1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гардијан го коригираше насловот

Б. Георгиевски/гардијан/миа16 декември 2015

Британскиот весник „Гардијан“ го смени насловот на текстот посветен на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Груевски е подготвен за дијалог за промена на името, се наведува во новиот наслов.

https://p.dw.com/p/1HOIN
Фотографија: MIA

Британскиот весник „Гардијан“ попладнево го коригираше насловот на текстот кој предизвика бројни реакции во македонската јавност, а премиерот Никола Груевски тврдеше дека се работи за провокација.

Доколку во претходниот наслов се сугерираше дека Македонија и нејзиниот премиер се подготвени за промена на уставното име на државата, со корекцијата во насловот сега се наведува дека премиерот е подготвен за започнување дијалог кој ќе води кон промена на името.

Новиот наслов на текстот во кој весникот го анализираше спорот за името со изјава на Груевски, сега гласи: „Македонскиот премиер отворен за дијалог за промена на името за ставање крај на 24-годишниот спор со Грција“.
Претходниот наслов на „Гардијан“ гласеше: „Македонија отворена за промена на името за ставање крај на 24-годишниот спор со Грција“.

Груевски реагираше дека не изјавил оти е подготвен на промена на името и дека станува збор за новинарски коментар.

Освен насловот нема други промени во текстот на угледниот британски весник. Тој и натаму почнува со реченицата која упатува на тоа дека Груевски е подготвен за промена на името, иако директен цитат од македонскиот премиер не се наведува.

„Македонскиот премиер вели дека е подготвен за промена на името на неговата земја, со што ги подгреа надежите за крај на еден од нејнеобичните дипломатски спорови во светот“, се наведува во воведот на текстот.

Груевски остро реагираше на насловот во „Гардијан“, обвинувајќи дека се работи за „провокација“, но не и на толкувањето на авторот во самиот текст, во кој во неколку наврати се имплицира дека македонскиот премиер е подготвен на промена на името.

„Вакви провокации имало и ќе има и ние сме навикнати на тоа. Очигледно темата за името станува популарна периодов, точно како што претпоставувавме и вакви тенденциозни и погрешни интерпретации од многумина кои не му сакаат добро на процесот и имаат потреба од лажен ексклузивитет или одработуваат нечија агенда се очекувани“, тврди Груевски во реакцијата.

Screenshot The Guardian Interview mit dem Mazedonischen Premierminister Gruevski
Новиот наслов на текстот во Гардијан

Договор па референдум

Груевски во интервју за весникот, сепак го условува крајното решение за деценискиот спор со плебисцитарно изјаснување на македонските граѓани. „Подготвени сме да разговараме, да започнеме дијалог со нив и да најдеме некакво решение“, вели Груевски за „Гардијан“.

„По долгогодишна непопустливост од обете страни, македонскиот лидер сега имплицира дека можеби е подготвен да ѝ попушти на Грција“, наведува „Гардијан“.

„Сакаме колку што е можно побрзо да започнеме дијалог со Грција за изнаоѓање решение, и доколку најдеме решение потоа сакаме да им се обратиме на граѓаните и да организираме референдум. Преку разговор мораме да најдеме некакво решение, и потоа да ги прашаме граѓаните: дали е ова правилно или не е?“, го цитира „Гардијан“, Груевски. Весникот наведува дека и „високи членови на левичарската влада на Алексис Ципрас веќе долго укажуваат дека би сакале да се ослободат од проблемот создаден од десничарскиот национализам“.

Опозициската СДСМ го обвини Груевски дека им „работи зад грб“ на граѓаните.
„Никола Груевски еднаш ќе се реши да каже нешто за медиум што не е под негова контрола и вистината излегува на виделина. Лажниот, виртуелен патриот, Никола Груевски, едно зборува пред граѓаните на Македонија, а друго прави, задкулисно, зад грбот на граѓаните“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски в четврток, 17.12., во Атина ќе се сретне со својот грчки колега Никос Коѕиас. Тоа е прва посета на шеф на македонската дипломатија на грчкиот главен град од 2000-та година, кога Александар Димитров беше во Атина. Во пресрет на состанокот, Попоски во интервју за весникот Катимерини рече дека „е дојдено време за изнаоѓање решение за спорот“. Говорејќи за создавање позитивна атмосфера меѓу двете земји, Попоски оцени дека двата соседни народи се „роднини“.