1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на стравови за Германците

Улрике фон Лешчински (дпа) / ЕМФ13 јули 2016

Германците се преплавени од голем бран грижи. Најмногу се плашат од терор и од - доселување.

https://p.dw.com/p/1JO3j
Фотографија: Colourbox

Нелагодност во масата луѓе кои гледаат фудбал на отворено. Навечер преиспитувачки поглед кон луѓето со бради кои разговараат на арапски во трамвај. Понекогаш малите, сосема индивидуални реакции, го менуваат секојдневието на Германците. Сега репрезентативното истражување „Стравовите на Германците“ покажува дека растечките чувства на несигурност не се индивидуални, туку се масовен феномен. „2016 година е година на стравови“, коментира Манфред Шмит, политиколог на Универзитетот Хајделберг. Притоа, првпат има големо поместување во сферата на стравови - од вообичаената загриженост за пари, здравје и животна средина во насока кон загриженост од тероризам и екстремизам.

Стравот од атентати првпат по 25 години е најсилен, а по него следи стравувањето од политички екстремисти, како и од тензии поради доселувањето, покажува истражувањето. Интензитетот на стравот е видлив. За разлика од порано, на истокот и на западот на земјата, исто како и кај мажите и жените, има речиси иста слика.

Стравот од терор за канцеларката Ангела Меркел е сфатлив. „Тоа се должи на тоа што во светот има голем број терористички напади, ги има и во нашето најблиско соседство, во Белгија, во Турција, Франција. И на тоа дека знаеме оти и во Германија има џихадистички сили“, рече канцеларката во интервју за телевизијата Сат1. Иако надлжените институции прават сѐ за да обезбедат сигурност, сфатливо е што населението „размислува за оваа тема“, вели Меркел.

Според Шмит, германските граѓани сепак не се страшливци. Тие само сензитивно реагираат на генералните текови. Годинава се погодени во Ахиловата петица - нивната потреба за сигурност. „Германското население е во голема потрага по економска, социјална, внатрешна и надворешна безбедност“, објаснува Шмит. Притоа, граѓаните најмногу очекувања имаат од државата и од економијата.

Symbolbild Online Radikalisierung von Terroristen
Фотографија: picture alliance/chromorange/C. Ohde

Веројатно тоа е и објаснувањето за големата шлаканица која две третини од испитаниците им ја „удираат“ на политичарите - тие едноставно сметаат дека политичарите не можат да излезат на крај со предизвиците. „Оваа оценка, уништувачка за политичарите, става во сенка сѐ што досега сме го имале како вредности за ова истражување“, оценува Шмит. Тоа е знак дека политиката ја загубила довербата од граѓаните во менаџирањето со бегалската криза.

Вакви резултати даваат и други истражувања. Според едно актуелно истражување на американскиот Центар за истражување на јавното мислење Пју, многу Европејци се на мислење дека приливот на бегалци ја зголемува опасноста од тероризам во сопствената земја. Притоа, на врвот е Унгарија, каде дури 76% од испитаниците се со ваков став, а следуваат Полска со 71%, како и Германија и Холандија со 61%. Во осум од десет земји опфатени со истражувањето е раширена и загриженоста дека бегалците може да станат економски товар.

И Изабела Хојзер, директорка на Клиниката за психијатрија и психотерапија во берлинската болница Шарите, смета дека зад грижите на Германците стојат реални поводи. „Живееме во време во кое опасноста од тероризам кај нас е многу голема. Истанбул, Париз, Брисел - нападите сѐ повеќе се приближуваат“, вели професорката. И големото доселување и немоќта на многу институции да излезат на крај со него, е присутно на многу повеќе медиуми, па со тоа и многу поинтензивно присутно во секојдневието. Хојзер е уверена дека тоа што Германците својот страв го сметаат за голем е прашање и на менталитетот. Прагматичната англосаксонска стратегија „остани мирен и продолжи“ кај Германците не е присутна, вели таа. Хојзер смета и дека германската политика не е сосема невина во делот на создавање на новит бран стравови. „Изјавата дека во Германија нема конретна опасност од терор, туку таа опасност е само апстрактна, е само празна формула“, критикува таа. „Тоа само ја зголемува несигурноста.“ Од поголема помош за политичарите би било да речат: да, и кај нас е голема веројатноста од напади, но веројатноста самите да бидете погодени од нив е многу мала.