1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: нов третман на Саудиска Арабија?

Керстен Книп
22 октомври 2018

Германската влада во последните месеци вложуваше напори за добри односи со Саудиска Арабија, не само преку широкогради дозволи за извоз на оружје. Сега, поради случајот Кашоги, политиката е на испит. 

https://p.dw.com/p/36vzS
Saudi Arabien Wandbilder Familie Saud
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Nureldine

Министерот за надворешни работи ги најде вистинските зборови: „Во моментов секако не би учествувал на настан во Ријад", изјави изминатата сабота во емисијата на АРД, „Тагестемен". Потоа Хајко Мас отиде и чекор понатаму: Додека е во тек истрагата за случајот Џамал Кашоги, нема основа да се донесе позитивна одлука за експорт на воена опрема во Саудиска Арабија, изјави Мас во интервјуто. Со тоа министерот за надворешни зазема став спротивен од оној што владата го застапуваше досега. Во септември годинава германската влада одобри испорака на четири артилериски системи за Саудиска Арабија. Владата се потруди и да ги подобри релациите со кралството, кои беа заладени во времето кога претходникот на Мас, Зигмар Габриел кој без директно да ја спомене Саудиска Арабија, на земјата ѝ префрли надворешнополитички авантуризам по повод аферата околу либанскиот премиер Рафик Ал Харири кој беше приведен во Ријад. Саудиска Арабија потоа го повлече својот амбасадор од Германија. На почетокот на октомври, една недела по исчезнувањето на Кашоги, амбасадорот се врати во Берлин.

Корекција на корекцијата?

Дали германската влада повторно се дистанцира од Саудиска Арабија? Томас Рихтер, експерт за државите од Блискиот Исток од хамбуршкиот институт ГИГА смета дека во најмала рака "сериозно се размислува" за тоа дали принцот Мухамед бин Салман кој фактички владее со кралството, навистина е реформаторот што западот го гледаше во него. Сепак изгледа дека е владетел кој не се воздржува од ниту една форма на репресија. "Затоа се надевам", вели Рихтер, "дека ќе се наметне реалистички поглед на Саудиска Арабија и на претстојниот развој во земјата, реалистичен во смисла дека и натаму се работи за авторитарна монархија со која владеат само неколку луѓе."

Saudi-Arabien - Königspalast in Riad
Кралската палата во РијадФотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Германската влада можела уште пред три години да го согледа тоа. Во декември 2015та според информации на неделникот „Шпигел” германската тајна служба предупредила од новиот човек на чело на Саудиска Арабија. „Досегашниот дипломатски воздржан став на постарите членови на кралската фамилија се заменува со импулсивна политика на интервенции", се вели во анализа на службата.

Предупредувањето од БНД

Германската тајна служба БНД тогаш предупредувала од ризиците кои ги има назначувањето на новиот владетел. Кралот Салман и неговиот син Мохамед сакале да се профилираат како предводници на арапскиот свет. Тие се обидувале надворешнополитичката агенда на Саудиска Арабија "да ја прошират со силна воена компонента и нови регионални алијанси".

Саудиска Арабија ја губи довербата во нејзиниот досегашен заштитник САД, се вели во анализата. Затоа Кралството сега се стремело да заземе улога на нова хегемонијална сила со отворено ривалство со конкурентот Иран. Тоа го потврдувала и со војната во Јемен. Владетелите во Ријад немале задршки да преземат енормни "воени, финансиски и политички ризици за да не западнат во втор план во регионаланата политика", се вели во документот.

Извозот на оружје: „машина за печатење пари"

И покрај таквите предупредувања, сегашната и претходната влада и натаму одобруваа експорт на оружје во Саудиска Арабија. Само од март годинава било испорачано оружје во вредност од 254 милиони како што се вели во одговорот од Министерството за економија на прашање од пратеникот од Зелените, Омид Нурипур. Новинарот Маркус Бикел, главен и одговорен уредник на журналот на организациата за заштита на човекови права Амнести Интернешенал, остро го критикуваше експортот на оружј во Саудиска Арабија во неговата книга „Профитери од теророт" издадаена во 2017та година. Кралството на многу начини е вмешано во кризи и конфликти на арапскиот полуостров, кои за глобалната воена индустрија биле „вистински печатници на пари“ и тоа без оглед на цената што се плаќа заради таквите војни и во социјален поглед. "приливот на сердства во буџетот постигнат во времињата на висока цена на нафтата, вака се губат на сметка на други општествени сфери, особено образование и здравство."

Deutschland Kampfpanzer Leopard
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schulze

Во разговор со ДВ, Бикел критикува дека германските компании истовремено вложуваат напори и за цивилни и за воени проекти. Тоа според Бикел, било многу проблематично бидејќи „државите од Персискиот залив сакаат до 2030-та година да бидат независни од увоз на оружје. Но, тие не можат да се откажат од трансферот на технологија, па така цивилниот и воениот ангажман одат рака под рака."

Себастијан Сонс, експерт во Германското здружение за надворешна политика укажува на неконзистентноста во германската надворешна политика во однос на Саудиска Арабија. „Од една страна политичарите во Германија и во другите земји не престануваат да ја акцентираат улогата на Саудиска Арабија како дестабилизирачки фактор во блискоисточните конфликти. Од друга страна стануваат сочучесници во стратегијата на Саудиска Арабија со испораката на оружје", вели Сонс во книгата "Кула од песок: Саудиска Арабија како проблематичен сојузник".

Улрих Лехте: „Мора итно да преземеме мерки"

Таквата политика би можела да се промени. „Би сакале сите земји од Г7 да ги повлечат своите амбасадори, а најдобро би било и од Г20", вели Улрих Лехте од редот на германските Либерали и член на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот во интервју за ДВ. "Секако дека не можеме во регион кој се стреми кон стабилност да започнеме кавга со секого. Но, Саудиска Арабија премина повеќе граници и ние мора итно да преземеме мерки."

Сличен е ставот на портпаролот за надворешни работи на пратеничката група во Бундестагот на ЦДУ и ЦСУ, Јирген Хард. Владата ќе размисли околу својата досегашна политика, најави Хард во интервју за „Дојчландфунк". „Во секој случај мораме нашите економски средства да ги искористиме на начин што Саудиска Арабија ќе остане посветена на стабилноста во регионот. Сметам дека за тоа веќе има плодна почва преку блиските економски релации кои Европа и Америка ги имаат со земјата."

Dschamal Chaschukdschi
Џамал КашогиФотографија: Getty Images/AFP/M. Al-Shaikh

Хард вели дека и во кралското семејство има „делумно нерационален елемент во постапките". Тоа според него, мора да се менаџира, но се уште е рано за да се дадат конкретни предлози за реализацијата на целта.

Саудиското ракводство „на тапет” во светот

Убиството на Џамал Кашоги според сите до сега достапни информации, требало да испрати внатрешнополитичка порака насочена кон критичарите на кралската фамилија. На тој начин тие требало да бидат замолчени. Но, есапот на креаторите на планот не излезе – веста за убиството го обиколи светот и саудиското водство е на тапет, не само во Германија.