1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на германскиот страв

сту/мк/дд/дпа19 декември 2015

Кај поголемиот број Германци повторно се зголемува стравот, а се намалува оптимизмот. По доброто расположение на „просечниот Тевтонец“ во 2014. година, научниците сега зборуваат за враќање на „германскиот страв“.

https://p.dw.com/p/1HQSw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Терористички напади, стотици илјади бегалци, се’ поголема поделба во ЕУ, сето тоа изгледа го буди стравот меѓу граѓаните на Германија. По репрезентативната анкета која по барање на хамбуршката Фондација БАТ ја спроведе Институтот за истражување на јавното мислење ГфК е забележана важна промена на општото расположение во споредба со минатата година. Имено, оваа година 55 насто од испитаниците наведоа дека чувствуваат страв, додека таков одговор минатата година дадоа само 31 отсто, а во 2013. година уште помалку, 28 проценти. Директорот на Институтот, Улрих Рајнхарт, зборува за враќање на „германскиот страв“. Тој причините ги гледа во доаѓањето на бегалците и терористичките напади, иако во анкетните прашања не се истражени причините за страв: „Моменталната хуманитарна криза и растечкиот страв од терористички напади внесоа несигурност кај населението кое се сомнева во позитивна иднина.“

Меѓународно е познат терминот „German Angst“ (Германски страв). Под него научниците подразбираат феномен според кој Германците секогаш биле загрижени за иднината која нема да биде позитивна како сегашноста. Тие грижи во актуелната анкета се особено изразени кај граѓаните постари од 55 години. 64 насто од нив потврдуваат дека : „Со страв гледам во иднината“. Во старосната категорија од 14 до 42 години таков одговор дадоа 42 насто од испитаниците. Во однос на 2013. година кога ваков одговор дадоа само 19 отсто од учесниците во анкетата, бројот на луѓе кои се плашат се зголеми меѓу младите Германци повеќе од двојно.

Frankreich Terror in Paris Opfer
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

Загриженост за економскиот развој

Проблеми испитаниците очекуваат во економијата. Дури 79 проценти од анкетираните граѓани се плашат дека економските проблеми во Германија ќе се зголемат. И тука се потврдува негативниот тренд во однос на последните 2 години, бидејќи таков одговор минатата година дадоа 66 насто, а во 2013. година 59 отсто од испитаниците. Најголем песимизам покажа средната генерација, луѓето меѓу 25 и 54 години. Меѓу нив дури 83 проценти очекуваат полоши времиња. Професорот Рајнхарт објаснува дека токму оние кои работат очекуваат дополителен товар и се плашат дека нема да можат да го задржат животниот стандард и предвидуваат поради тоа зголемено штедење и намалување на потрошувачка.

Повеќе од две третини, 70 отсто, од испитанците сметаат дека поделбите во Европа ќе биде се’ подлабоки. Овој број предходните години беше за 10 насто помал.

Поделеноста во Европа се појави како резулат на кризата на еврото, како и во однос на бегалската криза. Поради тоа професор Рајнхарт ги поврзува резултатите на анкетата и однесувањето на избирачите во Европа: „Трендот во Полска, Франција, Унгарија, Австрија, Шведска, Велика Британија, Данска и Швајцарија покажа дека населението во Европа чуствува несигурност и загриженост за сопствената благосостојба, оти се плаши од преголемиот број странци па ги става националните интереси во преден план.“

Истовремено довербата во политичарите падна на многу ниско ниво: 87 проценти од испитаниците сметаат оти политичарите ќе претрпат уште поголема загуба на довербата. И тука се покажа иста тенденција: истиот одговор во 2013. година го дадоа 77 насто, а минатата годна 81 отсто од испитаниците. „Низ општествените слоеви се провлекува големо незадоволство од избраните претставиици на народот“, констатира професор Рајнхарт.