1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вервиер - жариште на француско-белгискиот терор

Барбара Везел/сн9 мај 2016

Во Брисел денеска (9.5.) започна судењето на членовите на терористичката ќелија од источнобелгискиот град Вервиер. На обвинителната клупа сепак ќе се најдат „само“ луѓе од втор план во терористичката мрежа.

https://p.dw.com/p/1IkOB
Фотографија: imago/Belga

Еден нов, посебно шокантен детаљ за плановите на терористичката ќелија од Вервиер објави во меѓувреме шефот на антитерористичката единица на француската жандармерија. „Терористите сакаа да киднапираат еден висок претставник на белгиските власти и пред камери на интернет да му ја пресечат главата“, изјави Убер Боне за магазинот „Ле Поан“.

Досега во Белгија се поаѓаше од тоа дека цел на нападите беа првенствено полицијата и една полициска станица во бриселската населба Моленбек. Но откако со белгиските колеги соработуваат француските полицајци, повремено во јавноста „протекуваат“ и неочекувани детали.

Осомничените пуштени од притвор

Само една недела по крвавите напади на Чарли Ебдо и на една еврејска продавница во Париз, белгиската полиција на 15. јануари минатата година забележа спектакуларен успех. Вниманието притоа го привлече најпрво жестоката престрелка во која беа вклучени полицијата од валонското градче Вервиер и една група терористи.

Belgien Polizisten
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Lalmand

При обидот на полицијата да влезе во местото каде што се сомневаше дека е терористичко засолниште, на лице место се водеше интензивна размена на оган пришто се запали куќата на улицата Руе де ла Колин. Полицијата истовремено мораше да пука и да го гаси огнот. На крајот загинаа двајца осомничени. А третиот, Маруан Ел Бали, кусо потоа е уапсен.

Ел Бали денеска, заедно уште со шест други лица се најде на обвинителната клупа во судот во Брисел. Друштво ќе му прават обвинетите Сухаиб Ел Абди, Мохамед Арсхад и Мамуд Хајни со кои се наоѓа во притвор. Останатите тројца осомничени се пуштени да се бранат од слобода.

Со обвинението четворицата обвинети се теретат за формирање терористичка група. Според мислењето на Државното обвинителство тие се лидери на т.н. „терористичка ќелија од Вервиер“, исто како и Омар Дамаше, кој е тогаш уапсен во Атина.

Но, полемиот број членови од ќелијата воопшто нема да се појават пред судот- тие се водат за „исчезнати“. Овие осомничени, двајца Белгијци, 5 Французи, еден Мароканец и еден Холанѓанец, веројатно се во Сирија и се борат во редовите на ИД, а можеби се и мртви или се кријат.

Белгија- оаза на мирот за терористи?

На обвинителната клупа нема да се најде ниту главниот организатор: тоа е, како што се тврди, белгиско-мароканскиот терорист од ИД, Абделхамид Абауд. Токму тој повторно ја „подигна“ ќелијата по полицискиот успех во акцијата во Вервиер. Абауд регрутираше логистичари и мажи кои се подготвени да умрат како маченици, кои ги извршија нападите во Париз на 13. ноември 2015. година. Повторно се покажува тесната врска меѓу белгиските и француските терористи, Белгија беше еден вид оаза на мирот и место за подготовка на нападите во Париз.

Сите членови од групата на Абауд се мртви, освен еден преживеан член, Салех Абдеслам. Членовите на групата извршија самоубиство со активирање на експлозивни направи за време на терористичките напади или неколку дена подоцна настрадаа во престрелката со полицијата во париската населба Сент Денис, каде загина и Албелхамид Абауд. Абдеслам беше единствениот кој не го активираше својот елек со експлозив, најверојатно го фрлил.

По нападите побегнал дома, каде е на крајот уапсен во март- во Моленбек во Брисел. Таму беше и централата во која се разменувале информации помеѓу сторителите на нападите и нивните помагачи од Вервиер, Париз и Брисел. Меѓу нив се испреплетени тесни семејни врски (браќа, роднини) или се познавале од детство, што би можело да биде објаснување зошто полицијата толку долго не можеше да ги открие.

Belgien Prozess Terrorzelle Verviers
Фотографија: imago/Belga

Меѓу Сирија и Европа

Грчката полиција на 17. јануари минатата година, по дојава од Белгија во Атина го уапси Алжирецот Омар Дамаше. Абделхамид Абауд не доспеа во рацете на полицијата. Тој престојуваше во истиот стан, а преку мобилен телефон беше во контакт со групата во Вервиерс.

Полицијата таму пронајде лаптоп кој тој го користел и на кој се наоѓале индиции за планиран напад врз еден голем аеродром. Нападот се случи на 22. март годинава во Брисел. Тоа е уште еден знак за тесната соработка на добро поврзаната мрежа. Наџим Лахрауи, кој беше логистичар на нападите во Париз, само четири месеци подоцна се појавува на сцената, овојпат како бомбаш самоубиец на бриселскиот аеродром.

Абделхамид Абауд во минатата година неколку месеци провел на пат меѓу Сирија, Грција, Белгија и Франција, и во публикациите на ИД се фалеше дека успеал да избегне апсење и во Вервиер. Да соработуваа тогаш подобро полицијата и безбедносните служби, тој можеби и порано ќе паднеше во нивни раце. Обвинетите кои денеска ќе се најдат на обвинителната клупа во Брисел, веројатно се само луѓе од втор план во белгиско-француската терористичка сцена.