1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Вучиќ со намера за Бадник да оди во Црна Гора

ЕМФ
3 јануари 2020

Српскиот претседател има „желба и намера“ да го помине Бадник во Црна Гора, но одлука за тоа сѐ уште не е донесена, рече денеска Александар Вучиќ, наведувајќи дека за тоа добил благослов од српскиот патријарх Иринеј.

https://p.dw.com/p/3VfbC
Montenegro Proteste gegen umstrittenes Kirchengesetz in Podgoria
Протестите против новиот закон за вероисповед во Црна Гора се одржуваат неколку денаФотографија: picture-alliance/AA/M. Vujovic

Посетата на Александар Вучиќ на Црна Гора не би била ниту официјална ниту работна, соопшти лично српскиот претседател, додавајќи дека доколку замине за Црна Гора тој ќе ѝ покаже почит на земјата и ќе ѝ укаже на тоа какви му се намерите или колку планира да се задржи.

„Бадник и Божик се најрадосни православни празници и време за проштевање и помирување и време во кое мораме како народ да покажеме единство, не навредувајќи и не провоцирајќи никого“, рече Вучиќ, наведувајќи дека не планира да држи говори и дека единствените зборови кои може да ги изговори се дека му е драго што е со српскиот народ.

Ширум Црна Гора со денови има протести на верници на Српската православна црква (СПЦ) и други граѓани поради усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед, со кој, како што сметаат демонстрантите, се загрозуваат правата на СПЦ и на Србите.

Вучиќ денеска рече дека никој не се обидува да ја загрози независноста на Црна Гора, туку дека таа ги загрозува „српските светињи“. „Никој не ви ја загрозува независноста, само немојте да ги земате српските светињи. Ние не сакаме да војуваме, ниту да се судираме со вас и немојте да го лажете својот народ дека ви е загрозена независноста. Вие ги загрозивте светињите кои не се ваши и кои им припаѓаат на народот и на српската црква“, рече Вучиќ за телевизија „Пинк“ по повод наводите на црногорскиот премиер Душко Марковиќ дека Црна Гора е исправена пред предизвик да ја зачува својата независност.

По протестите на навивачите на Црвена звезда пред амбасадата на Црна Гора во Белград и гаѓањето на црногорското знаме со пиротехнички средства, Марковиќ на Твитер напиша дека се случил „уште еден нецивилизациски атак на Амбасадата на ЦГ и на знамето на ЦГ“: „Запрепастувачки е односот на српските власти. ЦГ уште еднаш е пред предизвик да ја одбрани независноста и слободата. Да ја сочуваме наша Црна Гора наспроти омразата со којашто е бомбардирана од истите актери внатре и надвор од нејзините граници!“, наведе црногорскиот премиер.

Повеќе:

Протести во Република Српска против Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора

Се заканува расцеп во православието

СПЦ обвинува, МПЦ молчи, БПЦ во офанзива

Грчката црква: БПЦ да не се меша во јурисдикцијата на СПЦ

Законот „за слобода на вероисповед и законски статус на црквите и верските заедници“ кој парламентот во Црна Гора го усвои на крајот од декември со тесно мнозинство, предвидува црквите да мора да ја расчистат имотната состојба на зградите и недвижностите кои дошле во нејзин посед помеѓу 1918 и 1920 година, објаснува германската Католичка новинска агенција (КНА). Српската православна црква, која доминира во Црна Гора, а му е подредена на Белград, стриктно ја отфлра таа регулатива, пишува КНА и додава дека  владата на премиерот Душко Марковиќ ја поддржува сопствената Црногорска православна црква и ја обвинува СПЦ дека сака да ја поткопа црногорската државност.

Montenegro Podgorica Proteste gegen neues Kirchengesetz
Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора беше донесен по инцидентот во пленарната сала, по кој во полиција беа одведени просрпските опозициски пратенициФотографија: picture-alliance/AP

Црна Гора до 1918 година беше независно кралство со сопствена православна црква. По влезот во нова Југославија со која владееше српски крал, црногорската црква во 1920 година со кралски указ го загуби својот автокефален статус и заедно со својот посед стана дел од Српската православна црква, објаснува КНА. Германската агенција додава и дека од црногорската независност во 2006 година владата работи на повторно воспоставување на Црногорска православна црква, а се наведува и дека добри 70 проценти од 650.000 Црногорци се припадници на СПЦ, 16% се муслимани, а околу 20.000 се католици.