1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Ќе успее ли „политичкиот експеримент“ Тирингија?

Фридел Таубе
26 октомври 2019

Во сојузната покраина Тирингија утре се одржуваат избори (27.10). За исходот сите се интересираат, зашто таму владее „црвено-црвено-зелена“ коалиција. Што ќе значи исходот за владата на Ангела Меркел?

https://p.dw.com/p/3RvMI
Deutschland Bundesrat in Berlin | Bodo Ramelow (Die Linke), Ministerpräsident Thüringen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Германската сојузна покраина Тирингија е посебна од повеќе аспекти. Не само затоа што некогаш таму твореле Лутер, Бах или Гете, или затоа што и на други места радо ги јадат тириншките колбаси или тириншките кнедли. Туку и затоа што таа е политички исклучок: само таму политичката  партија Левица постави премиер на покраинската влада во коалиција со Социјалдемократите и Зелените.

Она што не е толку ретко во покраините од бившата Германска Демократска Република, е што и актуелниот покраински премиер е „увезен“ од Западна Германија.  Бодо Рамелов  беше кандидат на партијата Левица, која настана од обединувањето на ПДС- наследничката на некогашната режимска партија на социјалистичка Источна Германија, СЕД, и западногерманската партија блиска до синдикатите, ВАСГ, но е роден во поранешна Западна Германија. Згора на тоа, тој е католик во покраина во која, ако некој уште е верник, (преку 50 проценти се сметаат за атеисти), тогаш е протестант (околу 25 % од населението).

Сепак, се верува дека во изминатиот мандат во Ерфурт тој заврши добра работа: „Ние покажуваме дека е можно мирно и опуштено да се владее со три партии. Тоа до пред пет години во Германија беше незамисливо“, објаснува тој во ексклузивно интервју за Дојче веле.

Mike Mohring
Мајке Моринг од ЦДУ сака да го замени Бодо РамеловФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Негов најголем конкурент е Мајке Моринг, претседател на покраинската Христијанско демократска унија, кој на минатите избори доживеа изненадување: ЦДУ владееја во Тирингија цело време од обединувањето на Германија и тешко им падна напуштањето на министерското биро на покраината.

„Јас ќе ја претворам црвено-црвено-зелената коалиција во само еден историски миг“, најавува 47-годишниот Тиринжанец. Неговите ветувања се насочени првенствено кон подобро образование, поголем број основни училишта и бесплатни детски градинки уште од првата година.

Градовите напредуваат, селата пропаѓаат

И меѓу петте покраини кои настанаа на подрачјето на поранешна  Источна Германија,  во голем дел владее исто правило како и на западниот дел од земјата: тоа не е „што појужно тоа потажно“, туку на јужните покраини главно им оди подобро отколку на северните. Соседи на Тирингија се имашливите покраини Баварија и Хесен, но и оваа покраина е погодена од типичната миграција која владее во источниот дел: младите одат во западна Германија или дури и во странство, а ако остануваат во Тирингија, од помалите места се селат во урбаните центри на покраината.

За селата во провинцијата тоа е катастрофа: не само што така имаат помали приходи од данок, туку немаат ни пари за подобро сообраќајно поврзување со центрите. „Многу луѓе кои уште живеат во селата во прв ред се соочени со прашањето: како да стигнам до најблискиот град? Мобилноста е од клучно значење. Една од темите која долго е запоставувана во Германија е оспособувањето на локалниот железнички превоз“, смета Рамелов. Тоа радо сакаат да го чујат и неговите коалициски партнери, Зелените, зашто вака единствена алтернатива е седнување во автомобил.

Инаку, дури и на територијата на бивша Западна Германија има покраини на кои не им оди толку добро како на Тирингија. Но, тоа се само „островите“ околу центрите како Јена, Ерфурт, Вајмар или Илменау, објаснува Торстен Опеланд од Универзитетот Јена. „На други места луѓето имаат впечаток дека живеат, малку преувеличано кажано, во ‘подрачја во изумирање' и тоа предизвикува лошо расположение.“

И тука се присутни популистите

Дури за 17 проценти од жителите на Тирингија еден од најважните проблеми е оној со мигрантите. Се разбира,  популистите од АфД  и тука долеваат масло на огнот, што е причина за добрите резултати на оваа партија во покраината. Торстен Опеланд објаснува дека таму уште не го заборавиле доаѓањето на големиот бран бегалци во 2015 година: „На луѓето овде со години им се зборуваше дека нема пари за многу нешта, за нова полициска станица, автобуска линија или обнова на училишта. А потоа, во 2015 година видоа дека се најдоа милијарди евра за финансирање на интеграцијата на мигрантите. Тоа пак создава незадоволство.“

Deutschland | Erfuter Dom
Ерфурт - подем на градовите, изумирање на селата во ТирингијаФотографија: picture-alliance/dpa/dpa-Zentralbild/ZB/B. Schakow

Тука е присутно и нешто што луѓето од западниот дел тешко можат да го разберат во менталитетот на оние од источниот дел, кои долго живееја во социјализам: разлика меѓу официјалната политика и јавното мислење. „Таквата ‘еднодушност' на јавното мислење кое зборува за култура на добредојденост многумина ги потсетува на ГДР, кога се пропишувало како треба да се мисли, а се  она што не ѝ одговарало на државната идеологија, се прогласувало за непожелно. Затоа, многумина кои мислат дека на Германија не ѝ требаат нови странци, се сметаат неправедно обвинети за расизам“, објаснува Опеланд.

Цела Германија со внимание ги следи изборите во Тирингија

Нема сомнеж дека и канцеларката Ангела Меркел напнато ќе го следи исходот од изборите во Тирингија. Дали ќе продолжи трендот на пад на поддршката кон „големите“, односно нејзината партија ЦДУ и коалицискиот партнер СПД? Тоа веќе се случи на изборите во покраините Саксонија, Бранденбург, но и во Бремен. А тоа ќе ѝ го отежне животот на владејачката коалиција во Берлин.

„Дури и повеќе отколку за Ангела Меркел, тоа ќе биде проблем за Анегрет Крамп-Каренбауер, претседателка на ЦДУ, ако нејзината партија помине лошо на изборите“, смета Опеланд. „А за Социјалдемократите, кои токму сега избираат ново раководство, тоа ќе значи уште поголем притисок за лидерот од кој ќе се очекува конечно да го промени присутниот тренд.“

Според последните испитувања на јавното мислење, идниот покраински парламент во Тирингија може да биде многу „шарен“: толку многу, што тешко може да се најде воопшто комбинација на партии која би создала коалиција. Покраинскиот премиер тука не остава сомнеж во поглед на надежите за изборите: „Работиме се за останување на црвено-црвено-зелената коалиција. На тоа работат и во СПД и Зелените“, вели Рамелов. Исходот ќе допрва ќе го видиме.