1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

Хана Фукс
13 февруари 2021

Дебатата за АстраЗенека, ефикасноста на вакцините и мутациите на коронавирусот предизвикува загриженост – дали ќе треба одново да се започне со процесот за развој на нови вакцини? Не, само тоа не!

https://p.dw.com/p/3pDQI
Coronavirus – Impfbeginn Baden-Württemberg Impfdosen
Фотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Мора да сме свесни за фактот дека никогаш досега во историјата на човештвото не биле вложени олку напори за толку кратко време да се пронајде соодветен лек против нова болест, вели Ханс-Георг Ајхлер, извршен директор на ЕМА во разговор за австриското радио О1. И пред се': „Беше успешно и се случи многу брзо.“

Дури и ако не ни се чини така - постигнат е голем напредок. Нема сомнеж, оваа пандемија ќе влезе во историјата. Но, со сигурност ќе се навраќаме и на времето во кое за толку кус период е постигнат толку голем медицински напредок – со мРНК е развиен целосно нов принцип за вакцини.

И треба да се има на ум: „Во меѓувреме знаеме многу, многу повеќе за овој вирус, како се развива, шири и размножува, како се закачува во телото, поради што можеме многу побргу да произведеме соодветна вакцина отколку што беше случај пред шест или девет месеци“, вели Ајхлер. Значи, далеку сме од тоа дека би почнале од нула.

Како да се идентификуваат мутациите на коронавирусот?

Постојано се работи на развој и адаптација на вакцините

И основачите на Бионтек, Озлем Туречи и Угур Сахин, се оптимисти. Во разговор за магазинот „Шпигел“ велат дека ако вирусот премногу мутира, технолошки е можно вакцината да се адаптира на мутацијата. „Можеме генетските информации на сегашните вирусни антигени да ги замениме со новите мутирани. Тоа оди брзо и веројатно би ни требале околу шест недели.“

Но, досега не се покажала потреба од тоа. Во неодамна објавен стручен напис во медицински журнал се потврдува дека вакцината на Бионтек/Фајзер е ефикасна и против британската и против јужноафриканската варијанта на коронавирусот.

Јужна Африка сепак ја стопираше примената на вакцината од британско-шведскиот концерн АстраЗенека додека трае дебатата околу нејзината примена и ефикасност. Претходно, фармацевтскиот концерн призна дека вакцината нуди ограничена заштита кога е во прашање лесна инфекција со варијантата B.1.351. Вакцината сепак би требало да спречува развој на тешка форма на болеста.

Варијанти кои може да го заобиколат имунолошкиот систем: помала ефикасност на вакцините

Сепак, слабата точка на ограничена ефикасност е доволна причина вакцините да се адаптираат за да бидат делотворни и против нови варијанти – или на комбинација од мутации. Во Велика Британија се откриени две различни мутации на британскиот коронавирус од видот B.1.1.7. Владин експертски тим едната од нив ја оцени како „загрижувачка“. Поради постојаната промена на вирусот, неопходно е постојано спроведување на клинички студии и анализи.

Повеќе:

Проверка на фактите: Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

Вакцинирани- и што потоа?

Затоа на универзитетот Оксфорд веќе се работи на нова генерација вакцини. „Тоа е истиот проблем со кој се соочуваат сите кои развиваат вакцина”, вели Сара Гилберт, која учествувала во развојот на вакцината на АстраЗенека. ГлаксоСмитКлајн и КјурВак во соопштение за медиумите велат дека работат на мРНК вакцина од новата генерација.

Според СЗО, има 240 проекти за развој на вакцини (состојба од 02.02.2021)

Инфектологот и истражувач Мерилин Адо од хамбуршката Универзитетска клиника Епендорф за магазинот „Шпигел” нагласува дека „имаме добри алатки за да се спротивставиме на потенцијално опасни промени на вирусот”. САРС-Ков-2, според неа, дури и релативно бавно се менувал, ако се спореди со други вируси.

И вакцините против грип се прилагодуваат на мутации

На примерот на вакцините за сезонскиот грип се гледа дека нивното прилагодување функционира. Инфлуенца-вирусот има способност многу да се менува и затоа вакцината секоја година трпи адаптации. Затоа и веќе сме навикнати дека е потребно вакцинирање на годишно ниво. Доколку истото се случи со САРС-Ков-2, исто така ќе биде потребно периодично прилагодување на вакцините на новите варијанти на вирусот.

Да се држи чекор со мутациите

Мерилин Адо вели дека „моментално имаме можност да држиме чекор со вирусот. Но, за тоа да функционира важно е да се намали зачестеноста на нови инфекции”.

За да се држи чекор не е доволно само да се адаптира вакцината, туку и издавањето одобрение за нејзино користење. Тоа го напоменуваат и Озлем Туречи и Угур Сахин од Бионте,к кои велат дека сѐ зависи од властите. „Ќе прифатат ли дека еднаш темелно сме ја докажале делотворноста и безбедноста на вакцината, за да може да се користи и променета против мутации на вирусот?”, се прашува Туречи и вели дека во спротивно би морало да се прави одново студија со десетици илјади доброволци, за што веќе и се водат разговори.

Coronavirus- COVID-19 - Mikrografie
Во меѓувреме се знае многу повеќе за коронавирусот, поради што може многу побргу да се произведе соодветна вакцина, велат научницитеФотографија: picture-alliance/CDC

Властите веќе имаат доволно искуство со адаптирани вакцини, како на пример против грипот, кои секоја година се произведуваат наново.

Сепак, и експертот на Социјалдемократите во Бундестагот, Карл Лаутербах, кој и самиот по струка е епидемиолог, предупредува од динамиката на мутирањето на корон вирусот: „Темата и натаму ќе биде актуелна. Кон почетокот на март уделот на британскиот сој ќе изнесува околу 30 проценти од сите случаи. Проблемот е што случаи со британскиот сој делумно во себе ја содржат и варијантата од Јужноафриканската Република и тоа е всушност најопасната, такаречи комбинирана мутација”, објасни Лаутербах во интервју за весникот „Минхенер Меркур“. На Твитер пратеникот бара создавање инфраструктура која ќе го забрза препознавањето на нови варијанти, развојот на нови вакцини, нивното производство и самата вакцинација.

Сосема свесен за временскиот притисок под кој се наоѓаат, Ханс-Георг Ајхлер од ЕМА вели: „Ние, како ЕМА, заедно со други меѓународни власти за одобрување вакцини, размислуваме како најбрзо би можеле да издаваме одобренија за таквите нови вакцини? Деталите сѐ уште не се познати, но со сигурност нема да се вратиме во фазата во која бевме пред 8-9 месеци.”