1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинирање на децата против коронавирусот

Инес Ајзеле
6 август 2021

Во Германија се води жестока дебата околу вакцинирањето против Ковид-19 на децата и на младите. Во други земји веќе се одвива вакцинирањето на помладите. Ова се примери од различни земји.

https://p.dw.com/p/3yZPk
Florida | COVID-19 Mobile Impfstelle
Фотографија: Paul Hennessy/NurPhoto/picture alliance

Европската агенција за лекови (ЕМА) кон крајот на мај дозволи вакцинација на деца над 12 години со вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна. Откако во повеќе земји започна вакцинацијата против корона и на деца, сега и политичарите во Германија го зголемуваат притисокот децата и адолесцентите да се вакцинираат побрзо. Во моментов е можна вакцинација на деца меѓу 12 и 17 години, но Комисијата за вакцинација СТИКО сѐ уште нема издадено општа препорака за вакцинација на оваа старосна група. Вакцинацијата на деца и млади во различни земји се одвива според различни правила, а на многу места е во полн ек.

Франција

Во Франција од средината на јуни се вакцинираат деца од 12 до 17 години. До сега речиси два милиони деца или 14% од ова старосна група имаат примено барем по една доза. Се вакцинираат со вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна. Француската здравствена агенција ХАС си постави цел „да се достигне висок процент на вакцинирани кај сите старосни групи“. Сепак предуслов за вакцинација на децата против корона е да има официјална согласност и од детето и од родителите.

Здравствениот пасош кој го воведе Франција од крајот на септември треба да важи и за децата од 12 до 17 години. Пасошот покажува дали некој е вакциниран против корона, неодамна прележал или има негативен тест. Тој е потребен на пример, за влез во музеи, базени, кина и фудбалски терени.

САД

Во САД од почетокот на мај се препорача вакцинација за сите над 12 години и таа во голема мера веќе се спроведува. Но, за деца под 18 години дозволена е само вакцината на Бионтек/Фајзер. Во меѓувреме речиси 11 милиони деца на возраст од 12 до 17 години имаат примено барем по една доза, што е 14% од оваа старосна група. Осум милиони, односно 12% се целосно имунизирани. Според анализата на податоци на Њујорк Тајмс, вакцинацијата на младите одигра значајна улога во повторното рестартирање на претходно запрената кампања за вакцинација во мај во САД.

Повеќе:

-Германија: Трета доза и вакцинирање на деца над 12-годишна возраст

-Ковид-вакцини за деца: Изборот станува поголем

-Колку се навистина неопходни ковид-вакцините за деца и млади?

Велика Британија

Британците до сега не беа многу позитивно настроени кон идејата за вакцинација на децата, споредено со останатите земји. Во Велика Британија во основа е дозволена вакцинација на деца под 18 години. Исклучок се само децата и адолесцентите кои имале други претходни заболувања или живеат со некој со ослабен имунолошки систем. Комисијата за вакцинација во земјата ЈЦВИ, на 19 јули препорача вакцинација на малолетници со вакцината на Бионтек/Фајзер. Сепак ЈЦВИ не препорачува масовна вакцинација на деца бидејќи сметаат оти се уште немало доволно податоци и е нејасно дали придобивките од вакцината против Ковид-19 ги надминуваат потенцијалните ризици од неа.

Австралија

Австралиската агенција за лекови на 23 јули издаде итна дозвола за вакцинирање на 12 до 15-годишни. Претходно вакцината беше дозволена за лица над 16 години. Пред да се издаде дозволата за помладите било “внимателно спроведено оценување на податоците со кои се располага околу ефективноста и безбедноста на вакцината вклучително и клинички студии со деца на возраст од 12 до 15 години”, се вели од Агенцијата.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Како и при носењето одлуки за други вакцини, Австралискиот технички советодавен гремиум за имунизација потоа ја проверил дозволата и ги одредил приоритетните случаи во таа возрасна група, како и на кои места ќе се врши вакцинацијата. Според соопштението на ова тело, деца со претходни заболувања, домородни лица и деца од посебно зафрлени области ќе имаат предност.

Камбоџа

Камбоџа неодамна започна кампања за вакцинација на малолетни лица на цела територија, како што јавува агенцијата СП. Целта е во земјата со 17 милиони жители до крајот на ноември годинава да се вакцинираат два милиони лица на возраст од 12 до 17 години. Меѓу првите малолетници кои се вакцинирани се внуците на премиерот Хун Сен и други членови на владата. Премиерот апелираше со родителите да ги вакцинираат своите деца бидејќи тоа било најсигурен начин да се заштитат од Ковид-19 и да го намалат бројот на заразени и мртви. Штом заврши вакцинацијата училиштата повторно треба д бидат отворени. Камбоџа од април се бори со голем пораст на заразени со корона, но изминатиов месец бројката почна да опаѓа. Околу 46 проценти од населението примиле барем една доза од вакцината.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Израел

Израел уште во јуни почна да вакцинира 12 до 16 годишни деца. Младинци кои имаат ризик да развијат тешка форма на болеста или имаат ризични пациенти во семејството можеа и претходно да се вакцинираат. Во исклучителни слуачи Израел од месецов дозволува и вакцинација на деца над 5 годишна возраст - ако се посебно загрозени во случај на зараза да развијат тешка форма или да починат зашто на пр.имаат срцева маана или болести на белите дробови. Тие добиваат 0,1 милилитар од Бионтек/Фајзер вакцината, односно третина од дозата за возрасни. LINK: