1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле во куса посета на САД

6 ноември 2009

Новиот германски министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле беше во прва посета на Вашингтон. Со американската колешка Хилари Клинтон и неколку сенатори разговаваше за пропаднатата продажба на „Опел“.

https://p.dw.com/p/KPm9
Вестервеле и КлинтонФотографија: AP

Од првата посета на Вестервеле во САД не се ни очекуваше донесување важни одлуки, таа беше пред се‘ во функција на запознавање. Двајцата министри на прес конференцијата се трудеа да демонстрираат единство, иако мораа да проговорат и за темата која фрли сенка врз посетата на канцеларката Ангела Меркел на Вашингтон: пропаѓањето на планираната продажба на „Опел“ од сопственикот, американскиот автоконцерн „Џенерал моторс“.

Russland Kaliningrad Herstellung von Opel Astra und Opel Zafira
„Опел“Фотографија: RIA Novosti

Хилари Клинтон го увери Гидо Вестервеле дека одлуката на „Џенерал моторс“, во кој државата има мнозински удел, била донесена без политичко влијание на американската влада. Вестервеле потенцира: „За германската влада е важно од една страна да бидат задржани работните места во Германија, но истовремено сметаме дека ’Џенерал моторс’ треба да ги врати парите кои ги доби, зашто тоа се пари на германските даночни обврзници.“

Клинтон пред новинарите не зборуваше на тема „Опел“, но Вестервеле изјави: „Американската министерка за надворешни работи покажа големо разбирање за нашиот став и за моите јасни зборови.“ За натамошниот тек на работите и договорите ќе се грижи германскиот министер за стопанство Рајнер Бридерле.

На маса и темите Иран и Авганистан

Друга тема во разговорите беше состојбата во Авганистан, за што е потребно, според Вестервеле, „потесна соработка во однос на идната стратегија“. Единствен е ставот дека авганистанската влада мора да преземе поголема одговорност, но за детали не се дискутираше.

Во врска со атомскиот спор со Иран, двајцата министри побараа отстапки од владата во Техеран. Клинтон смета дека Иран треба да се придружува кон договорениот компромис и да започне со испраќање на својот ниско облагороден ураниум на доработка во странство, за потоа да биде употребен во Иран во мирнодопски цели.

Вестервеле и Клинтон разговорите ќе ги продолжат веќе в недела, кога американската министерка доаѓа во Германија на свеченостите по повод 20 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.

Автор: Кристина Бергман / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска