1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобалното загревање - катастрофално за Средоземјето

Дарко Јањевиќ
14 август 2021

Климатските промени го погодуваат цел свет, а луѓето кои живеат близу Средоземното Море се позагрозени. Научниците предвидуваат температурите во тој регион да растат 20 проценти повеќе од глобалниот просек.

https://p.dw.com/p/3yqb3
BdTD | Waldbrände in Griechenland
Фотографија: Michael Pappas/AP/dpa/picture alliance

Грција, Италија, Турција, како и низа други земји се борат да ги сузбијат разорните пожари кои се шират низ исушената вегетација и поради врелиот бран кој го погоди северниот дел од Средоземјето. Но, таквите врели бранови ќе станат уште полоши во наредните години, покажуваат проекциите на научниците кои се занимаваат со предвидување на климатските промени.

Оваа недела ОН го претставија првиот дел од Извештајот за глобалното загревање во кој се наведува дека просечната температура веќе е порасната 1,1 степен во однос на периодот пред индустријализацијата. Врелите бранови ќе стануваат почести од порано, а во многу региони сушите ќе траат подолго. Во исто време чести се и силни дождови.

„Ние веќе ги забележуваме климатските промени во сите делови од светот“, вели за Дојче веле една од авторките на Извештајот, Фредерике Ото од Оксфордскиот универзитет. Екстремните временски прилики ќе стануваат „сѐ поинтензивни и сѐ почести“, додава таа.

На Средоземјето му „гори под нозе“

На самитот во Париз во 2015. година, претставниците од речиси сите земји од светот се обврзаа да го ограничат растот на температурата до 2 степени Целзиусови до крајот на векот и во идеален случај, да го задржат под 1,5 степени. Но, Извештајот на ОН предвидува дека таа граница од 1,5 степени секако ќе биде надмината во текот на наредните 15 години.

-повеќе: 

Екстремно време ширум светот: меѓу пожари и поплави

Архитектурата во време на климатски промени  

Европа гори: Четири причини зошто тоа се случува

Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме

Покрај тоа, следниот дел од Извештајот кој би требало да биде објавен во февруари, покажува дека температирите во регионот на Медитеранот ќе пораснат уште повеќе, околу 20 проценти повеќе во однос на глобалниот просек.

Жителите на тој дел од светот ќе се соочат со „меѓусебно поврзани климатски ризици“, цитира од нацрт-извештајот новинската агенција Франс прес.

„Причините за загриженост вклучуваат ризик од пораст на нивото на морињата, губење на биодиверзитети на копно и во море, ризици поврзани со суши, шумски пожари, промени во циклусите на кружење на водата, закани за производството на храна, здравствени ризици во урбаните и рурални подрачја поради жештините и променети вектори на болести“, укажуваат научниците.

Waldbrände in Griechenland Euböa.
Борба со огнената стихија на грчкиот остров ЕвијаФотографија: Petros Karadjias/dpa/AP/picture alliance

Единствена опција климатизација

Групата автори која го подготвува тој сегмент од Извештајот ја предводи Ханс Ото Пертнер од Институтот во германскиот град Бремерхафен. Коментирајќи го актуелниот врел бран во Средоземјето за германскиот магазин „Шпигел“, Пертнер вели деа екстремните временски прилики во тој регион се „вклопуваат во проекциите“ на неговиот тим.

А тие проекции се загрижувачки: ако глобалната температура порасне за два степени, површината уништена од шумски пожари би можела да се зголеми за 87%, а промена за три степени би можела да доведе до ширење на пожарите на 187 проценти поголема територија во Медитерантот.

Климатските промени би можеле да предизвикаат и поплави во крајбрежните подрачја, како и смртоносни горештини. Научниците предвидуваат дека околу 93 милиони луѓе во северно Средоземје ќе бидат изложени на висок или многу висок стрес од високи температури до средината на овој век, судејќи според наводите од Извештајот кои ги пренесува Франс прес.

„За да се преживее такво ниво на жештини, единствена опција е климатизација 24 часа дневно и седум дена во неделата. А луѓето тоа не можат да го платат“, вели за Франс прес професорот Јан Келман од Лондонскиот универзитетски колеџ.

Потребни се планови за евакуација

Сепак, Келман додава дека постојат и практични чекори кои владите можат да ги преземат за заштита на населението од пожари и поплави, вклучувајќи едноставни, но робустни планови за евакуација во итни случаи.

Во регионот на Медитеранот веќе живеат преку половина милијарда луѓе и бројот на жители ќе премине 650 милиони во наредите три децении.

„Сѐ повеќе луѓе и сѐ поголема приватна сопственост се изложени на опасност, а ние не ги обучуваме луѓето да се изборат со атипични појави како што се пожари, поплави и суши“, додава Келман. 

„Шпигел“ потсетува дека актуелните пожари не се автоматска последица на глобалното загревање, зашто нив ги предизвикуваат и други фактори. Меѓутоа, Фредерике Ото вели дека климатските промени се пресудниот фактор што се однесува на екстремни жештини: „Секој жежок бран денес стана и поверојатен и поинтензивен поради климатските промени предизвикани од луѓето.“