1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Германија не е борбена зона на Ердоган“

Рихард Фукс/З.Јордановски7 јуни 2016

По резолуцијата за Ерменија, на удар на претседателот на Турција се најдоа германски парламентарци со турско потекло. Тоа наидува на студено неразбирање и решително отфрлање во Германија.

https://p.dw.com/p/1J1oy
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Изјавите на шефот на турската држава Реџеп Таип Ердоган за германските парламентарци со потекло од турски семејства предизвикуваат побуна во Германија. Тој им го оспори турскиот идентитет само поради тоа што заедно со мнозинство од другите пратеници во Бундестагот гласаа за резолуцијата со која го означија како геноцид масовното убивање на Ерменци во Османлиското царство пред повеќе од 100 години. Со резолуцијата се истакнува дека и Германскиот Рајх носи дел од вината за злосторството во кое се убиени преку 1,5 милиони Ерменци.

Ердоган стриктно го одбива категоризирањето на тогашното злосторство како геноцид и поради тоа германските парламентарци со турско потекло сега се цел на неговиот бес. Тој побара да им се направи тестирање на крвта, за да се провери дали имаат турски идентитет: „Вашата крв е нечиста“, рече Ердоган. Претходно многумина од парламентарците добија смртни закани.

„Срамно и депласирано“

„Заканите со смрт и барањето за тестирање на крвта ги сметаме за срамни“, рече Гокај Софиоглу, претседател на Сојузното здружение на турската заедница во Германија, во изјава за агенцијата ДПА. „Мислам дека дефинирањето на луѓето според крвта престана во 1945. Тоа е апсолутно депласирано“. Претходно Ердоган тие парламентарци ги наклевети како гласноговорници на забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), односно дека биле „продолжена рака на терористите во Германија“. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт тоа вчера студено го прокоментира: „За нас во никој поглед не е сфатливо германски парламентарци со турско потекло да се доведуваат во врска со таа терористичка организација“.

Џем Ездемир, копретседател на партијата на Зелените, кој како еден од иницијаторите на резолуцијата сега доби полициско обезбедување, бара заеднички одговор: „Очекувам целиот Бундестаг да каже дека е тоа наше заедничко решение“. Неговиот сопартиец Озкан Мутлу, кому исто така му се упатувани мејлови со изливи на омраза и смртни закани, рече: „Сериозно сум загрижен, оти закани од таков калибар никогаш не сум доживеал“. Ќе се најдат „некакви споулавени“ кои хајката на турскиот претседател ќе ја сфатат како наредба од врховната власт, вели тој и укажува: „Така веќе се убиени многу луѓе во Турција“.

Bundesvorsitzender der Partei von Bündnis 90/Die Grünen Cem Özdemir beim Bundesparteitag
Џем Ездемир, копретседател на партијата на ЗеленитеФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

„Потерница“ во интернет со легендата за нож в грб

Германските парламентарци со турски корења се посебно изложени на омраза и клеветење во интернет. Таму молскавично брзо се пренесува еден вид „потерница“ со фотографии на парламентарците и добива илјадници „лајкови“. Над фотографиите стои напишано на турски „Овие ни забија нож в грб“. Сигурно не случајно тоа потсетува на една германска легенда за наводно „забивање нож в грб“. Во таа теорија на заговор, според германските националисти, поразот во Првата светска војна не се должи на воената слабост, туку на наводен „нож в грб“: социјалдемократите, меѓународното еврејство и „непатриотските демократи“ го ослабеле Германскиот рајх и го турнале во несреќа.

Колку и да се климави историските споредби, се чини дека авторите на таа твитер-порака самите ги бараат. Тоа произлегува од хештагот "#ihanetcilervatandasliktanatilsin" со кој се пласира „потерницата“. Во неа се бара „на тие предавници мора да им се одземе (турското) државјанство“. Експерти за Турција велат дека тоа барање сега го застапува еден широк спектар од умерени до десноконзаервативни и турски националисти. Занимливо притоа е дека сите германски парламентарци со турско потекло имаат германско и само неколкумина двојно државјанство. На чело на таа кампања застана Мелих Гокчек, градоначалник на Анкара (од партијата на Ердоган АКП), познат по националистички твитови, кој повеќепати новинарите во Турција ги означи како „странски агенти“. Сега тој во еден твит им порача на германските парламентарци во Ерменија да си побараат двојно државјанство. На Твитер градоначалникот има 3,25 милиони пријатели.

Левицата: Меркел треба да одговори со владина изјава

Од размерите на турската кампања за клеветење шокираност искажа и партијата на Левицата. Копретседателите на фракцијата на Левицата во Бундестагот Сара Вагенкнехт и Дитмар Барч побараа германската канцеларка да одговори со владина изјава за Германија да не стане „борбена зона на турскиот претседател“. Тие сметаат дека е „пречекорена границата“ со повикот на Ердоган за тестирање на крвта. Левицата ја повика Меркел јасно да стави на заење дека Германија не дозволува „да биде уценета од деспоти“.