1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Бугари и изборите: Против лаги, за „зелени“ решенија

Александар Детев
9 јули 2021

По неуспехот за формирање влада во Бугарија, во недела се одржуваат нови избори. Младите Бугари сакаат да гласаат за нова генерација политичари кои се борат против корупцијата и сиромаштијата.

https://p.dw.com/p/3wFdi
Bulgarien Wahlen
Фотографија: Sonja Kanikova/DW

„Итно ни е потребна дигитализација, реформи во правосудството и зголемување на пензиите“, вели Даниел Јанев. Овој 26-годишен Бугарин живее во Берлин. Сепак, тој летото 2020 активно учествуваше во протестите против тогашната влада. „Едноставно не можам да прифатам дека Бугарија не е во можност да го користи својот економски потенцијал и затоа животниот стандард и натаму е далеку под ЕУ просекот“, вели Јанев за ДВ. „И сето тоа поради распространетата корупција и начинот на кој се трошат јавните пари во Бугарија.“

На 11.07.2021 Бугарите по вторпат годинава ќе излезат на гласање, откако на претходните избори во април никој не успеа да оформи влада. И повторно младите граѓани кои минатата година излегоа на улица се цврсто решени да го дадат својот глас за конечно да предизвикаат промени во балканската држава во која владее корупција. Па дури и ако овојпат за тоа треба да го прекинат летниот одмор.

Daniel Yanev | Gründer bulgarische Bürgerinitiative Lügst du?
Даниел ЈаневФотографија: Privat

Заедно со пријатели Даниел ја основаше платформата за проверка на факти „Лажеш ли?“. За време на изборната кампања преку неа се проверува дали политичарите даваат лажни или манипулативни изјави и резултатите се објавуваат јавно, онлајн. „За нас е особено важно да ги провериме изјавите кои се однесуваат на економијата и здравството“, вели Даниел. „Погрешни информации на овие теми се особено опасни.“

Даниел веќе решил на која партија ќе ѝ го даде гласот, но понекогаш се чувствува несигурен бидејќи и членовите на „неговата“ партија не секогаш ја кажуваат вистината. „Со работата на платформата ‘Лажеш ли’? особено ми се изостри критичкото мислење“, констатира Даниел.

Повеќе:

„Бугарија мора да го промени имиџот на корумпирана држава“

ЕУ игнорира недостатоци во правната држава во Бугарија

Ќе донесат ли изборите во Бугарија решение за ветото на Софија?

Boris Bonev, - Gründer der bulgarischen NGO "Rette Sofia"
Борис БоневФотографија: Rette Sofia

Под товарот на корупцијата

„Корупцијата е најголемото зло во нашата држава“, вели и Борис Бонев. Во 2015-тата тој заедно со други млади активисти ја основаше „Спаси ја Софија“, невладина организација која ја следи и критикува работата на градоначалникот и администрацијата во главниот град.

„Спаси ја Софија“ и Бонев, кој студирал економија и иновациски и технолошки менаџмент во Париз, постојано даваат предлози како Софија може да стане модерен, иновативен и еколошки град. Овој 33-годишник како независен кандидат во 2019-тата се кандидираше за градоначалничката функција и доби над 10% од гласовите.

Битката почнува во Софија

Победите на опозицијата во унгарскиот главен град Будимпешта и во турската метропола Истанбул му се потврда на Бонев дека уривањето на коруптивниот систем како оној кој во изминативе години го инсталирал поранешниот премиер Бојко Борисов, мора да започне од големите градови. „Борбата за Бугарија почнува во Софија“, убеден е Бонев.

Bulgarien Protest gegen die Korruption in Sofia
Корупцијата е најголемото зло во нашата држава, вели Борис БоневФотографија: BGNES

Според последниот корупцискиот индекс на Транспаренси Интернешнл, корупцијата на владино ниво е проблематична за 90% од Бугарите. „На луѓето им е преку глава да живеат во највалканите и најхаотични градови во Европа, со влада водена од корупција, наместо од разумни одлуки“, вели Бонев.

Зелени решенија

Невладината „Спаси ја Софија“ на Бонев им даде поддршка на девет кандидати од „Демократска Бугарија“ (ДБ). Ова е сојуз во кој е вклучено и „Движењето на зелените“. Со влез на ДБ во парламентот по изборите во април 2020 година Бугарија за првпат по 1990 година избра пратеници од редот на Зелените. Пет од девет кандидати на ДБ, кои ги поддржува „Спаси ја Софија“ се претставници на бугарските Зелени.

Bulgarien | Smog in Sofia
Смог во СофијаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

„Нашата организација е дел од таканаречениот зелен бран во Европа,“ вели Бонев. Тој е уверен дека на Бугарите, пред сѐ во главниот град Софија, итно им се потребни зелени решенија. „Борбата против загадувањето на воздухот, која годишно коси по 900 животи во Софија, ни е еден од главните приоритети. Втората важна цел е намалување на сообраќајот на автомобили што може да се случи само со понуда на алтернативни решенија.“

26-годишниот активист Даниел Јанев исто така е во потрага по алтернативи. Тој верува дека на Бугарија ѝ е потребна нова генерација политичари – модерни, млади и независни. „На претстојните избори ќе ги поддржам кандидатите кои се експерти и немаат дубиозно минато.“ Според Јанев, вакви луѓе не ѝ се потребни само на бугарската политика, туку и на економијата на оваа држава членка на ЕУ.