1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поисплатливо е да се плаќа данок, отколку да не се плаќа

16 февруари 2019

Бугарија добро ги оданочува фирмите, се констатира во една нова студија. На тој начин земјата ја запре сивата економија, објаснува за ДВ економистот Красен Станчев.

https://p.dw.com/p/3C5mM
Wirtschaftsexperte Krassen Stanchev Bulgarien
Фотографија: BGNES

ДВ: Професоре Станчев, Зелените во Европскиот парламент објавија студија, во која се тврди дека Бугарија е единствената земја која ги оданочува големите концерни со полна даночна стапка. Како го објаснувате ова?

Станчев: Многу е едноставно: во Бугарија е поисплатливо да се плаќа данок, отколку да не се плаќа. Студијата на колегите од Карловиот универзитет во Прага и на Зелените во Европскиот парламент се поклопува со сознанијата од една студија која ние ја објавивме уште во 2005/2006 година. Дотогаш во Бугарија беше како и во остатокот на ЕУ - се плаќаа само 12,9% од даночните средства кои требаше да бидат собрани. Затоа во 2007/2008 година го воведовме рамниот данок од 10 проценти.

Со неговото воведување се зголемија приходите од даноците и исчезна голем дел од сивата економија. Во извештаите на ОЕЦД година за година може да се прочита дека во Бугарија процентуално се собира исто толку корпоративен данок како и во Германија и другите ЕУ-земји, но со многу помалку расходи. Нивото на платен корпоративен данок во Бугарија денес може да се спореди со нивото во Германија и Данска.

Дали рамниот данок има и други предности?

Да, во Бугарија речиси и нема судски постапки за неплаќање данок.

Има ли рамниот данок можеби и слаби страни?

Не, според мене нема слаби страни. Минатата година бев еден од авторите на книгата „Рамниот данок во Бугарија“. Тоа е биланс на последните 10 години од воведувањето на рамниот данок. Направивме споредбена анализа на статистичките податоци од Бугарија, Евростат и ОЕЦД и излегува дека Бугарија сои навистина добро.

Во студијата на пратеничката група на Зелените од ЕП се работи за големите концерни. Кои големи концерни се присутни во Бугарија?

Тоа се големите европски банкарски групации, некои енергетски компании од САД, а индиректно се присутни и повеќето големи софтверски компании и коцерни од областа на електрониката и интернет услугите.

Професор Красен Станчев предава економски науки на универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.