1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака да се ангажира во Сирија

Максимилијане Кошик
22 октомври 2019

Дела наместо зборови - германската министерка за одбрана предлага создавање меѓународна безбедносна зона во северна Сирија. Отворено прашање е евентуален ангажман на германски војници.

https://p.dw.com/p/3RhRt
Türkei/Syrien: Ceylanpinar - Rauch über syrische Stadt Ras al-Ain
Фотографија: Reuters/M. Sezer

„Мој предлог е создавање меѓународно контролирана безбедносна зона, со вклучување на Турција и на Русија“, изјави германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер во интервју за Дојче веле.

Германија, заедно со Франција и со Велика Британија, а со земање предвид на ставовите на Русија и на Турција, би требало да го конкретизира овој предлог, истакна министерката, но не спомена  учество на САД, партнер во НАТО

Германската влада го осуди влегувањето на турските трупи во северносирискиот регион, сметајќи го спротивно на меѓународното право.  Ситуацијата во Сирија  е таква „што непосредно ги засега  безбедносните интереси на Европа  и безбедносните интереси на Германија“, истакна министерката во интервјуто за Дојче веле.

„Потреба од силна европска иницијатива“

Според планот на Крамп-Каренбауер, целта на ваква безбедносна зона би било повторно продолжување на борбата против исламистичкиот терор, која спласна по турската офанзива во северна Сирија. „За таа цел, според мое мислење, потребна е силна европска иницијатива.“  

Annegret Kramp-Karrenbauer im Interview zu Sicherheitszone in Syrien
Анегрет Крамп-Каренбауер: Европа да не биде само нем посматрачФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Германската канцеларка Ангела Меркел веќе предложила заедничка средба со Франција, Велика Британија и Турција. Крамп-Каренбауер смета дека деталите треба да ги разработи германско-францускиот Одранбен совет, и тоа со заеднички консултации со Британците.

Паралелно со ова, министерката за одбрана во своите планови предвидува активно вклучување на  Турција и на Русија: „Русија е еден од најважните актери во Сирија. Тоа можеби некому се допаѓа или не се допаѓа, но во секој случај е факт со кој мора да се соочиме.“

Министерката истакна дека сака (моментното) германско место во Советот за безбедност на ОН да го искористи за преговори, исто како и за билатерални разговори од обете страни - „Алтернатива би била сега Европејците и НАТО едноставно да набљудуваат што се случува и како ќе се одвиваат натамошните евентуални разговори меѓу Турција и Русија.“

Не се исклучува учество на Бундесверот

Дали и како во акција во безбедносната зона, која ја предлага германската министерка, би учествувал и германскиот Бундесвер, на тоа Крамп-Каренбауер не даде конкретен одговор: „Како ние Германците ќе се однесуваме и што ќе значи тоа за Бундесверот, е прашање за кое мора да се одлучи во Бундестагот.“

Шефицата на ЦДУ е уверена дека во нејзината партија ќе наиде на поддршка за својот предлог. За него претходно веќе ја информирала и канцеларката Меркел. „Сигурно дека ќе има дискусии во владата“, изјави Крамп-Каренбауер, мислејќи на коалиционите партнери од Социјалдемократската партија, СПД. „Но, не може постојано само да се зборува дека Европа не смее да биде единствено во улога на нем посматрач, туку мора со сопствени предлози да се покрене дискусија“, изјави министерката за одбрана во интервјуто за Дојче веле.