1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобал Медиа Форум: Медиуми, слобода, вредности

Матијас фон Хајн / Е.М.Фиданоска11 јуни 2016

Улогата на медиумите во триаголникот од кризи, зголемена цензура и дезинформации - тоа е темата на 9. Глобал Медиа Форум на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1J3eZ
Фотографија: picture alliance/Photo Alto/M. Mohr

Дојче веле од 13 до 15 јуни, на деветтиот Глобал Медиа Форум очекува околу 2300 гости. Темата годинава гласи: „Медиуми. Слобода. Вредности“. Луѓе од медиумите, експерти, политичари и уметници, активисти и новинари од над 100 земји можат да изберат што ги интересира од широката понуда од над 40 манифестации и работилници. Присутни ќе бидат и големи имиња, како потпретседателот на Европскиот парламент, Александер Граф Ламбсдорф, вицепретседателката на Бундестагот Клаудија Рот, министерката за труд и социјала Андреа Налес, или пак шефот на Минхенската конференција за безбедност Волфганг Ишингер. Меѓу гостите е и Каша Набагесера од Уганда, носителка на Атернативната Нобелова награда, како и египетскиот уметник Або Бакр или палестинско-сирискиот пијанист Аехам Ахмад. Завршниот говор ќе го држи Кристијана Фигуерес, шефица на заминување на Секретаријатот за клима на ОН.

Воркшопови, интеракција, разговори

Генералниот директор на Дојче веле Петер Лимбург вака ја сумира интенцијата на конференцијата: „Глобал Медиа Форум нуди воркшопови ориентирани кон наоѓање решенија интерактивни формати и инспиративни разговори. Ќе дискутираме за значењето на дигиталните стратегии за иднината на интернационалните медиуми, за човековите права и за растечките ограничувања на медиумската слобода ширум светот и развојот на новинарството.“ Дојче веле на овој Глобал Медиа Форум има намера да се презентира не само како организатор, туку и како медиум. Гостите може во живо да следат како се продуцираат ток-формати на маргините на конференцијата. Меѓу нив и емисијата Шабабток, или пак новиот интервју-формат за човекови права со кубанската новинарка Јоани Санчез.

"place for minds"

На раководителот на Глобал Медиа Форум, Патрик Лојш, на срце особено му лежи едно: тој сака, согласно мотото на ДВ "made for minds", да го направи Глобал Медиа Форум "place for minds". „Ако тоа се земе сериозно, тогаш мора да им се понуди форум на луѓето кои се посебни и кои од своето посебно место сакаат барем малку да го променат светот. Тоа може да биде некој блогер, некој кој со невладина организација менува нешто во цивилното општество, во своето село, заедница. Тоа може да биде и носител на политички одлуки.“

GMF Stories
Фотографија: DW/K. Danetzki

Freedom of Speech Award и The Bobs

Една од манифестациите кои Лојш во никој случај не сака да ги пропушти е доделувањето на Freedom of Speech Award (Награда за слобода на говор) на Седат Ергин, главен уредник на турскиот весник „Хуријет“. „Со нетрпение ги чекам говорите на Седат Ергин, но и на Кај Дикман, кој ќе држи лаудацио“, вели Лојш. „Тој (Дикман, н.з.) е човек кој нема влакна на јазикот. А и неговата издавачка куќа 'Шпрингер' е загрозена од тужба од страна на господин Ердоган.“

Покрај наградата за слобода на говор, на вториот ден од ГМФ ќе бидат доделени и наградите на натпреварот на ДВ „The Bobs – Best of Online Activism“. Меѓународно признатата награда годинава ја освоија граѓанско-новинарски проект од Бангладеш, создавач на ап од Иран, потоа кампања против напади со солна киселина врз жени во Индија, како и „цЦнтарот за политичка убавина“ од Германија.