1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Шефот на тајната служба и демократијата

13 септември 2018

Еден набљудувач креира политика: шефот на разузнавачката служба Ханс-Георг Масен со денови ја диктира внатрешнополитичката агенда во Германија. Како тој ја интерпретира својата улога во демократијата?

https://p.dw.com/p/34ngt
Berlin: Hans-Georg Maaßen
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Sohn

Теоретски работата е јасна и едноставна: Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БФВ) и 16-те покраини треба навремено да ги препознаат можните закани за државата и општеството. Називот „систем на рано предупредување“, кој честопати се користи, и тоа како е соодветен. Претседателот на БФВ, Ханс-Георг Масен често го користи кога зборува за лев или десен екстремизам, исламски тероризам, шпионажа од други земји или економска шпионажа. Во секојдневната работа на институцијата ѝ паѓа тешко да ја исполни задачата што сама си ја поставила.

Лично Масен, неодамна даде најочигледен пример за тоа кога во јавноста ја стави под прашање веродостојноста на една видео-снимка, на која, како што се чини, се гледаат расистички напади во Кемниц. Во меѓувреме ги релативизираше своите изјави откако не успеа да даде издржани аргументи. Тој мораше да поднесе извештај пред својот надреден, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер. Вчера пратениците на Комисијата за внатрешна политика и Парламентарното контролно тело за работата на тајните служби (ПКГ) сакаа од него да чујат што точно сакал да каже со дадените изјави.

Масен мора да сфати дека „може да предизвика политички проблеми“

Присутните различно го толкуваат исходот од затворената седница. Претседателот на ПКГ, Армин Шустер (ЦДУ), смета дека настапот на Масен бил „убедлив“. Негов мотив било да се погрижи „да ја смири ситиуацијата“. Сепак, Шустер го критикува за неговото интервју во булеварскиот весник „Билд“. Раководител на институција мора да е свесен дека со такво нешто „може да предизвика политички проблеми“. Тоа и се случи.

Барањата за оставка или разрешување за шефот на БФВ за Шустер се „непропроционални“, особено ако се спореди со „неговите успеси во работа“ во последниве шест години. Толку долго Масен е на функцијата шеф на разузнавачката служба, односно најдолго од сите негови претходници. Дали и уште колку долго ќе ја задржи е друго прашање. Социјалдемократот Ули Греч, чија партија е во коалиција со ЦДУ на Ангела Меркел, смета дека довербата во тајната служба поради однесувањето на Масен „е разнишана“.

Deutschland Berlin - Armin Schuster zu Hackerangriffen
Армин Шустер (ЦДУ) смета дека настапот на Масен пред парламентарната комисија бил „убедлив“Фотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

Сомнеж „дека овој шеф на службата уште долго ќе остане на позицијата“

Пратеникот од Левицата, Андре Хан, кој е и заменик претседател на парламетарната комисија, е многу поостар во оценките: не може да се каже дека Масен во последните години покажал добри резултати и добро работел. Тој носи одговорост „за серија пропусти и скандали“. Хан притоа мисли пред сѐ на неуспехот со справувањето со терористичката група „Национал-социјалистичко подземје“ (НСУ), чија серија убиства службите не можеа да ја спречат. Тој не верува „дека овој шеф уште долго ќе остане на фунцијата".

Контроверзите околу највисокиот по функција човек на тајните служби покажуваат дека личноста и ваквата позиција не може да бидат неутрални, дури ниту ако тоа се сака. Критичарите уште одамна го обвинуват Масен дека многу широко си ја интерпретира функцијата и надлежностите. Тоа дека шефот на тајната служба се движи и политички на тензичен терен, има влијание и врз неговата работа. Сликата за „човек на услуга на демократијата“ притоа често звучи попоетски, отколку што тоа навистина е во сивото, но и опасно секојдневие.

Дали интервјуто беше политички мотивирано?

БФВ со околу 3500 соработници треба да ја штити Германија од сите можни домашни и странски непријатели. Со оглед на високото ниво на опасности, тоа на институцијата ѝ успева релативно добро. За можните опасности Масен и шефовите на останатите служби редовно разговараат во кабинетот на канцеларката. Таму се координираат активностите на сите служби. Нивните проценки на ситуацијата се од енормно зачењез а владата. Тие во секој момент може да бидат и причина за политички кавги, дури и во коалицијата од конзервативните ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите.

Во актуелната дебата околу барем делумно ксенофобно мотивираните напади во Кемниц, министерот за внатрешни работи Зехофер првично застана зад Масен. За разлика од канцеларката Меркел, обајцата не мислат дека виделе „лов“ на наводни странци. Претпоставката дека во конкретниов конфликт всушност се работи за продолжување на бескрајната кавга за прашањето за азилантите меѓу ЦДУ и нејзината сестринска партија од Баварија, не е без основа. Така погледнато, легитимно е прашањето дали Масен ги пречекорил своите овластувања поради политички мотиви.

Berlin: Horst Seehofer und Hans-Georg Maaßen
Министерот за внатрешни работи Зехофер (д.) не гледа причина за му даде отказ на Масен (л.)Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Чин на лојалност кон Ангела Меркел

Генерално, чиновниците кои се со доживотно вработување имаат посебен однос на верност и лојалност кон својот работодавач, а тоа е државата. Затоа пак уживаат привилегии, кои на други вработени или самовработени им се ускратени. Не мора да се плашат дека ќе останат без работа и финансиски се долгорочно обезбедени. Таквите гаранции пак, со себе носат и забрани, како на пример забраната за шрајк. Тие смеат да демонстрираат за своите каузи, но за политички прашања од нив се очекува воздржаност и умереност.

Во тој поглед Масен не е баш најдобар пример. Неговото делување во врска со настаните во Кемниц би можело да се сфати и како нелојално кон Меркел, која ескплицитно зборуваше за „лов“ во Кемниц. Нема дилеми дека канцеларката е лута поради своеволното претставување на случувањата од страна на Масен. Но, дури и да сака, таа не може да му даде отказ на претседателот на БФВ. Стручниот и службен надзор над неговата институција е во рацете на министерот Зехофер.По специјалната седница на Комисијата за внатрешна контрола тој изјави дека не гледа причина за последици по Масен.

„Нема да дозволиме цели групи да бидат тивко изолирани"

Уште едно политичко прашање: Комисијата за случајот Амри

Сепак притисокот врз него ќе остане, бидејќи му се префрлаат и други големи пропусти. По крајот на парламентарната летна пауза, со работа продолжува Комисијата за истражување на нападот на Берлинскиот божиќен пазар во 2016 година. Во најголемиот исламистички напад во Германија загинаа 12 лица.

Веќе подолго се врти наводната информација дека БФВ имала свој човек (крт) во опкружувањето на напаѓачот Анис Амри. Масен ги отфрли таквите наводи, а спротивните тврдења на опозицијата во медиумите ги оквалификува како лага. Досега не беа успешни обидите да се поканат луѓе на службата како сведоци, ниту да се добијат пикантни досиеја. Левицата во краен случај сака поради тоа да покрене тужба. Една политичка афера би можела да се претвори и во правна.