1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе го преполови увозот на руска нафта до летово

БГ
25 март 2022

Германија најави дека драстично ќе го намали увозот на енергенси од Русија поради инвазијата врз Украина. Увозот на нафта ќе се намали за половина, а увозот на јаглен целосно ќе запре до наесен.

https://p.dw.com/p/491eo
Ukraine Gasdruckanzeige an Pipeline von Gazprom
Фотографија: Sergey Dolzhenko/epa/dpa/picture-alliance

„Го направивме првиот чекор за ослободување од рускиот увоз“, најави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

„Последниве недели, заедно со сите релевантни фактори, направивме интензивни напори за увоз на помалку фосилна енергија од Русија и проширување на нашата добавувачка база“, дополни Хабек.

Пред руската инвазија на Украина, третина од германскиот увоз на нафта, 45 проценти од увозот на јаглен и 55 проценти од увозот на гас доаѓаа од Русија. Зависноста на најголемата европска економија од руските енергенси е слаба точка не само за Германија, туку и за целата ЕУ.

Многу компании во меѓувреме ги откажуваат договорите со руските добавувачи и се вртат кон други извори на енергија.

Како резултат на тие промени, увозот на нафта од Русија веќе е паднат за 25 проценти, двојно ќе се намали на половина од годината, и комплетно ќе запре до крајот на 2022. Истото важи и за јагленот.

„До наесен, ќе бидеме независни од рускиот јаглен“, вели Хабек. 

Европа ја финансира војната на Путин во Украина

Кај гасот, нештата се покомплицирани, но Германија се надева дека ќе се ослободи од рускиот увоз до средината на 2024 година. За да се постигне тоа, владата во Берлин веќе обезбеди користење на три „пловечки“ терминали за течен гас и работи на изградба на постојани терминали во земјата. 

САД ќе ја помагаат ЕУ 

САД најавија дека ќе ја помогнат ЕУ со достава на 15 милијарди кубни метри течен гас во текот на оваа година. Претседателот на САД, Џо Бајден и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во петокот најавија формирање на работна група за намалување на европската зависност од руски енергенси. 
„Денеска се согласивме на заеднички план кон таа цел, забрзувајќи го нашиот напредок кон безбедна и чиста енергетска иднина“, изјави Бајден. 
Комисијата ќе работи со членките на ЕУ за да се овозможи достава на околу 50 милијарди кубни метри течен гас годишно до 2030 година.  

Belgien Brüssel | Pressekonferenz Ursula von der Leyen und Joe Biden
Претседателот на САД, Џо Бајден и претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS