1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волшебниот збор за чист воздух и сеопштата револуција

Светлана Јовановска
30 ноември 2018

Загадувањето не е дело ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Загадувањето е систематско забошотување, од страна на сите досегашни власти. Колумна на Светлана Јовановска.

https://p.dw.com/p/39BCm
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Македонија, европскиот шампион во аерозагадувањето, доби план за чист воздух. Планот на Владата, што вчера на интернет заедницата и беше претставен од страна на заменикот министер за животна средина Јани Макрадули, би требало да биде добрата вест во воздушното црнило.

Во својот интернет настап, Макрадули ни соопшти уште една вест. А тоа е дека овој план е повеќегодишен и дека и следната власт ќе треба да го применува.

Супер! Но, лошата вест е што од опозицијата не чувме дека и таа дала свое зелено светло за овој план. Најголемата опозиција со гнев зборува за сите можни црнила на Заев. Но, за црнилата во чиешто обелување и таа може да помогне, досега ни збор од Белата палата. Дали овој план ѝ се допаднал и дали навистина има намера да продолжи со неговата примена кога ќе дојде на власт? Мистерија!

Нивните деца сигурно дишат некој увезен воздух

На темата загадување, Светската банка оцени дека владината акција за справување со загадувањето на воздухот е значајна, но  е нецелосна. Посветени на надворешниот имиџ на земјата, на ЕУ и НАТО а со тоа и на Преспанскиот договор и сите проблеми што од тоа произлегоа, мислам дека уште ќе мораме да чекаме до денот на кој ќе можеме да кажеме дека патот кон чист воздух е отворен.

Загадувањето има проблем и со опозицијата. Да, да, добро знам дека не се на власт и дека опозицијата не е таа што во моментов донесува одлуки. Но, да потсетам дека денешната опозиција беше на власт 11 години и не мрдна со мал прст против лошиот воздух. А лошиот воздух не стаса со последните парламентарни избори. Тој беше тука и кога Владата на азилантот Груевски дозволи увоз на целиот европски автомобилски дизел крш и кога мува не го лазеше поради рекордите во ПМ честички. Не видовме ни план, ни загриженост. Си велевме дека нивните деца сигурно дишат некој друг, увезен воздух.

Да се вратам на владиниот план за чист воздух. Нема да има чист воздух без траен и цврст национален консензус. Чистиот воздух бара долг период за усогласена и ефикасна акција. И со самото тоа, пружена рака до опозицијата за примена на овој план.

Наместо тоа, СДСМ не покажува голема мудрост во оваа битка. Нивните соопштенија, со презирен говор кон ВМРО-ДПМНЕ, не се адут за поголем рејтинг и добивање на следните избори. Како ли мислат да усвојуваат тешки и мачни закони против загадувањето и за влез во ЕУ? Закони што следната влада нема под итно да ги смени ако дојде на власт? Да повторам,  по европски, тоа се вика национален консензус. Каков што кај нас никогаш не постоел. Веќе втора деценија овие од Брисел нѐ потсетуваат дека волшебниот збор за успешни преговори е „национален консензус”. Волшебниот збор за чист воздух е истиот.

Револуциите и револуционерното што го нема

Проблемот со ВМРО-ДПМНЕ е нејзината сопствена и упорна посветеност на погрешни револуции, револуции од минатото. Нашата опозиција сѐ уште се наоѓа во раните години на 20. век. Новата „сеопшта револуција” на ВМРО-ДПМНЕ всушност не ја заслужува придавката „нова”.

Новите револуции денес се енергетски и еколошки, револуции за борба против климатските промени, револуции свртени кон иднината, револуции што не остануваат закоравени во црнилата на минатото. Додека Европа дебатира за чист воздух и енергетска транзиција, нашата „револуционерна” партија со својата „сеопшта револуција” е свртена кон минатото и е тргната во однапред загубена битка – битка за враќање на минатото на политичката сцена и битка против влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Вистинската револуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе беше длабока реформа на партијата којашто би започнала со бришење на зборот „револуционерна”. Од едноставна причина што во денешното ВМРО-ДПМНЕ нема ништо револуционерно.

Други колумни од авторката:

„Лајкот” на Путин и Трамп за азилот на Груевски

Груевизмот влезе во ЕУ

Дали навистина сакаме во ЕУ?

И последниот протест на оваа партија е доказ дека нивната битка е осудена на пропаст. Во говорот на лидерот Мицкоски одвај беше спомената најголемата револуција пред која стои нашата земја и која мораме да ја започнеме – борбата против загадувањето. Борба која во себе ги содржи сите можни битки на современото општество.

На последниот протест, Мицкоски ни рече дека протестира и поради загадениот воздух. Никако не му е јасно дека тој не треба да протестира поради загадениот воздух. Тој треба да биде дел од борбата против загадениот воздух и тоа веднаш, без и да помислува на избори, да покаже дека иднината на Македонија е навистина негов приоритет.

Во едно интервју, Мицкоски ги убедуваше гледачите и потенцијалните гласачи дека тој има план како да се стави крај на аерозагадувањето кое коси 1.600 животи годишно и државата ја чини 750 милиони долари (6,9 проценти од БДП во 2016 година).

Никој не сака да презема непопуларни мерки

Некој што не ја познава најновата политичка приказна на Македонија, веројатно, слушајќи го Мицкоски, ќе се фати за глава и ќе си рече дека, навистина, оваа власт го уништила воздухот и со тоа прави вистински криминал против сопственото население.

Реалноста е малку поинаква. Загадувањето не е дело ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Загадувањето е систематско забошотување, од страна на сите досегашни власти, на овој сериозен проблем со кој нашата држава, и нејзините поголеми градови, се соочуваат долги години.

Вистинските мерки што можат да го направат воздухот почист, макар малку, се непопуларни. Дури и краткорочните и среднорочните мерки во оваа борба бараат голема политичка храброст. А во Македонија изборите се секогаш зад ќошот, а строгите мерки против загадувањето не носат инстант резултати и го акумулираат граѓанското незадоволство против носителите на власта.

„Ќе ветиме 30 проценти на намалување на загадувањето секаде, затоа што имаме методологија и емпириски докажана методологија дека тоа ние го можеме да го растераме црнилото кое надвиснало над македонските градови и села. Сите заедно рамо до рамо да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт предводена од овој аболиран политичар Зоран Заев“, изјави Мицкоски во интервју за „Република“. И додаде дека треба партијата треба да биде „посплотена“ во изразувањето на револтот.

Револтот е убава работа кога е насочен кон вистинската цел. Сериозна опозиција, наместо да протестира, треба да ги „фати“ сите пропусти на власта за загадувањето. И сплотено да застане, рамо до рамо со власта, па заедно да ни најават национален консензус со кој заеднички ќе работат во наредните децении за да се спаси државата од аерозагадувањето и сметот. Да ни ја открие „емпириски докажаната методологија“ која може да нѐ спаси од отровниот воздух.

Граѓаните немаат време за чекање

Македонскиот воздух и граѓанин нема време да чека Мицкоски дојде на власт и да ги тестира неговите медотологии. Тоа е опасно чекање за нашите деца, за децата на Заев и за децата на Мицкоски.

Мерките против загадувањето бараат долгогодишен ангажман. Законите и мерките во оваа област треба да бидат заеднички прифатени, од власта и опозицијата, и да не се менуваат со секоја промена на власта.

Ова што го гледаме денес на политичката сцена, кај власта и опозицијата, не е патот кон Европа.  Згадувањето е поврзано со секој дел од нашето живеење: борба против корупција, енергетска политика, образование, здравство, економија, социјала, земјоделство, финансии, медиуми....

Кога Мицкоски зборува за црнила мене пред очи ми излегуваат темните облаци на загадувањето, а ветер што би можел да ги растера нема никаде. Тој ветер треба да биде денешната политика.