1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

100.800 вакцини на АстраЗенека за С. Македонија

ДТЗ
16 март 2021

Кога ќе бидат испорачани вакцините ќе се знае во наредните денови. Епидемилиозите анализираат дека околу 500 илјади вакцини би биле доволни за вакцинација на населението.

https://p.dw.com/p/3qhpR
Weltspiegel 16.03.2021 | Corona | AstraZeneca-Impfstoff
Фотографија: Marco Passaro/Independent Photo Agency Int./imago images

С. Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „АстраЗенека“ од Ковакс-механизмот. Од земјите во регионот, најмногу вакцини ќе добие Србија – 295.200 дози, Албанија ќе добие 120.000 вакцини, а Косово ќе добие исто количество како и Северна Македонија, информираат од Светската здравствена организација за ТВ 24. Босна и Херцеговина ќе добие вкупно 131.400 вакцини, од кои дел од компанијата „АстраЗенека“, а дел од компанијата „Фајзер“. Најавата доаѓа во момент кога повеќе европски земји го суспендираа вацинирањето со „АстраЗенека“ поради сомнеж дека доведува до згрутчување на крвта. Светската здравствена организација вчера ги повика земјите да не престануваат со имунизацијата со оваа вакцина, бидејќи не е пронајдена поврзаност меѓу вакцината и неколку смртни случаи коишто настанале поради згрутчување на крвта. 

Не се знае кога ќе пристигнат вакцините

Кога ќе бидат испорачани вакцините во Северна Македонија ќе се знае во наредните денови. Земјата сѐ уште ја нема започнато масовната имунизација на населението, поради лимитираните количества вакцини коишто пристигнаа во изминатиот период. Со пратката од 8.000 вакцини од производителот „Фајзер“, коишто земјата ги доби од Србија, се вакцинираат здравствените работници кои се во првите редови во борбата против Ковид-19. 

Опсегот на вакцинација на здравствените работници е проширен, поради актуелната состојба со коронавирусот, па досега се вакцинирани 4.782 здравствени работници. Преку „vakcinacija.mk“ интерес да се вакцинираат изразиле 80.201 граѓани, а 56.821 граѓани се анкетирани преку матичните лекари. С. Македонија неодамна ја доби и првата пратка од 3.000 дози од руската вакцина „Спутник В". Вкупно се нарачани 200.000 дози. Со оваа вакцина ќе се вакцинираат повозрасни граѓани со хронични заболувања и постарите граѓани во делот на старечките домови. 

-повеќе на темата: Заев во Луксембург: Навистина сме огорчени

Премиерот Зоран Заев во интервју за луксембуршкиот весник „Ворт“ го коментираше процесот на вакцинација и финансиската помош од ЕУ, при што истакна дека земјата е разочарана од Европската унија во однос на вакцините. „Би бил неискрен кога не би признал дека ЕУ нѐ разочара и при набавката на вакцините против корона. Ни беше објаснето дека за Унијата во моментов е невозможно да ги сподели вакцините“, вели Заев.

Колку вакцини се потребни?

Епидемиологот Драган Даниловски направи детална анализа во врска со вакцинацијата на луѓето и тие кои биле во контакт со корона вирусот во изминатата година. Врз основа на податокот дека 31 отсто од граѓаните во Скопје имаат антитела на Ковид-19, можно е во земјата да имало над 700.000 лица заразени со коронавирус. За колективен имунитет, кога станува збор за британскиот сој на вирусот, е потребно 85 проценти од граѓаните да развиле имунитет. Професорот смета дека околу 500 илјади вакцини би биле доволни, ако се има предвид дека дел од населението нема да сака да се вакцинира.

Nord-Mazedonien l Prof. Dragan Danilovski, Epidemiologe
Епидемиологот Драган Даниловски проценува дека би биле доволни околу 500 илјади вакциниФотографија: privat

„Најнов податок за стапката на серопозитивни (оние кај кои се развиле антитела) во Скопје е 31%, според резултатите добиени од тестирање на примерок од 1.000 случајни минувачи на различни локации во градот, направено од страна на Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Ако си дозволиме слобода оваа стапка да ја примениме на целата популација во Македонија, се доаѓа до бројка од 496.000 (ако актуелното население е 1.600.000), според евиденцијата на Управата за електронско здравство – „Мој термин“ при Министерството за здравство“, вели тој.

-повеќе на темата: Кои се вакцините- адути на човештвото против Ковид-19

Даниловски анализира дека за британскиот мутант, прагот на колективниот имунитет при кој репродукцискиот број ќе се спушти на 1 (а тогаш растот на дневните случаи ќе има тренд на стагнација) изнесува 85 проценти (а не 60, како за оригиналната варијанта). „Тогаш ќе имаме т.н. ендемска форма на ширење на вирусот. Вкупното население во Македонија, според Управата за електронско здравство е околу 1.600.000. 85 проценти од 1.600.000 се 1.360.000 луѓе. Ако од нив се извади веројатниот вистински број на случаи (734.045), го добиваме бројот на луѓе што не биле во контакт со вирусот: 1.360.000 – 734.045 = 625.955 луѓе“, објаснува Даниловски.

Анализата следи откако Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје, направи тестирање по случаен избор на минувачи на главниот плоштад во Скопје, според кои од 1.000 тестирани луѓе, дури 31 отсто имале развиено антитела на коронавирусот.