1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вулканскиот облак не носи посериозни закани за здравјето

17 април 2010

Ако пепелта од вулканот на Исланд е толку опасна за авионите, дали е опасна и за човечкото здравје? Одговор на ова прашање, даваат експертите кои велат облакот не содржи никакви токсични и радиоактивни супстанции.

https://p.dw.com/p/Myu1

Граѓаните во европските земји се вознемирија поради природната катастрофа со вулканскиот облак од Исланд. Многумина се прашуваат дали тој крие опасности и за човековото здравје. Експертите во Германија решително велат - не! Сите можат да се движат слободно, иако облакот со огромна брзина од преку 180 километри на час се движи кон југо-истокот на континентот.

Оние далеку од вулканот не треба да стравуваат

Значи, пепелта се состои од многу ситни честички претежно од стакло, но доколку не се вдишуваат големи количества, таа е безопасна. Научниците нагласуваат дека облакот не содржи никакви токсични или радиоактивни супстанции. Вулканологот професор Бернд Зимановски од Вирцбург тврди дека сите оние, кои живеат толку далеку од вулканот на Исланд, како граѓаните на Германија, не треба да се плашат од ништо.

NO FLASH Vulkan Island April 2010 Rauchwolke über den Eyjafjallajokull
Фотографија: AP

Позитивно влијание за растенијата

За разлика од него и неговите германски колеги, британските здравствени експерти упатија предупредување посебно за лицата кои имаат веќе проблеми со белите дробови. Оние кои страдаат од астма или бронхитис би требало да бидат внимателни и со себе да си ги носат неопходните медикаменти и инхалатори. Штом ќе забележат симптоми слични на оние што се појавуваат при настинка, како сува кашлица, течење на носот или болки во грлото, би требало да се повлечат во домовите, препорачуваат научниците од Велика Британија.

Што се однесува до земјоделието, експертите не очекуваат никакви штетни последици по растенијата и индиректно по луѓето, кои ќе ги конзумираат. Доколку има некакво влијание, тогаш тоа ќе биде позитивно, бидејќи вулканската пепел го поттикнува растењето на растенијата, нагласуваат аграрните експерти.

Автор: Гудрун Хајсе/ Горан Чутановски

Редактор: Симе Недевски