, потоа да се оди на втор референдум, е погрешен потег. Тука Џонсон поентира со слоганот „Да го истераме Брегзит до крај", иако ветува многу нешта кои веројатно нема да може да ги исполни, како на пример тоа дека следното лето нема да бара продолжување на преодниот период и дека за 11 месеци ќе може да склучи договор со ЕУ за слободна трговија. За тоа имаат дилеми преговарачите во Брисел, но и сопствените експерти на Џонсон. Тој исто така тврди дека планираната регулатива за Северна Ирска нема да повлече гранични контроли, а всушност е обратно. Но, таквите детали и поединечни помали и поголеми лаги по пат изгледа дека нема да играат улога. „Ставаме крај на несигурноста", ветува Џонсон, „ќе го спроведеме она за што гласавте" и „ние сакаме да одиме напред" се неговите стандардни слогани. Тие пак наидуваат на слух, бидејќи дури и меѓу луѓето кои го одбиваа Брегзит, сега веќе владее расположение дека темата мора конечно да се затвори. Во најновиот изборен спот Ториевците и нивните стратези мудро ги користат таквите чувства. Во позадина се врти божиќна музика и Борис Џонсон со заводничка насмевка на една гласачка и` покажува плакати „Со малку среќа… ќе го доведеме Брегзит до крај… ако парламентот не го закочи повторно…или ако не победи другион". Тоа е сцена од популарен британски филм, иако една лабуристка тврди дека Ториевците и` ја украле идејата. Таа истата сцена уште минатиот месец ја користела во својата камапања. Но, за такви обзири во оваа предизборна кампања полна лаги и фејк-њус едноставно нема простор.

Großbritannien | Wahlkampf Jeremy Corbyn
На Џереми Корбин неодлучноста во поглед на Брегзит му носи негативни поениФотографија: Getty Images/A. Devlin

Кандидатите имаат свои слабости

Борис Џонсон има проблем со жените. Редовно не одговара на прашањето колку деца има, а познат е и по бројни неверства. Последната позната афера со бизнисменката Џенифер Акури зборува за кризен и шарен љубовен живот. Сепак другите показатели за неговиот мачо-став се посилни: како на пример кога во Долниот дом ги отфрли обвинувањата на еден пратеник за ширење говор на омраза во социјалните медиуми како „празни глупости“ или кога неговите противници ги навреди опишувајќи ги како „лакташи“. Според истражувањето на институтот ЈуГов, само 38% жени го сакаат Борис Џонсон, наспроти 46% мажи.

Џереми Корбин пак има проблем со неговото еврејско гласачко тело. Со децении верни на Лабуристите, во меѓувреме две третини од еврејские гласачи сакаат својот глас да го дадат на друга партија. Причината: кавга за антисемитизмот во партијата. Проблемот настана откако партијата под раководство на Корбин екстремно се сврте кон лево. Предоцна партискиот шеф на крајот на кампањата изусти полуискрено извинување. Освен тоа Корбин важи за слабак, непатриот и неодлучен.

На крајот тука е генерацискиот јаз. Мнозинството гласачи под четириесет години порадо гласаат за Лабуристичката партија, а над четириесет се повеќе ториевски гласачи.  Речиси 900.000 нови млади гласачи овој пак ќе имаат право на глас  – две третини од нив сакаат втор референдум, а главни теми во фокусот им се климата и миграцијата. Дали Лабуристите можат да профитираат од овој бран млади гласачи? Британскиот мнозински изборен систем е ноторно непредвидлив, бидејќи на крајот во одредена изборна единица може 50 гласови да бидат одлучувачки за едната или другата страна. „Победникот презема сѐ“, се вели овде, а Борис Џонсон се гледа себе си како победник.