1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија почнува да излегува од корона-застојот

Анамарија Зигрист
20 април 2020

По повеќенеделната принудна пауза поради коронавирусот, во Германија од денеска отвораат и продавниците во кои не се продава храна. Условите за работа во покраините се различни, а навала во шопинг-зоните не се очекува.

https://p.dw.com/p/3b9hz
Coronavirus - Frankfurt/Main
„Од понеделник сме повторно тука за вас“- пишува на излогот на продавница во Хесен, која денеска ги отвора вратите за купувачитеФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Трговските ланци, продавниците и книжарниците се на стартна позиција - по речиси едномесечна принудна пауза поради корона-кризата, денеска почнуваат олабавувањата на дел од мерките. Малите и средните по големина продавници смеат повторно да ги отворат вратите за муштериите. Исклучок се продавниците со површина над 800 квадратни метри. Трговците со автомобили и велосипеди, како и книжарниците, пак, смеат да продаваат независно од тоа колкава е површината на продавницата.

Symboldbild: Erster deutscher Verlagspreis
Сите книжарници, независно од големината на продавницата, од денеска може повторно да почнат со работаФотографија: picture-alliance/K. Kleist-Heinrich

Како „пачворк“

Потрошувачите, меѓутоа, нема во сите покраини да тргнат веднаш на купување. Во Баварија, Берлин, Тирингија и Брандебург продавниците смеат да отворат и малку подоцна. Купувањето на многу места ќе биде поинакво - исто како во продавниците за храна, во продавниците за текстил или книжарниците ќе бидат вообичаени маските, ознаките за држење отстојание и контролите при влез во дуќаните.

Сојузот и покраините минатата среда постигнаа согласност за почеток на олабавување на мерките за борба против пандемијата, но на повидок нема и единствена стратегија на сојузно ниво за борба против вирусот. Одделните покраини се тие што на крајот одлучуваат како ќе изгледаат конкретно договорените мерки. Критичарите веќе зборуваат за „пачворк“.

Во Рајнланд Пфалц, Сар и Долна Саксонија, на пример, смеат да отворат и поголеми продавници доколку обележат продажна површина од 800 квадратни мерки. Исто така е и во Хесен. Во Бранденбург смеат да отворат и продавниците кои се во состав на трговски центри, а не се поголеми од 800 квадратни метри. Во Саксонија при купувањето важи обврска за носење маска, а така е и во јавниот сообраќај. Саксонија е прва покраина со такво правило.

Österreich Wien Coronavirus - Maskenpflicht in Supermärkten
Носењето маски при купување е обврска во СаксонијаФотографија: picture-alliance/AP/H. Fohringer

Алтмајер ги брани мерките

Сојузниот министер за економија Петер Алтмајер ги повика сојузот и покраините на поголема усогласеност. „Не смееме да трчаме наоколку како група кокошки и постојано да се наддаваме со заострување и олабавување на мерките“, опомена Алтмајер. Истовремено, тој застана во одбрана на одлуката прво да се дозволи да отворат помалите продавници. Тие продавници имаат помали резерви и затоа е потешко „да се одржуваат во живот“, вели тој.

Сојузот на градовите ги поздрави мерките за олабавување. „На луѓето им се потребни центри на градовите полни со живот. Ако сега повторно отворат повеќе продавници од трговијата на мало, тоа ќе биде добро за сите: за луѓето кои сакаат да купуваат, за трговците на мало, за нивните вработени и за градовите“, изјави раководителот на Сојузот на градови, Хелмут Деди. Притоа, се смета дека на почетокот купувачите ќе бидат воздржани. „Не очекуваме огромна навала. Продавниците кои сега повторно отвораат ќе бидат исто така отворени и по една недела“, нагласува Деди.

Deutschland Corona-Pandemie | geschlossenes Restaurant
Хотелите и рестораните остануваат затворениФотографија: picture-alliance/dpa/SvenSimon

Најавена натамошна помош

Германската влада во корона-кризата планира натамошна помош за браншите кои се особено многу погодени, поради тоа што економијата ќе се враќа во нормала полека. Шефот на Канцлерамтот, Хелге Браун, изјави дека треба да се постапува промислено и полека, а вопочитувањето на мерките да се биде дисциплиниран, за да не мора да се враќаат ограничувањата. Министерот за финансии Олаф Шолц објасни дека станува збор пред се’ за економските гранки кои се’ уште не може да се вратат на нормала поради опасноста од зараза со коронавирусот. „Хотелите и угостителите се сигурно дел од тоа“, рече Шолц. Во таа гранка на 70.000 фирми им се заканува банкрот - или на секоја трета фирма во браншата.

Организаторите на големи настани бараат од политиката јасност за натамошните чекори во сферата на концертите и другите манифестации. Сојузот и покраините, имено, постигнаа согласност за продолжување на забраната за сите големи настани до крајот на август. Досега е само во исклучителни случаи јасно што покраините сметаат за голем настан, критикуваше претседателот на сојузот на компаниите од оваа бранша, Јенс Михов. Затоа од сите покраински влади се бара повеќе јасност во правилата. Во моментов во Германија и Европа се одложени повеќе од 155.000 настани во живо, информира најголемата европска компанија за билети и настани во живо, Евентим. При траење на мерките за забрана во период од шест месеци, според актуелните пресметки, ќе се претрпат загуби од над пет милијарди евра.