1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем удар за сестринската партија на Меркел во Баварија

Џеферсон Чејс
15 октомври 2018

Во понатамошната ерозија на германскиот политички мејнстрим, баварската конзервативна партија ЦСУ, го загуби апсолутно мнозинство. Во меѓувреме Зелените станаа втората најголема политичка сила во јужна Германија.

https://p.dw.com/p/36Xio
Bayern Landtagswahl  Söder und Seehofer
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Христијанско социјалната унија (ЦСУ) се очекуваше дека ќе освои најголем дел од гласовите на регионалните избори во Баварија, една од најконзервативните германски покраини. Но, трет пат во повоената историја, баварската доминатна политичка партија ќе мора да ја дели моќта.

Според резултатите, ЦСУ го загуби апсолутното мнозинство во јужната германска покраина, освојувајќи само 37,2% од гласовите. Зелените пак, станаа втората најголема политичка сила со освоени 17,7% од гласовите. Зад нив, со 11,7% освоени гласови се Слободните избирачи и десно популистичката Алтернатива за Германија (АфД) со 10,3%. Продолжува падот на поддршката за Социјалдемократската партија (СПД) која освои помалку од 10% од гласовите. И ФДП ја надмина потребната минимална граница од 5% за влез во парламентот.

„Секако не е лесно да се изолираме од она што се случува на национално ниво", изјави видно потиштениот премиер на Баварија, Маркус Зедер по објавувањето на резултатите. „Наш приоритет е што е можно побргу да се формира стабилна влада во Баварија, и ние ја прифаќаме таа задача."

Според изборните резултати на ЦСУ ќе ѝ треба коалициски партнер ако сака да продолжи да владее со најголемата германска покраина. Зедер има можност да влезе во партнерство со лево ориенитираните Зелени, иако двете страни отворено изразија резервираност во однос на ваков договор. Поконзервативна опција би била коалиција со Слободните избирачи, за која Зедер силно наговести дека ја преферира. ЦСУ отфрла било какво партнерство со АфД.

ЦСУ сега ќе мора да си ги лечи раните по загубата од над 12% од нивните гласови во споредба со изборите од 2013. година. Сега допрва почнуваат и анализите што значат изборните резултати за партијата на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ, конзервативната сестринска партија на ЦСУ.

Bayern Landtagswahl Söder und Aiwanger
Коалиција ЦСУ и Слободни избирачи? - Маркус Зедер и Хуберт Ајвангер Фотографија: Reuters/L. Barth-Tuttas

Мешан благослов од Меркел

Во основа резулатите на прв поглед се катастрофални за лидерката на Германија, но ефектот за Меркел може всушност да биде позитивен на краток рок. ЦСУ, особено партискиот лидер Хорст Зехофер, кој е исто така и министер за внатрешни работи, силно ја критикуваат Меркеловата приемчива политика кон барателите на азил и во голема мера се дистанцираа од неа во изборната кампања. Оттука, лошите резултати на ЦСУ може да се толкуваат како неприфаќање на таквата позиција.

Зброрувајќи во Берлин, генералниот секретар на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каребнауер како причина за лошите изборни резултати ги посочи неодамнешните „расправии“ внатре во владината коалиција јасно вперувајќи го прстот кон Зехофер и ЦСУ.

Но драматичниот пад на поддршката во упориштето на конзервативците во Германија не е добар знак за Меркел на среден или долг рок. Многумина со право стравуваат дека на Меркел и ЦДУ може да им се случи сличен пораз на покраинските избори во покраината Хесен закажани за 28 октомври. Последните анкети покажуваат дека ЦДУ тешко ќе успее да ја достигне границата од 30%.

Можно е да доаѓа крајот на историската доминација на најголемиот конзервативен блок во Германија. Од 1947 година, уделот на ЦСУ во гласовите е речиси преполовен.

Повеќе: 

Баварија гласа, Берлин се тресе

Бурна есен пред Ангела Меркел

Промена кон лево

Еден тренд кој е очигледен по изборните резултати од неделата, е дека помалите партии продолжуваат да ја ситнат поддршката за конзервативците на Меркел и нејзините национални коалициски партнери, Социјалдемократите.

Зелените двојно го зголемија нивниот процент на освоени гласови во споредба со изборите од 2013 година во Баварија. Со тоа што се дел и од владината покраинска коалиција во соседната покраина Баден Виртемберг, тие сега легитимно може да кажат дека се најјаката политичка сила кај левоориентираните опции во Јужна Германија.

„Конечно сакавме да освоиме двоцифрен резултат во Германија – ви благодариме за тоа", рече видно возбудената потпретседателка на баварските Зелени, Катарина Шулце, на постизборната прослава во партиското седиште. „Овој резултат веќе ја смени Баварија", нагласи таа.

Bayern Landtagswahl Hartmann und Schulze | Jubel
Зелените - големи добитници на изборите во БаваријаФотографија: Reuters/A. Gebert

„Партијата на Зелените е либерална противтежа на десно-ориентираната АфД," вели политологот Арне Јунгјохан за Дојче Веле. „Зелените постигнаа историски резултат во Баварија, бидејќи тие успеаја да привлечат речиси исто гласачи како од ЦСУ( 200.000) така и од СПД (210.000). Стратегијата на ЦСУ за привлекување на десно-ориентираните гласачи им се врати како бумеранг со тоа што изгубија голем дел од гласачите кои гласаа за Зелените."

Според анкетите, Зелените имаат поддршка од 18% и во Хесен, што би било најдобар нивен резултат во таа западногерманска покраина. Според аналитичарот, тоа е поради фактот што Зелените се докажаа како стабилен коалиционен партнер во голем број покраински влади и затоа што имаат јасно препознатлива порака.

„Гласачите точно знаат за што се залагаат Зелните," вели Јунгјохан.„Тие во нив гледаат сигурна и стабилна партија."

Тоа може да биде добра компензација за разочараноста, ако Зелените не влезат во владината коалиција во идната баварска влада. Големиот подем на Зелените е пропратен со огромен пад на поддршката за СПД, партијата која била традиционално втора најсилна партија во Баварија. Социјалдемократите имаат огромна причина за загриженост дека може да ја загубат и доминацијата на национално ниво кај левоориентираните партии на сметка на Зелените.

„Честитки до Зелените, кои се вистинските победници на овие избори", изјави Андреа Налес од СПД, очигледно потиштена од резултатите. „Нема сомнение дека една од причините за лошиот исход на изборите во Баварија се слабите резултати на големата коалиција овде во Берлин."

Екстремна десница во баварскиот парламент

За АфД изборните резултати се мешани. Од една страна десните популисти се сега застапени во сите, освен во еден од 16-те покраински парламенти и имаат причина да се надеваат дека ќе освојат пратенички места и во последниот што им недостасува – Хесен, каде изборите се на крајот од месецов.

Landtagswahl in Bayern | Reaktion Alice Weidel AfD
Алис Вајдел - АфД гледа потврда на погрешната политика на сојузно нивоФотографија: Reuters/W. Rattay

Освен тоа Социјалдемократите и конзервативците во Баварија загубија околу 22% од нивната поддршка – лоша вест за непријателот на АфД, Ангела Меркел, а добра вест за екстремната десница.

„Оние што гласаа за АфД во Баварија исто така велат ‘Меркел мора да си замине'", изјави потпретседателката на АфД, Алис Вајдел во Берлин. „33% од оние за ЦСУ и 10% за СПД. Тоа е мини, а не голема коалиција. Партнерите во националната коалиција мора да го отворат патот за нови избори," додаде таа.

Од друга страна, АфД се надеваше на поголем број гласови во една од најконзервативните покраини во Германија, каде гласачите традиционално се скептични за она што се перцепира како странско влијание.

Дел од тешкотиите на АфД е можеби недостатокот на харизматичен кандидат и отпор кај католичките гласачи поради одредени тврдокорни позиции на популистите. Слободните гласачи кои се на третото место пред АфД, веројатно привлекоа дел од конзервативните гласачи незадоволни од ЦСУ.

Што и да е причината, се чини дека изборите во Баварија делумно го успорија, ако не и го запреа моментумот на АфД. Успехот на Зелените покажа дека тие се алтернативата за традиционалниот политички мејнстрим на двете страни во Германија, и кај левицата и кај десницата. Како и тоа дека расположението кај Германците е одлучно против партнерството на национално ниво меѓу традиционалните најмоќни партии во земјата, ЦДУ/ЦСУ и СПД