1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Големата трка за вакцини 

Инес Ајзеле
19 декември 2020

Првите вакцини против коронавирусот се даваат на луѓе, други вакцини се непосредно пред добивање дозвола. Кога и каде ќе има вакцини на располагање? Кои земји се пионери? Првичен преглед на нештата.

https://p.dw.com/p/3mjJX
Nordirland Belfast | Coronavirus | Impfung Pfizer/BioNTech
Фотографија: Liam McBurney/REUTERS

Иако во изминатите месеци беше повеќекратно споменувано дека мора да се избегне „национализам со вакцините”, многу индустриски развиени земји си резервираа милиони и милиони контингенти вакцини кај разни водечки фарма концерни. Во трката за добивање дозвола предничи германскиот концерн Бионтек со американскиот партнер Фајзер: Велика Британија, Канада, Бахрeин и Саудиска Арабија, а денеска и Швајцарија, издадоа итно одобрение за користење на серумот. Во некои земји како Велика Британија, Русија. САД и Канада е отпочнато масовно вакцинирање, додека други како ЕУ и Турција сакаат наскоро да почнат. Нецелосен преглед на состојбата по земји и региони.

Велика Британија

Како прва земја на светот Велика Британија на почетокот на декември со итна дозвола го отвори патот за вакцинација со средството на Бионтек и Фајзер. Британците однапред си резервираа 40 милиони дози од препаратот, така што вакцинацијата веднаш можеше да почне. До средина на следната година владата смета на „портфолио од три или четири вакцини кои може да ги користиме”. И кај Астра Зенека резервираа дози. Шведско-британскиот фарма концерн вакцината ја тестираше меѓу другото и на илјадници Британци.

Европска унија

Европската агенција за лекови ЕМА сака пред Божик , на 21 декември, да донесе одлука за вакцината на Бионтек и кон средината на јануари за вакцината на американската фирма Модерна. Тоа што постапката во ЕУ трае подолгоотколку во Велика Британија се должи и на фактот дека не се бара итна дозвола, каде што не се потребни подолги студии за безбедноста и дејството.

Идејата на заедничкото одобрување и набавка од страна на 27 земји членки е дека заедно ќе добијат подобри услови и вакцините порано ќе може да бидат испорачани. До сега има договори со производителите Џонсон и Џонсон, Санофи ГСК, Астра Зенека, Фајзер/Бионтек, КјурВак и Модерна. Ако навистина сите добијат дозволи, ЕУ може да се надева на две милијарди дози, на само 450 милиони жители. Вишокот подоцна ќе треба да им биде ставен на располагање на сиромашните земји.

Единствениот критериум за распределба засега е уделот на членката во вкупната популација на Унијата. За Германија така ќе бидат отстапени 18,6% од вакцините. Иако стратегијата на ЕУ не предвидува индивидуални преговори на членки со фарма концерни, Германија тоа не го почитуваше: во рамки на поддршката на истражувањата сојузните власти постигнаа национални договори со производителите. Според информации на медиумите, Германија на тој начин обезбедила 30 милиони дополнителни дози на пример од Бионтек.

САД и Канада

Во САД денеска е издадена  итната дозвола за вакцината на Модерна, додека за препаратот на Фајзер/Бионтек таа беше издадена пред околу една недела. Вакцината на Бионтек-Фајзер од која САД обезбедија 100 милиони дози, веќе се најде во болниците и старечките домови. 

Значи, пред Божиќ има две вакцини. Во земјата со најголем број случаи на тој начин уште во декември треба да бидат вакцинирани 20 милиони лица. Вакцинација започна и во Канада.

Кина

Во Кина во рамки на итната програма веќе биле вакцинирани еден милион лица со домашни препарати меѓу другото на производителите Синовак и Синофарм. Со оглед на тоа дека бројот на заразени е низок во земјата која се смета за почетна за корона пандемијата, кинеските фарма концерни спроведуваат студии и во други земји како Бразил, Индонезија, Турција и Србија. 

Бразил

Во Бразил поради големиот број случаи на корона многу фарма концерни спроведуваат големи студии: британско-шведскиот концерн Астра Зенека, американските концерни Фајзер и Џонсон и Џонсон и кинеската компанија Синовак.

Најголемата земја во Латинска Америка веќе резервирала дози од повеќе производители: 100 милиони од Астра Зенека, 70 милиони од Фајзер/Бионтек. Вакцинирањето со последниве би можело да започне во јануари, доколку брзо се добие итната дозвола, велат надлежните здравствени власти. 

Некои сојузни републики имаат склучено и свои договори со производители. Сао Паоло така обезбедил 46 милиони дози од кинескиот концерн Синовак, Парана ќе го тестира рускиот Спутник V. Целта на бразилската влада е следната година да биде имунизирано половина население против коронавирусот.

Русија

Уште на почетокот од декември во главниот град Москва со голема помпа започна вакцинацијата против коронавирус. Се користи руската вакцина Спутник V, која беше одобрена уште во август. Земјата која е силно погодена од корона, тврди дека прва развила ефикасна вакцина за корона – иако во времето кога Спутник V е одобрена се уште се наоѓаше во последната фаза на клиничко тестирање.

Паралелно со почетокот на масовната вакцинација со сопствената корона-вакцина Русија дозволи користење и на кинеска вакцина. Во клиничката студија на производителот КанСино Биолоџик треба да се вклучат околу 8000 лица. Владата во Москва има за цел следната година да произведе повеќе од една милијарда дози од Спутник V. Останува отворено прашањето кои други земји ќе сакаат да ја користат руската вакцина со оглед дека недостасуваат независни студии за неа. Унгарија е единствена ЕУ земја која досега најави дека би сакала да нарача поголема доза од вакцината Спутник V, а можеби ќе се вклучи во нејзино производство.

Турција

Турција обезбеди 50 милиони дози корона-вакцина од кинеската фирма Синовак која претходно спроведе тестирање со нивниот серум КоронаВак на илјадници луѓе во Турција. Според медиумите, вакцинацијата ќе започне уште месецов.

Турското Министерство за здравство е во преговори и со германската компанија Бионтек чии основачи Угур Сахин и неговата сопруга Озлем Туречи, се со турско потекло. Земјата во моментов има рекордни стапки на заразени, со по 30.000 корона-позитивни на ден.

Африка

Многу африкански земји сметаат дека во трката за вакцини се во неповолна положба. Од една страна проблем е логистиката: на многу места нема струја, ниту соодветни ладилници за складирање и чување на вакцините, кои мора да се држат на ниски температури или да се замрзнат. Второ, немаат финансиски средства за да потпишат директни договори со фармацевтските компании.

Вакцина за коронавирусот се тестира и во Африка

Платформата Ковакс иницирана од Светската здравствена организација за фер распределба и диструбуција на корона-вакцините е опција за африканските земји сепак да дојдат до вакцини. Со Ковакс засега се опфатени девет кандидати за производство на корона-вакцина, меѓу кои се и Астра Зенека и Модерна, но не и Бионтек. Во рамки на иницијативата треба земјите со низок и среден економски раст до крајот на 2021 година да добијат две милијарди дози.

Според Џон Нкенгасонг, раководител на африканската Агенција за заштита од болести (ЦДЦ), преку механизмот Ковакс може да се вакцинираат само 20% од 1,3 милијарди население на континентот. Се прават напори да се обезбедат дополнително средства за вакцини од Светската банка и Африканската експорт – импорт банка.

Јужна Африка е единствената африканска држава во која се спроведуваат студии за корона-вакцини. Во земјата треба да се произведува и серумот на американскиот концерн Џонсон и Џонсон. Со речиси 840.000 случаи на заразени (податок од 11.12.2020) Јужна Африка е една од најпогодените земји со коронавирусот на континентот. На глобално ниво, африканскиот континент заостануваше со бројот на корона-случаи.

Саудиска Арабија

По Велика Британија, Канада и Бахреин, на 9 декември и Саудиска Арабија ја одобри корона-вакцината на Бионтек и Фајзер. Со тоа е отворен патот за увоз и употреба на вакцината во земјата. Според локалните медиуми, вакцинацијата ќе започне уште пред крајот на годинава и тоа кај високо ризичните групи како медицински персонал и лица над 65 години. Саудиска Арабија во споредба со другите арапски земји летоска беше особено погодена од корона пандемијата, но од јули наваму бројот на заразени опаѓа. Во земјата досега (10.12.2020) имало вкупно 360.000 заразени.