1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Варшава чекори во ќорсокак

Бернд Ригерт
1 септември 2017

Ни Брисел, ниту Варшава не сакаат да попуштат во спорот околу правната држава во Полска. На Европската Комисија не ѝ преостанува ништо друго, освен да го зголеми притисокот врз паричникот на Полска, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2jBVh
Jaroslaw Kaczynski
Фотографија: imago/Eastnews

Полска е во сѐ поголема изолација. Европската Комисија, Венецијанската Комисија на Советот на Европа,, ОН и речиси сите правни стручњаци сметаат дека национално-конзервативната влада во Варшава со својата реформа на правосудството се наоѓа на погрешен пат. Полска самата се обрати до Венецијанската Комисија на Советот на Европа, одборот на стручњаци со меѓународен углед. Нивното мислење за Полска се покажа катастрофално. Потоа владата во Варшава одлучи едноставно да ја игнорира оваа експертиза. Да ја пикне главата во песок како ној. Еден против речиси сите. Може ли денес во Европа да се води така политика? Не може.

Претседателката на полската влада, Беата Шидло, лидерот на владејачката партија Право и правда (ПиС)  Јарослав Качински и парламентарното мнозинство во Полска маневрираат во слепа улица. Тие ги принудија на дејствување Европската Комисија и другите институции на кои Полска своеволно припаѓа. Европскот комесар надлежен за начелата на правната држава, Франс Тимерманс, речиси ја моли владата во Варшава да започнат вистински дијалог, но полските министри засега одбиваа каков било контакт. Може ли денес во Европа да се води така политика? Не може.

Ако сака да го сочува својот кредибилитет, на Европската Комисија не ѝ преостануваат многу можности освен да се закани со санкции, па и со „политичка атомска бомба“- суспензија на Полска. Но таа постапка според Членот 7 е многу тешка. Тој досега не е применет. А за да го зачува својот кредибилитет, полската влада останува тврда и одбива каква било соработка. Овој застој треба да биде прекинат. Но, како?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Во случајот на актуелната полска влада тоа веројатно е можно само со помош на пари. Бриселскиот извор на пари кој Варшава обилно ја снабдува мора да пресуши, за да се издејствува разборитост. Така би требало да се разбере и забелешката на еврокомесарот Тимерманс дека внатрешниот пазар, значи најважниот дел од економската интеграција, може да опстои само ако е загарантирано функционирањето на правната држава. Полската влада се одлучи за блокада и не признава дека Европската Комисија е воопшто меродавна, оти ЕУ воопшто не смее со тоа да се занимава. Но, во тоа се лаже. Полска своеволно го потпиша Членот 2 од Лисабонскиот договор, во кој пишува дека функционирањето на правната држава е услов за членство во ЕУ. Секако, секоја членка на ЕУ се откажува од дел од својот суверенитет, бидејќи поинаку и не може да се води некој политички клуб. Блокирање и игнорирање во овој случај на подолг рок не е од помош. Може ли денес во Европа така да се води политика? Не може.

Спорот околу реформите на правосудството и правната држава за двете страни претставува одвишно оптоварување - непотребно натегање кое ја оптоварува целата Унија. Крајно време е тој спор да се реши. Топката е сега кај Варшава. Посебно јасно изолацијата на Полска се гледа на примерот на изјавата на германската канцеларка. Ангела Меркел досега беше многу воздржана, без оглед на сите обвинувања од Варшава на сметка на Германија и на нејзина лична сметка. Германија во Брисел дури и ја креваше сопирачката кога стануваше збор за тоа Полска да се доведе во ред, но сега Меркел вели дека за тоа веќе не може да се молчи. Без функционирање на правната држава, ЕУ не може да постои, изјави германската канцеларка. 

Со други зборови, Полска остана сама, со неа е само уште Унгарија. Но Будимпешта има сопствени спорови со Европската Комисија, а и тоа е земја која од буџетот на ЕУ повеќе добива отколку што уплатува. И Унгарија може да биде удрена по џебот. Може ли денес во Европа така да се води политика? Може. Навистина, тоа не е убаво, но за да се спречат некои уште полоши работи, поинаку очигледно не оди.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија