1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војводина: Јазикот како причина за неразбирање меѓу младите

Динко Грухоњиќ / Симе Недевски18 октомври 2012

Истражувањето на Покраинскиот народен правобранител на Војводина покажало дека средношколците од различни националности не се дружат доволно, а една од основните причини е меѓусебното јазично неразбирање.

https://p.dw.com/p/16RSs
Фотографија: DW

Покраинскиот народен правобранител објави истражување под името „Војводинските ученици за дискриминацијата“, кое е спроведено со цел да се соберат релевантни податоци за тоа како средношколците во Војводина ја разбираат дискриминацијата, какви им се ставовите во врска со неа и, конечно, да се утврди дали меѓу учениците постои изразена дискриминација на национална, т.е. етничка основа. Основниот заклучок на истражувањето е дека јазот помеѓу учениците го продлабочува фактот дека 96% од испитаниците комуницира исклучиво на мајчин јазик, што значи дека по таа основа и се групираат и се дружат.

Жал ми е што немаме заеднички јазик

„Анкетиравме средношколци од мултиетничката Суботица и тие се согласија на анкетата, но под услов да останат анонимни. Момче од Суботица, од српска националност: „Жал ми е што немаме заеднички јазик и што не можеме повеќе да се дружиме“.

Момче од Суботица, од унгарска националност, кажува дека во слободното време се дружи со Срби: „Тоа е затоа што играм фудбал повеќе од 10 години, и година и половина играв на едно место каде што беа само Срби и Црногорци, а јас бев единствениот Унгарец. Така го научив српскиот јазик, а имав и девојка Србинка. И денес кога излегувам во град, одам со Срби, а не со Унгарци. Не знам, мене така ми е подобро...“

Меѓутоа, тој оди во чисто унгарско училиште во Суботица: „Во моето училиште нема други освен Унгарци. На училиште одат само Унгарци, па на училиште се дружам само со Унгарци.“

Vojvodina katholische Kathedrale in Novi Sad
Нови СадФотографија: DW

Секогаш некако се одделуваме...

Момче од српска националност смета дека училиштата не обрнуваат доволно внимание за дружењето на младите од различни националности: „Сметам дека во училиштата е слабо застапена основата помеѓу Србите и Унгарците. За жал секогаш некако се одделуваме и секогаш сме на две страни. Тие секогаш за себе, ние за себе. А, тоа би можело да се надмине со некои активности, кои училиштето би требало да не научи, да ги организира. Да речеме, кога се оди на екскурзија, да поминуваме повеќе време заедно и да се дружиме.“
Тој додава дека и кога излегуваат во град, младите Срби и Унгарци имаат одвоени места за излегување: „Кога сме во град, имаме различни места, различни клубови. И тоа никако не може да не спои“.

Тепачки помеѓу младите

Средношколец од унгарска националност кажува дека меѓу младите знае да се случат инциденти на национална основа: „Имам другар во клубот, чиј брат го тепале дека е Унгарец. И му рекле да не зборува унгарски и му се заканиле со нож. Му го земале ланчето, мобилниот, се...“

И неговиот врсник од српска националност кажува дека знае за инциденти: „За жал мислам дека такви инциденти често се случуваат. Сметам дека тоа не би требало да биде така, но за жал има многу кои се националисти и кои сметаат дека така треба да биде и дека секој кој не е од нивна националност треба да се тепа, пцуе, навредува, што е лошо“.

Истражувањето на Покраинскиот народен правобранител е спроведено во 12 гимназии и стручни училишта во Војводина, а во анкетата учествувале 488 ученици.