1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија по изборите: Нова влада или нови избори?

Јасен Бојаџиев
12 јули 2021

Се одржаа најмирните и чисти избори досега без никакви проблеми. Спротивно на лажниот плач на бившите властодршци. Но ќе има ли овојпат влада? Или Бугарите наскоро ќе гласаат на нови избори?

https://p.dw.com/p/3wMjw
Bulgarien Wahl Parlamentswahl 2021
Фотографија: Spasiyana Sergieva/REUTERS

Ситуацијата во Бугарија по изборите на 11 јули многу потсетува на онаа по гласањето на 4 април. Но сепак, шансите новиот парламент да избере редовна влада изгледаат малку поголеми. Таканаречените протестни партии (или поголемиот дел од нив) значително си ги зголемија резултатите, но не доволно, за да обезбедат мнозинство и да управуваат без да зависат од други. Тоа е веста од новите избори, спроведени само три месеци пред претходните.
Инаку, како што можеше и да се очекува, надежта дека по сила на инерција новите избори ќе донесат некаква коренита промена, се покажа претерана. И сега во парламентот влегуваат 6 партии, без изгледи за јасно исцртано и реално- од политичка гледна точка- мнозинство. 
Сепак, поради малку различниот однос на силите, сега веројатноста новиот 46-ти парламент да избере Влада (макар и малцинска) е малку поголема одошто по изборите на 4 април. Воопшто притоа нема да биде чудно, доколку повторно се најдеме пред нови парламентарни избори- трети годинава. Во секој случај, се уште е прерано да се каже дека „земјата свртела нова страница“ и дека започнатата промена станува суштинска и неповратна. 

Како стигнавме дотука

Првото место на изборите е најспорно. Во различни фази од пребројувањето на гласовите водеше коалицијата ГЕРБ-СДС или Има таков народ (ИТН). Во крајна линија, дури и ГЕРБ повторно да победи на изборите, таа „победа“ би била залудна. Откако на претходните избори таа партија загуби 8% или речиси 400.000 гласови, сега нејзиното пропаѓање (и сведување на најтврдото јадро) продолжува со загубени (во моментов) уште 3-4 процентни поени и повеќе од 10 парламентарни мандати. Парламентарната и политичка изолација во која западна оваа партија по изборите во април, сега ќе се продлабочи, а улогата и во новиот парламент ќе и биде незначителна.

Bulgarien Bojko Borissow, ehemaliger Premierminister
Партијата на Борисов нема да игра никаква улога во новиот парламент. Фотографија: BGNES

Последниве недели ГЕРБ и нејзиниот лидер се потпреа на фантазмагорични лаги како основно орудие во предизборната кампања. Тоа оружје, сепак, се покажа слабо на фонот на фрапантните откритија на обвинителството за претходната влада. Всушност, пропаста на таа партија ќе беше уште поголема да не беше ниската излезност на изборите. Една од причјите за тоа е, што на десетици илјади Бугари кои избраа да летуваат во Бугарија им беше одземена можноста да гласаат (за разлика од оние кои заминаа на одмор во Грција, на пример). 
Ниската излезност и летната сезона веројатно ја спречија Има таков народ да постигне уште подобар резултат. Сепак, таа повторно собра најголем дел од протестните гласови и во однос на изборите на 4 април го зголеми резултатот за 4% и околу 10 мандати. А откако ќе се пребројат и гласовите од дијаспората, се очекува и дополнително зголемување. 
По тој показател, најголем победник на овие избори е здружението Демократска Бугарија. Во споредба со претходните избори тие освоија 40% повеќе гласови и мандати. Третата протестна партија- Исправи се! Мафија надвор!- си го потврди местото во парламентот, што е успех сам по себе. Социјалистите (БСП), пак, ја продолжија својата надолна линија. Тоа за последен пат го покажа недостатокот на каква и да е перспектива во политичката линија усвоена од раководството на таа партија, која се повеќе се оддалечува од модерната европска левица. 

Bulgarien Wahlkampf | Plakat der Partei "Es gibt ein solches Volk"
Изборен плакат на Има таков народ. Фотографија: Mariya Ilcheva/DW

Кој ќе владее?

Како и по претходните избори во април, математички возможните мнозинства и во новиот парламент изгледаат политички неприфатливи, самоубиствени за некои од потенцијалните учесници и затоа- целосно нереални. Делува дека единствениот можен одговор на прашањето „кој ќе владее?“ е: малцинска влада, поддржана од трите протестни партии. Во минатиот парламент тие имаа 92 пратеници. Сега повторно остануваат под границата од 121 пратенички места за формирање апсолутно мнозинство. Само што лидерот на ИТН, Слави Трифонов денеска веќе соопшти дека неговата партија нема да прави коалиција. Според него, последниве години, „коалиција“ станал „лош збор“. 
Очигледен е недостатокот на политички опит во редовите на Има таков народ. А и малцинска влада е „тенка работа“, затоа што треба да се обезбедува мнозинство секој пат за секоја одлука. Со секој неуспех во тој однос веројатноста од нови избори ќе расте. Доколку воопшто се стигне до формирање на таква влада. 
„Нема ништо страшно ако има и трети и четврти избори“, велат од ИТН. Всушност, има многу страшно. И за државата која, оставена без парламент, може навистина да биде доведена до дното. А и за самите партии кои не смеат да претеруваат, играјќи си со трпението на гласачите. 
На крај, две думи за електронското гласање. Веројатно заради тоа, ова беа најмирните и најчисти избори досега, без никакви проблеми. Спротивно на лажниот плач на поранешните властодршци кои ја губат власта. Впрочем, тоа е можеби и втората главна причина за ниската излезност- едноставно купувањето и продавањето на гласовите не се случи, а навикнатите на таа трговија (десетици и стотици илјади) воопшто не излегоа да гласаат. 

Yassen Bojadzhiev
Јасен Бојаџиев, колумнист на бугарската редакција на ДВФотографија: privat