1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20 сосема близу до бездната

Бернд Ригерт
3 декември 2018

Со многу мака и пред сѐ проследено со отпор од САД лидерите на Г20 сепак успеаја да се договорат за прилично разводнет завршен документ на самитот во Буенос Аирес. Која е сѐ уште смислата на Г20? Коментар на Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/39J28
Argentinien G20-Gipfel in Buenes Aires l Abschluss
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Astapkovich

Десет години по првиот собир на нив на претседатели на држави или на влади, групата Г20 како форум за решавање на глобалните проблеми е јасно на пат кон безначајност. Основан како средство во борбата против големата финансиска криза пред 10 години, на форматот Г20 полека му снемува здив. И тоа не затоа што идејата: глобалните проблеми да се решаваат со глобален механизам - е сама по себе лоша, туку затоа што едноствно снема политичка волја кај многумина кои учествуваат во овој механизам. Самоизолацијата, национализмот, протекционизмот сѐ почесто служат како одговор на последиците од глобализацијата, која сѐ почесто се доживува како неконтролиран процес.   

Предводник на ваквиот тренд е несомнено американскиот претседател Доналд Трамп, кој без каков било план урива сѐ околу себе бидејќи е деконструктивец кој сака да го урне моменталниот поредок и да ги отстрани правилата за кои смета дека не функционираат во негова полза. И притоа создава нови правила, кои важат само за него. Единствено нешто што е важно е брз раст на популарноста на домашен терен, без оглед на остатокот на светот. Но Доналд Трамп, и тоа е она што е фатално, не е осамен.

Подобро нема да биде

Рускиот претседател, саудискиот престолонаследник, турскиот автократ и кинескиот претседател, кои заеднички седат на масата на Г20, не се грижат претерано за правото и праведноста. На овој клуб „мојата земја на прво место“ му се придружуваат сѐ повеќе членови. Во Мексико штотуку на власт дојде еден популист. Во Бразил во претседателската палата се вселува еден признат десничарски екстремист. Сето тоа се лоши предуслови за следниот самит на Г20 во јапонска Осака.

Просторот околу германската канцеларка, канадскиот премиер, францускиот претседател и претставникот на ЕУ, значи оние кои во Буенос Аирес го виореа знамето на мултилатеризмот, полека се празни. Дури и во рамките на ЕУ полека но сигурно се шири популизмот и себичноста. Најнов пример по Брегзит е и новата популистичка влада во Италија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Кога се чита кратката завршна изјава од самитот на Г20 во Буенос Аирес се стекнува впечаток дека овој собир на две третини од човештвото е само празно пакување. За волја на вистината на хартија сепак некако со мака се дојде до договор за реформа на глобалниот трговски систем, но во меѓувреме многу земји од Г20 меѓусебно си наметнуваат нови цариниза да добијат што поголемо парче од глобалниот колач. Теоријата е едно, праксата нешто сосема друго.

Се ближи ли крајот?

Доналд Трамп наскоро на групата Г20, на чии состаноци присуствуваше само спорадично, веројатно ќе ѝ зададе смртоносен удар. Неговиот советник за безбедност ја смета Г20 за излишна, иако станува збор за единствениот глобален економско-политички контролен механизам. На публиката и на избирачите дома во меѓувреме е тешко да им се објасни смислата на Г20 ако на масата седат сѐ повеќе себични државници.

Г20 не  ја исполни ниту една од своите основни задачи - оданочување на дигиталните претпријатија. Оваа задача, повторно на инсистирање на САД е префрлена на првиот самит на Г20 по Осака - ако тој воопшто се одржи. Да се спушти овој форум на ниво на министри, како што беше случај пред 2008 година, или во целост да се распушти - тоа би вила победа за националистите. А ним не треба да им се пружи такво задоволство. Така самитот на Г20 веројатно и натаму ќе се одржува, но овој форум полека би можел да се претвори во   „dead man walking": кандидат за смртна казна на пат кон егзекуција.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија