1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ваксери и антиваксери во жестока „битка“

ДТЗ
9 август 2021

Рестриктивните мерки за Делта-сојот тропнаа на врата. Додека едни ги поддржуваат, други „удрија“ по рестрикциите со редица обвинувања за кршење на човекови права.

https://p.dw.com/p/3yk9e
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Рестриктивните мерки коишто се најавуваа како одговор на Дејта-сојот тропнаа на врата. Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, како и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани. Додека едни ги поддржуваат мерките и сметаат дека се дури и задоцнети со оглед на бројката на заразени и починати која констатно расте, други, пак, удрија по рестрикциите со редица обвинувања за кршење на човекови права, за поделби на народот, дискриминација и повреда на Уставот. 

Што предвидуваат мерките? 

Рестриктивните мерки веќе подого време се најавуваа од страна на надлежните. Првичните прогнози беа дека тие би моеле да се воведат во септември, но четвртиот бран на коронавирусот зеде замав во екот на летната сезона, Свадбите, масовните собирања, журки, летните одмори го направија своето. Бројките на заразени секојдневно раснат, болниците се полнат со пациенти на кои им е неопходна кислородна поддршка, бројот на починати расте, а вчера имаше дури четири смртни случаи, меѓу кои и на 29 годишна родилка од Куманово. 


Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека последните мерки биле најавувани подолго време, иако за јавноста дојдоа сосема неочекувано. „Воопшто не е доцна за овие мерки, ова се работи кои ги најавувавме и го чекавме моментот. Евидентниот раст на број на пациенти започна и сметаме дека е добар период, бидејќи доаѓа период на месеци кога поголем број на луѓе ќе бидат во затворено“, вели тој. Филипче смета дека вакцината е единствениот механизам со кој може да се смени сликата на пандемијата.

-повеќе на темата: Претстои нова битка: со вакцини и рестрикции против Делта сојот?

Анализите кои беа изработени изминативе денови од Институтот за јавно здравје укажуваат дека вирусот пред се се шири кај невакцинираните, при што над 90 отсто од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна опфатот со вакцинација е под 20 проценти во Тетово. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено, кои ги има многу во овој регион, а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред се носење маски на затворено. Од анализата на ИЈЗ за изминатиов период, како што потецираа, од оние кои биле целосно вакцинирани само 11 пациенти досега се хоспитализирани и само 167 од преку 400.000 вакцинирани граѓани се инфицирале.

Nord Mazedonien Corona Impfung ohne Termin in Skopje
Бројките на заразени секојдневно раснат, болниците се полнат со пациенти на кои им е неопходна кислородна поддршка.Фотографија: Petr Stojanovski

Што велат лекарите? 

„Кога станува збор за Делта сојот, на сите во светот им стана јасно дека не може да се смета само на вакцинацијата, која мора да се интензивира. Но, неопходни се и повремени рестрикции во ситуации каква што е нашата актуелна“, вели епидемиологот Драган Даниловски. Тој смета дека низ личен опит, сите скептици полека сами ќе увидат дали треба или не треба да се вакцинираат – без принуда, без барање какви било потврди.
Тој укажува дека во пресрет на есента, треба да се фаворизира вакцинацијата на постарите граѓани и хроничните болни. „Процентот на вакцинирани само со една доза во возрасните групи преку 50 години од околу 60% е недоволен. А колку меѓу нив се со две дози? “, прашува тој.

Според него, целисходно може да биде барање на негативен антигенски (рапид) тест за вакцинирани, невакцинирани и прележани, бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови. „Или, може да се бара потврда со број на антитела – независно дали се работи за прележани или вакцинирани со една или две дози! Зошто? Затоа што, многумина кои формално имаат потврда дека се вакцинирани со две дози, може да се случи да имаат нула антитела! И со потврдата ќе одат на свадба, во кафеана... и ќе го шират вирусот - подмолно“, објаснува Даниловски. 

-повеќе на темата: Во Европа се разгорува спорот околу задолжителната вакцинација

Имате право да не се вакцинирате и со тоа самите да ризикувате инфекција и болест. Но, немате право да не се вакцинирате и да го загрозувате правото на живот и правото на нестрадање на други луѓе. Ова е пораката којашто ја испрати доктор Горан Кунгуловски. Тој вели дека изборот е: вакцинација и следење на сите препораки и казни за неследење на препораките за вакцинирани луѓе. Истото важи за прележаните. Вториот избор е невакцинација и прифаќање на сите препораки и казни за неследење на препораките за невакцинирани луѓе. И трето, невакцинација и иселување од цивилизацијата или друг тип на немешање со луѓе, вели Кунгуловски.

Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Имате право да не се вакцинирате и со тоа самите да ризикувате инфекција и болест. Но, немате право да не се вакцинирате и да го загрозувате правото на живот и правото на нестрадање на други луѓе,порачуваат докторите.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Индивидуалната слобода е највредното нешто што една личност го има - правото за слободен говор, слободно движење, слободна љубопитност, слободна љубов. Се додека таа слобода не го загрозува правото на живот на останатите во заедницата. Тогаш животот зазема преседан, укажува тој. Во време кога вакцината драстично ја намалува веројатноста за зараза, а со тоа и веројатноста индиректно да се заразат други луѓе без да знаеме, најморалниот и најодговорниот акт е јасен - вакцинација, апелира Кунгуловски. 
За дел од медицинарите спорни се сертификатите за вакцинација коишто се најавуваат како еден вид пропусница за „нормален живот“. „Јас сум против сертификати, така да освен поддршка за забрана на свадби итн во затворено, друго не би коментирал. Свадби во затворено не требаше да се дозволат, контрола на влез во државава требаше да има и немаше да има експлозија на нови случаи“, укажува професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски. 

-повеќе на темата: Ацески: Казните повеќе ќе ги мотивираат невакцинираните од подароците

Рестрикциите, како една од мерките за заштита од Ковид-19 се дел од мерките коишто ги применуваат и другите земји во светот. Многу земји во светот размислуваат како да ги мотивираат своите граѓани да се вакцинираат против Ковид-19. Социологот Илија Ацески за ДВ неодамна изјави дека најделотворен е системот на награди и казни.
„Кога не ќе можете да патувате и да се качите во авион, да одите во диско и во кафеана, кога ќе ве исклучат од социјалниот живот, и буквално ќе останете надвор од системот, голема е веројатноста дека тоа ќе ве натера да ги послушате апелите за вакцинирање, бидејќи само така ќе ви се отворат вратите за враќање во нормалниот живот“, вели Ацески. Оваа стратегија, според социологот, може да даде и највеќе резултати во борбата со поддржувачите на теориите на заговор. „Мерките на ограничување на социјалниот живот, доколку не се прими вакцина, се најделотворни во случајов. Одговорноста е кај тој што нема да постапи како што му се советува и ќе биде санкциониран доколку ги прекршува правилата“, вели Ацески. 

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Дилеми околу мерките

Владата врз основа на препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука за зајакнати контроли на постоечките анти-ковид мерки, како и целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август. Со владината Одлуката до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на Ковид-19 мерките, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел.
Но, Државниот пазарен инспекторат и угостителите не знаат како ќе ги легитимираат граѓаните дали се вакцинирани или не од 16 август, по донесената одлука на Владата.
„Како ќе се воспостави редарска служба во правни лица кои ја немаат според систематизација и според кое овластување кој било што не е службено лице ќе легитимира за да утврди дали доказот за вакцинација кореспондира со лицето кое го приложува? Ова ја надмина по иновативност мерката да ве идентификуваат угостителите дали вие и лицата со кои седите на иста маса сте од исто семејство, која не можеше да се спроведе“, коментира на својот Фејсбук профил, Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, откако властите најавија дека од 16 август редарски служби ќе ги порверуваат сертификатите за вкацинација на лицата кои ќе учествуваат на настани каде ќе има 30 гости.

-повеќе на темата: Привилегии за вакцинираните во Германија?

Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски за медиумите коментира дек станува збор за бесмислена одлука која ги крши човековите права. Тој вели дека земјава нема закони за редари да смеат да бараат ковид сертификати за влез во угостителски објект.  „Невозможно е секој угостителски објект да обезбеди редарска служба заради контрола на приложување на доказ за вакцинација. Ниту редарите ниту вработените имаат право да вршат идентификација согласно постојните законски прописи“, смета Јосифовски.

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise: Gastronomie muss wieder schließen
Угостителите ќе мора да се подготват од 16 август да ги почитуваат донесените мерки со цел да заштити здравјето на граѓаните. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Угостителите ќе мора да се подготват од 16 август да ги почитуваат донесените мерки со цел да заштити здравјето на граѓаните. Тие имаат средба со министерот за економија Крешник Бектеши по рестриктивните мерки и ограничувања.  „Врвен приоритет секогаш ќе остане здравјето и безбедноста на секој граѓанин и токму повикувајќи се на тоа мото сите треба да ги почитуваме протоколите кои се во сила и да се надеваме дека токму во следниот период ќе се намали и бројот на заразени и на случаи со Ковид -19“, рече Бектеши.
Граѓаните со поделени мисења - некои велат дека рестриктивните мерки задоцниле и требале веќе во текот на летото да се воведат со контроли на границите при влезот на странците, но и на оние коишто заминаа на одмор во земји кадешто беше присутен Делта-сојот. Други пак, велат дека нема да попуштат - преку бројни реакции на социјалните мрежи најавуваат дека ќе се спротивстават на задолжителната вакцинација, која сметаат дека ги крши нивните права и најавуваат протести. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски новите мерки ги оцени како „квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните“.„Овие мерки имаат единствена задача, практично да воведат една таканаречена вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис кој што колку толку започна да функционира, ќе донесат еден вид фрустрација кај граѓаните, посебно оние кои што имаат уставно загарантирано право да изберат дали да се вакцинираат или да не се вакцинираат, иако јас лично сум би рекол за имунизација по пат на вакцинирање“, рече Мицкоски.

Министерството за здравство, пак, информира дека во земјата досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијантата на Ковид-19, која рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па многу е веројатнодека истото ќе се случи и во Северна Македонија. Надлежните апелираат дека ова ја прави вакцинацијата уште поважна и наведуваат дека мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.