1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Заев - „спуштање на топката“

ЖА
23 август 2017

Српскиот претседател и македонскиот премиер телефонски договориле сите спорови да ги решаваат со дијалог. ЕК ги повика Србија и Македонија на воздржаност по повлекувањето на српскиот дипломатски персонал од Скопје

https://p.dw.com/p/2ihfD
Bildkombo Alexksander Vucic (l) Zoran Zaev (r)
Фотографија: imago/Pixsell, Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во заедничката изјава се наведува дека српскиот претседател и македонскиот премиер воделе долг и отворен телефонски разговор за новите околности во односите меѓу двете земји. Вучиќ и Заев се договориле дека „сите можни несогласувања ќе продолжат да ги решаваат со дијалог, без оглед на разликите во политичките и регионалните прашања и заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за  унапредување на пријателските односи меѓу српскиот и македонскиот народ и граѓаните на Србија и Македонија“, стои во заедничкото соопштение.

Во него уште е наведено дека Македонија и Србија ќе вложат уште поголеми напори за натамошно унапредување на економските односи и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Освен тоа, двете земји „во склад со меѓународните јавно-правни прописи, со добра верба и на пријателска основа ќе ги штитат правата и интересите на дипломатско-конзуларните претставништа на својата територија“.

Петтата точка која ја договориле Заев и Вучиќ е Македонија и Србија да ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво, да се поддржуваат една со друга на европскиот пат и со јакнење на добрососедските односи да придонесуваат за стабилноста на регионот.

Денешниот телефонски разговор меѓу Заев и Вучиќ доаѓа по повлекувањето на целокупниот дипломатски персонал на амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград и дипломатските тензии што уследија откако српските власти обвинија за „многу офанзивни разузнавачки активности“ против Србија во Македонија.

Symbolbild Flaggen von Mazedonien und Serbien
Фотографија: Colourbox/A. Mijatovic

За случајот денеска, пред телефонскиот разговор меѓу Вучиќ и Заев, се огласи и Европската комисија, која ги повика властите во Белград и во Скопје да покажат воздржаност и по мирен пат да го решат прашањето со повлекувањето на персоналот на српската амбасада во Скопје. Портпаролот на Европската комисија изјави дека дипломатскиот инцидент е билатерално прашање на двете земји кое Европската Унија внимателно го следи.

„Очекуваме двете страни да покажат воздржаност и прашањето да го решат мирно, во духот на добрососедските односи“, изјави портпаролот на Комисијата.

Официјален Белград во неделата го повлече целиот дипломатски персонал од својата амбасада во Скопје, поради, како што образложи српскиот претседател Александар Вучиќ, „голема офанзивна разузнавачка активност против органите и институциите на Србија“.

Вучиќ синоќа во интервју за РТС рече дека прислушувањето на српските дипломати е вршено на многу повисоко ниво и дека во целата ситуација има вмешан и странски фактор, без да наведува кој.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров вчера истакна дека македонската влада не вршела, не дала наредба ниту пак планирала разузнавачки активности против или на штета на некоја од соседните земји, вклучувајќи ја и Србија.