1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прогласија победа

5 јуни 2011

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа на вонредните парламентарни избори во Македонија. Од партијата тврдат дека освоиле 55 пратенички места, наспроти 39 на опозициската СДСМ. Победа прогласи и ДУИ.

https://p.dw.com/p/11UqS
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕФотографија: MIA

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека однела убедлива победа на вонредните парламентарни избори во земјата. Носителот на листата во Третата изборна единица, Влатко Ѓорчев соопшти дека неговата партија освоила 55 пратенички места во новиот 123-член парламент, наспроти 39 освоени места на коалицијата предводена од опозициската СДСМ.

Mala Recica Tetovo
Седиштето на ДУИФотографија: DW

Победа на изборите објави и Демократската Унија за Интеграција на Али Ахмети, досегашниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Од ДУИ тврдат дека освоиле речиси двојно повеќе гласови од главната опозициска партија ДПА.

„Ова беше класичен судир на две опции за Македонија. Една приватизационо транзициона и друга реформска. Една на Бранко Црвенковски и друга на Никола Груевски. СДСМ треба конечно да се реформира“, порача Ѓорчев на прес-конференција. Тој тврдеше дека ниту една од помалите политички партии на Љубчо Георгиевски и на Љубе Бошкоски не освоиле ниту едно пратеничко место.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petar Stojanovski

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен премиер Никола Груевски, досега не се појави во јавноста, и покрај тврдењата на Ѓорчев дека партијата однела убедлива победа.

СДСМ засега без коментар, Обединети за Македонија обвинуваат за фалсификат

Засега го нема ниту лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, а од неговата партија досега нема коментар на изјавите од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата Обединети за Македонија обвинија за изборен фалсификат и велат дека имаат докази за да го докажат тоа тврдење. Според досегашните неофицијални резултати, извесно е дека оваа партија нема да влезе во парламентот, а неизвесно е дали ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски ќе има пратеник во новиот парламент.

Повеќе од сигурно е дека веќе во наредните денови, опозициските партии ќе ги оспорат изборите меѓу иселениците, каде ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги освои сите три пратенички мандати. Од Обединети за Македонија веќе најавија претставка до надлежните органи.

Симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ вечерва веќе ја слават изборната победа на нивната партија. Ѓорчев ги повика сите членови од другите градови да дојдат на прослава, пред Домот на АРМ во Скопје.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска