1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасност од раздор меѓу Русите во Германија

Ралф Бозен
7 мај 2022

Секоја година на 9 мај Русија ја слави победата над Хитлерова Германија. Во Германија се очекуваат проруски демонстрации, кои би можеле дополнително да ја поделат руската заедница во земјата.

https://p.dw.com/p/4AwFh
Deutschland | Ukraine Krieg | pro-russische Demonstrationen in Frankfurt
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images

Во руската заедница во Германија, постои поделба меѓу проруските демонстранти, оние кои во колони возила се движат низ германските градови, изразувајќи поддршка за рускиот претседател Владимир Путин, и огромното мнозинство од критичарите на Путин кои на демонстрациите на солидарност со Украина ја осудуваат руската агресија  Оваа поделба ги раздвојува семејствата и пријателите и често води до жестоки кавги.

На 9 мај кавгите би можеле да се заострат. На тој ден Русија го слави својот најважен празник: победата на Црвената армија над Хитлерова Германија во 1945 година. Проруските групи во Германија најавија дека ќе излезат на улиците. Последниве години Путин често ја злоупотребуваше таа прослава за своја пропаганда. Оваа воена година тоа може да одигра уште поголема улога. И во Германија.

Страв од ескалација

„Расте загриженоста дека голем број собири најавени на 8 и 9 мај, со кои ќе се означи крајот на Втората светска војна - а во Берлин, според Покраинското биро за борба против криминалот се најавени 30, може да доведат до ескалација“, рече Фабио Гели од Медиумската служба за интеграција.

Од тоа се плаши и Медина Шауберт. Таа работи за здружението „Vision“ со седиште во Берлин и ги информира луѓето со руско потекло за државната пропаганда на Кремљ. Шауберт предупредува дека извештаите за демонстрации за поддршка на Путин може да создадат лажна слика за  руската заедница во Германија.

Russland | Parade zum Tag des Sieges
Воена парада во Москва на 9 мај 2021 годинаФотографија: Evgenia Novozhenina/REUTERS

„Се обидуваме да се бориме против тоа“, рече Шауберт, нагласувајќи дека медиумските извештаи за демонстрациите на симпатизерите на Путин биле во корист на руската пропаганда. „Штом се одржат некои демонстрации со конвој автомобили, РИА Новости објавува видео за тоа на својот онлајн портал. А, тоа го гледаат и оние што немаат јасен став, па според Шуберт, „под влијание на пропагандата се прашуваат - ако луѓето одат за тоа да демонстрираат, зошто да не одам и јас?“.

Поделба поради руската пропаганда

Руската заедница во Германија  има околу три и пол милиони луѓе. Станува збор за луѓе кои зборуваат руски и доселени од Русија или некоја друга земја од територијата на поранешниот Советски Сојуз. Засега нема податоци за медиумите преку кои се информираат. За некои, руските државни медиуми играат важна улога во создавањето раздор. Затоа е многу важно, вели Медина Шауберт, да се известува за контра-демонстрации и демонстрации на солидарност со Украина, „кои ќе ги има многу на 8 и 9 мај“.

Заедницата не смее да се претставува како да има само луѓе лојални на Путин во Германија, вели Шауберт. „Раздорот меѓу луѓето што зборуваат руски и остатокот од општеството дефинитивно ќе се засили“. Медина Шауберт и самата е жртва на пропагандната машинерија на Путин. По руската анексија на Крим во 2014 година, таа повеќе не разговара со двајца нејзини роднини. „Точно знам, ако седнеме на иста маса, ќе се расправаме два-три часа и ќе заминеме лути. Двајцата роднини се воодушевени со она што сметаат дека е дисциплина и ред на Путин, иако никогаш не биле во Русија за да го видат тоа“, вели Шауберт.

Deutschland | Polizei stoppt Prorussischer Autokorso in Frankfurt
Проруски демонстранти во Франкфурт на 10 април 2022 годинаФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Три групи

Сергеј Прокопкин, адвокат и советник за антидискриминација, предупредува на опасноста од насочена пропаганда и лажни вести за наводни антируски напади. За време на демонстрациите против наводната русофобија, вели тој, се зборувало и за измислени случаи на дискриминација. Колоните автомобили не помагаат - „тука повеќе се развива омраза“ кон луѓето од Украина, вели Прокопкин.

Постојат три групи во  заедницата која зборува руски,  вели Татјана Голова, социолог во Центарот за источноевропски и меѓународни студии во Берлин: политички активни противници на рускиот напад врз Украина, луѓе кои не сакаат да заземат став и оние кои протестираат против дискриминацијата во Германија, кои зборуваат руски и делумно „ја поддржуваат руската држава и нејзината агресивна надворешна политика“. Во меѓувреме, ново е што овие групи дејствуваат едни против други за време на нивните акции, на пример кога се најавуваат некои демонстрации и контрадемонстрации.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер будно ќе ги следи проруските демонстрации по повод 9 мај. Таа на 10 април на Твитер напиша дека полицијата внимателно ги следи оние кои ја величат агресивната војна на Путин. „Јас сум за доследно казнување секогаш кога ќе се премине границата на казнување. Овде како држава имаме задача да заштитиме“.

Колку војната ја погодува Германија покажува и актуелното истражување на Медиумската служба за интеграција, кое е спроведено во покраинските и федералните канцеларии за борба против криминалот. Според тоа истражување, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, властите регистрирале околу 1.700 кривични дела поврзани со инвазијата. Евидентирани се најголем дел од штетите, како кршење излози, бушење гуми или пишување графити на згради.

Повеќе од 200 кривични дела неделно

Кривичните дела биле насочени против лица или нивни компании, а меѓу другото и против лица со украинско или руско потекло. Имаше и акти на насилство. „Федералната криминалистичка служба проценува дека има околу 200 кривични дела неделно - со тенденција на намалување“, се вели во студијата на Медиумската служба.

Друг резултат од тоа истражување е дека во Германија веќе се покренати над 170 истражни постапки кои се поврзани со употребата на знакот „Z“, којшто значи поддршка на руската агресија врз Украина.