1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќањето на Лазаревски и Костовски во МВР е чудо

21 декември 2018

Извршниот директор на Европскиот центар за права на свиркачи Марк Ворт работеше на случајот на свиркачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Во интервју за ДВ објаснува зошто е значајна вчерашната одлука на МВР

https://p.dw.com/p/3AUL9
Mark Worth
Фотографија: Privat

ДВ: Господине Ворт, Вашата организација (Европскиот центар за права на свиркачи ЕЦПС) беше активно ангажирана во помошта за двајца македонски свиркачи во изминатите неколку години. Можете ли да ни кажете повеќе за иницијативата на Вашата организација, и зошто беа овие две лица толку важни за вас?

Ворт: Нашата кампања ја започнавме во март годинава, кога на господата Лазаревски и Костовски им ја доделивме наградата за Слобода на говор на јавна церемонија во Приштина. Настанот беше широко присутен во македонските медиуми. Тоа го врати случајот ја двајцата заборавени херои назад во фокусот на јавноста. Оттогаш постојано водиме кампања за нивно враќање. Зад сцената, многу често разговаравме со кабинетот на премиерот, со ЕУ претставници, со претставници на амбасадата на САД и многу други луѓе во Скопје и во Брисел. Ги преплавивме со барања дека најмалку што можат да сторат за овие двајца херои- кои поминаа речиси една година во затвор како казна затоа што и помагаа на земјата- ќе биде да ги вратат на нивните работни места. Тие веќе не можат да го вратат загубеното време, но можат да си ги повратат кариерите.
Организиравме меѓународни и европски акции кои целеа кон актуелниот премиер. Постојано им дистрбуиравме текстови и нови информации на функционери, активисти и медиуми. Со Транспаренси Интернешнл Македонија, ги номиниравме Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски за наградата Дафне Галиција за новинари и свиркачи за оваа година, каде беа финалисти. Пред помалку од еден месец објавивме заедничка изјава со Транспаренси Интернешнл Македонија со барање за нивно враќање на работа. Тоа беше пренесено од дузина медиуми, и сторивме се за тоа да допре и до македонските и ЕУ функционерите. Лазаревски вчера ми рече: „Публицитетот беше клучен. Притисокот се исплатеше“.

Господата Лазаревски и Костовски се важни затоа што тие помогнаа да се ослободи земјата од неетички режим кој беше вплеткан во корупција- кратко и јасно. Луѓе кои се борат за интегритетот на нивната земја треба да се сметаат за примери. Не можевме да стоиме настрана и да не правиме ништо, и да дозволиме нивната жртва да биде залудна. Нивното враќање е неверојатна победа- не само за Лазаревски и Костовски, туку и за земјата која работи понапорно од било која друга држава во источна Европа да се оттргне од угнетувачките и одмазднички тактики од минатото, и да и се придружи на ЕУ како целосно функционална демократија која се темели на правда и владеење на правото.

Gorgi Lazarevski
Лазаревски (на фотографијата) вчера ми рече: „Публицитетот беше клучен. Притисокот се исплатеше“, вели ВортФотографија: Privat

ДВ: Какви одговори добивавте од европските и германските институции кога им го презентиравте случајот на Лазаревски и Костовски? Ја поддржуваа ли Вашата иницијатива?

Ворт: Откако почнавме да ги контактираме македонските и ЕУ претставниците, добивавме премолчена симпатија и поддршка. Беше забележливо дека има простор. Не бевме одвраќани, ниту држени настрана. Па затоа продолживме да туркаме. Многумина од нив ни заблагодаруваа затоа што се грижиме- затоа што му даваме поголема европска и меѓународна гласност на случајот. Имав чувство дека ним всушност им беше добредојден притисокот однадвор, за да можат да го искористат како повод за нивно враќање, а со тоа и да ги избегнат вообичаените домашни правила. Надворешниот притисок им даде политичко покритие- можеа да кажат дека одговараат на меѓународното внимание, и веројатно да добијат позитивен фидбек од Брисел.

ДВ: Речиси три години, Костовски и Лазаревски беа надвор од македонското МВР и преживеаја голема лична и професионална драма. Но без оглед на нивните херојски дела, сметате ли дека беше исправна одлуката тие да ги добијат своите стари работни места токму во УБК, имајќи ја во предвид нивната вмешаност во скандалот со прислушкувањето?

Ворт: Мислам дека Лазаревски и Костовски се перфектните луѓе за работа во безбедносните и контраразузнавачките служби. Кој друг подобро знае како да препознае злоупотреби и напади врз приватноста од овие двајца? Доколку некој се обиде повторно да прави такви прекршувања, можеби тие ќе успеат да го спречат во иднина. Конечно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера им рече: „Секогаш ќе има место за професионалци во министерството“. Не е само правда, туку и перфектна логика тие да ги добијат назад своите стари работни места.

Mark Worth
Она што се случи вчера во Македонија е речиси чудо, вели ВортФотографија: Privat

ДВ: Зошто, според вас, и требаше толку долго на македонската влада да донесе ваква одлука?

Ворт: Вистина е дека речиси секоја позначајна одлука во Македонија мора да мине низ наслаги и наслаги од филтри и фактори. Речиси ништо во политиката не е едноставно. Луѓето на власт размислуваат како некоја одлука може да влијае врз нивната позиција и база, и овие барања кои се натоварени врз процесот на донесување одлуки може да ги искомплицира работите. Понекогаш, одлуките не се донесуваат поради страв од тоа како ќе влијаат врз политичките ривали- или дури и сојузници.

Оттука, сметам дека овој случај беше заплеткан во тој лавиринт. Нешто мораше да го наруши ќорсокакот. Се надевам дека нашата кампања го даде потребниот придонес.

ДВ: Каде би го сместиле случајот на македонските свиркачи во поширокиот европски контекст? Дали е нивниот случај „нормален“... Се случува ли често свиркачи да ги добијат своите претходни работни места?

Ворт: Низ целиот свет, виктимизираните свиркачи речиси никогаш не ги добиваат своите претходни работни места. Едноставно постојат премногу пречки. Им велат „Никој не сака кодош“, па најчесто се отфрлаат од работните места и организациите. Нештата полека се подобруваат, но досега бавно. Она што се случи вчера е речиси чудо. Некој во владата го виде светлото и го стори вистинското нешто- можеби едноставно и само од таа причина, затоа што тоа беше вистинската одлука. Сакаме да видиме повеќе вакво размислување. Ова треба граѓаните да го бараат од нивните избрани претставници, и од јавните функционери чија плата ја плаќаат. Искрено се надеваме дека она што се случи во Македонија ќе ги зајакне и охрабри политичките и бизнис лидери низ целиот свет да го сторат истото. Да станат и -како што тоа го прават свиркачите- да кажат „стоп“, ова е погрешно и треба да го исправиме. Ви ветувам дека ќе ја раскажеме приказната за Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски низ целиот свет, и ќе ја употребиме како светилник на промените насекаде.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема