1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Говедо да е ...

18 јуни 2020

Одредувањето на датумот за следните избори во Македонија беше дочекано во два спротиставени кампа, во кои етничкото е само прикритие за подлабоката шизма помеѓу квалитативното  и квантитативното. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3dyWd
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во 2016 година не се случи револуција на граѓанството во Македонија, туку социјална (р)еволуција на Албанците во Македонија. Фактите, непријатни за СДСМ и за ДУИ, се сосема јасни. Во 2016 година, не се сруши груевизмот (кој победи), туку двоецот Ахмети – Тачи. Примарните бенефициенти и профитери на таа (р)еволуција, губитниците СДСМ и Заев, беа и останаа само експлоататори на туѓата победа. Која и ден денес сакаат бесрамно да ја присвојат и врпегнат во теснопартиски наративи и покрај доскорешното шурување токму со Ахмети и тековната очајничка зависност од Тачи. Тоа е констатацијата. Следува елаборацијата.

Одредувањето на датумот за следните избори во Македонија беше дочекано во два спротиставени кампа, во кои етничкото е само прикритие за подлабоката шизма помеѓу квалитативното  и квантитативното. Албанците во 2016 презедоа чекор напред, надвор од магичниот партиски круг. СДСМ тоа го разбра како шанса за сеење раздор во албаскиот кампус и јакнење на својот квантитативен, но не и квалитативен гласачки број. За разлика од нив, ДУИ тоа го разбра како порака од Албанците дека мора да се менуваат и се адаптираат на новите времиња. Но борбата за квалитет во албанскиот кампус не заврши во 2016 туку трае до денес, со чудни пресврти. Четири години подоцна, оние кои со својата појава (Села, Гаши) ја принудија ДУИ да се реформира и модернизира, денес воспаничено гледаат како ДУИ им го презема модернизмот, урбаниот слој на млади и воедно ја сочувува  руралната доминација. Од друга страна, Заев и СДСМ зададени по имагинарни нереални албански бројки, немаат храброст да разберат дека со заминувањето на младата македонска интелектуална, современа и квалитетна структура од Бихаќа, тие стануваат неатрактивни за Албанците и квантитативно пожелни единствено за нивниот талог.

За разлика од СДСМ кои со хистеричниот повик докажаа дека се против Албанец премиер па дури и кога е сведен само на Н.Н. знак прашалник, итреците од ДУИ смислено настапија со демократска понуда меѓу три опции во кои проектираниот кандидат се нуди како легитимна опција, рамо до рамо со две други ино-етнички легитимни опции – Заев и Мицкоски. Тоа е секако квалитативна (иако неискрена) еволуција на ДУИ, доволно храбра да го стори она што СДСМ и ВМРО не смеат ни да го помислат – да низ нивниот партиски постер ја хуманизираат и демократизираат другата страна. Но исчекорот на ДУИ може сосема лесно да биде судбински фатален токму за нив, доколку при изборот на ликот на кандидатот се поведат по проектираните преференци на бихачката елита или пак на ВМРО-овските краткорични пресметки и подземни интереси. Во таков случај, тие може да добијат грст пофалби од лицемерните медиумски мегафони на двете партии, но не и подршка од нивните партии и гласачи. Во исто време, таквата лажливост и дволичност на ДУИ несомнено ќе предизвика решително и масовно вртење грб од страна на Албанците кои лесно ќе ја прочитаат дволичната игра на Ахмети.  Накусо, изборот на ДУИ, може да им обезбеди предност. Но во иста мерка може сосема лесно да се пресврти во смртоносен финален удар за Ахмети и катапултација на Села на чело на табелата. Впрочем, Албанците не беа спремни да го прифатат Коњот на Шемо. Уште помалку ќе сакаат да застанат зад некој мрцосан албански липицанер одамна зајавнат од службите. 

Други колумни од авторот:

-СДСМ-овска осмица со кромид

-Од Албин не бива Сали

-Ђе ти је НАТО, црна Македонијо?

Посебно што во албанската политика Ахмети веќе не е стандард-носител на квалитетот и гарант дека било кој од него избран Албанец-кандидат автоматски ќе биде прифатен и подржан од Албанците. Порозноста на неговиот гамбит е во неговата одбивност да избира вистински квалитет поради страв од споредба и губење на надмоќ, и всадената потреба да поттурнува фалшливост под плаштот на дневната политичка актуелност. Изборите во 2016 за него беа сурово будење токму поради одбивноста на Албанците кон неговата квантитативна надмоќ и вртењето кон новите партии како надежни нови квалитети.

Понудата од македонскиот кампус е лесно прониклива дескрипција на доминацијата на квантитативниот критериум на сметка на квалитетот. Природата на таа поставеност е приказна за себе, изнедрена од фаталниот преплет на гласачката надмоќ, мочварната рутинизираност и стравот на македонската јавност. За објаснување на таа аспурдност, вреди да се укаже на интересната (само)убеденост на македонските партии, интелектуалци и медиумски пера, посебно од левицата, дека само тие се чувари на светиот грал на анационалното. Па во тоа име си даваат за право да секое демократско барање на Албанците го сметаат за национализам, додека сопствените отворени националистички одбивања ги сметаат и презентираат како одбрана на граѓанскиот концепт.

Во таа халуцинантна замена на тези проблемот не лежи во односот кон другиот, т.е. Албанците, туку неспремноста да се убвиди длабоката ерозија на квалитетот на своето, т.е. на Македонците. Во таа квалификативна споредба на квалитетот, помалку станува збор за „каквоќата” на Албанците, а повеќе за цементираната кора на учмаеност на македонската елита.  Во тој однос, бизарното не е во условувањата на Албанците со критериумите „да има вредности, да биде интелектуалец / паметен, ја сака Македонија” туку во комичната бизарност на нивниот сопствен стандард во селекцијата на подобноста на другите.

Колку за илустрација: доколку ги иземеме Албанците како квалификатив, колку Македонци сметаат дека Жерновски има „вредности”, дека е квалитетен кадар прифатен од Македонците како таков, па затоа може да се смета како повикан за да дава квалификативи за „вредноста” на било кој друг? Бидејќи, барем од призма на Албанците, оние ликови-Албанци кои тој ги смета за подобни, секако од старт не се сметаат за такви од голем број Албанци, па ниту Македонци. Во таа констатација, негативниот опис на другиот не се базира врз замислената оценка за оценуваниот, туку врз негативната перцепција за оценувачот. Во квалификативниот однос за интелектуално/паметниот профил на проектираниот подобен Албанец, проблемот не лежи во недостатокот на интелектуална подобност на кандидатите, туку во интелектуалната и морална скромност на квалификативната комисија во која еден Заев, Стојанчо или Шилегов се сметаат за повикани да даваат цертификати за било чиј, албански или македонски, интелектуализам. Во оценката за квалитетот на љубовта кон Македонија, оценката на македонската комисија се базира врз претпоставената сомнителна љубов на Албанците кон сопствената земја. Но во ушите на Албанците таа патриотска условеност е одамна озбилно предизвикана – ако не и потсмешливо отфрлена – токму поради љубовните изјави на Пендаровски, флерт-насмевките на Мицкоски и клечењата на Заев со Борисов. Можеме да ги вклучиме и тврдењата на Каракачанов за поведенијата на македонските лидери во Софија, но ценам дека е сосема доволно за утврдување на очигледното лицемерие, без потреба за фрлање екстра дози сол врз отворени рани. Таа прелесно стекната убеденост дека квантитетот е доволен за владеење и квалификација на другите денеска е партиска рака стегната околу вратот на македонскиот квалитет. Во таквите несреќни споредби Албанците автоматски ја препознаваат комедијата на апсурдот, додека Македонците би требало да ја увидат сопствената трагедија на Радоје Домановиќ.

На прв поглед, се чини неминовна бруталната оценка дека со топ-тан одбивниот однос на СДСМ и ВМРО кон Албанците тие само ја потврдуваат жалната, најниска точка на заеднички именител содржан во фамозната квалитативна квалификација на Гордана Јанкулоска „говедо да е, Македонец е”.  Одбивноста на македонските партии кон албански кандидат е само про-форма негативна за Албанците како изблик на нелагодност и страв од пореметување на излитената рутина. Но во секој поглед, таа е сепак далеку понавредлива и далеку поописна за моменталната тешка и неблагодарна состојба на „Македонците како граѓани и гласачи. И посебно за младата, образована и прогресивна класа принудена да живурка вон стегите на двете водечки партии. Таа не толку мала класа на самоприфатено партиско аутсајдерство, за разлика од Албанците, сеуште не успева да излезе од наметнатата хипнотична, магична квадратура на кругот помеѓу Бела Палата и Бихачка. За воља на вистината, ниту водствата на новите албански партија не стекнаа барем трошка храброст и не се ни обидоа да солидарно им отстапат подиум и микрофон за кршење на обрачот во кој се наоѓаат.

Според досега кажаното, оценката е дека политичкиот квантитет е кај Македонците, додека политичкиот квалитет кај Албанците. Да беше само тоа вистина. Но не е. Таквиот впечаток може да се однесува и да се смета за легитимен и точен единствено во однос на политичките партии на Македонците –конкретно СДСМ и ВМРО - но ниту приближно кон Македонците сами. Критериумот на црвливиот, буѓосан квалитет на македонската партиска понуда никако и по ниеден критериум не се пренесува и упте помалку однесува кон севкупната интелектуална, политичка, економска, културна понуда на македонскиот етникум. И тоа можам да го потврдам од прва рака. Во овој миг, во било кој час, спремен сум да изнесам барем 4-5 имиња на Македонци кои се подготвени и квалификувани да бидат успешни, одговорни и сериозни кандидати за премиери. Но тие секако нема да бидат реализирани како такви. Од една страна, поради одбивноста на партиите на Македонците да прифатат имиња надвор од послушничката просечност на ергелата, од друга – тие засигурно никогаш не би прифатиле да бидат искористени од ДУИ. Искуствата од минатото ми наложуваат да за нивно добро, ни по која цена не ги именувам јавно, свесен за последиците по нив од вкрстениот оган на дефамација и карактерно убиство на кое ќе бидат изложени. Ерго, Македонците немаат проблем со избор на квалитетни кадри поради нивен недостаток, туку поради забранетата слобода да бираат надвор од хипнотичната двотактност на нивните две политички партии. Заслепени од маалската самобендисаност и моделирани според зависта да бидат ДУИ наместо БДИ, новите албански партии ја пропуштија можноста да капитализираат преку кооптирање на македонскиот квалитет со кој би го зајакнале сопствениот изборен и морален квантитет. Пропусти за кои чинам сосема наскоро ќе зажалат. На хоризонтот на албанската политичка сцена во Македонија и онака веќе се наѕираат нови струења кои повторно ќе ја растресат албанската партократија и темелно ја разнишаат македонската двоглава коруптопартија. Не сум убеден, туку знам, дека тие струења ќе бидат долго очекуваниот кислород во белите дробови на младата македонска алтернативна понуда.   

   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач