1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски поднесе условена оставка

Катерина Блажевска14 јануари 2016

Најавата на премиерот дека „оставката ќе се ефектуира 100 дена пред официјалниот датум на избори“, аналитичарите ја толкуваат како оставање простор за одложување на договорениот датум за избори.

https://p.dw.com/p/1HdxK
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev

Договорот од Пржино и одредбите во Законот за влада, покажуваат дека премиерот Никола Груевски доцни со депонирањето на премиерската оставка, чин кој го најави вечерва во официјално обраќање пред македонската јавност.

Договорот опфаќа и времено повлекување на премиерот на 100 дена пред изборите. Навршуваат 100-те дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон. Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, да се остават сите проблеми, конфликтност, зад нас. И сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива. Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори“, рече Груевски.

Но, точките 5 и 6 од протоколот на Договорот од Пржино од 2 јуни, потпишан на 15 јули 2015 година, точно објаснуваат на што се однесуваат „стоте дена пред избори“.

5. Актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието навремено, за да се инаугурира нова влада на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори, кои ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата влада ќе биде новиот премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата на оваа влада ќе биде ограничена на органзација на предвремените парламентарни избори.

6. Горенаведеното правило, дека актуелната Влада ќе поднесе оставка навреме, за да ја напушти функцијата 100 дена пред следните избори и дека ќе се именува нова влада, ќе се применува на изборите што ќе се одржат во април 2016, како и на сите следни избори, по неопходните законски измени кои ќе направат што е можно поскоро.

Подоцна, преку законски измени, ова решение стана дел од Законот за Влада (член 43).

Сто дена пред одржувањето на изборите за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори за пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија“.

Според тоа, ако изборите треба да се одржат на 24 април, тогаш од утре тече рокот од сто дена, до кој треба да биде избрана нова влада, а не да се даде најава за оставка на премиерот. Оставката требаше да биде дадена претходно.


Емил Димитриев - премиер!

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва искажал целосна поддршка на премиерот и лидер на партија, Никола Груевски, за чекорите што ги презел за одржување на предвремени парламентарни избори. Највисoкото тело на партијата донело одлука за премиер на предвремената Влада да биде предложен генералниот секретар Емил Димитриев.

Донесовме три заклучоци. Првиот, дека Централниот комите на ВМРО-ДПМНЕ му дава целосна поддршка на претседателот на партијата господинот Никола Груевски во постапките и чекорите кои ги превзема за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе едногласна одлука за кандидат за премиер со којшто ќе настапиме на предвремените парламентарни избори да биде господинот Никола Груевски, а кандидат за премиер на Владата којшто ќе треба да ги спроведе предвремените избори ќе биде генералниот секретар на партијата Емил Димитриев“, изјави вечерва Илија Димовски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски истакна дека станува збор за сериозен и одговорен човек којшто својот професионален ангажман досега го има докажано на повеќе позиции.


Заев: Почеток на крајот!

Mazedonien Sozialdemokratische Partei - Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

По обраќањето на Груевски, вечерва се огласи и лидерот на опозицискиот СДСМ „Денешната изјава на Никола Груевски е директно признание дека поради него и неговата партија не се исполнети обврските од Пржино и дека тој е причината за кризата во Македонија“, рече Заев.

На човекот што одлучуваше за животот и смртта, кој заедно со неговата фамилија, со неговиот кум и братучедот, узурпираше сѐ за свое лично богатење, јасно му е дека е дојден крајот. Никола, ти не си Македонија. Ова е почеток на крајот на една криминална корумпирана расипничка недемократска власт. Ве повикувам сите граѓани на Република Македонија да ја вратиме слободата, демократијата, правдата и европските вредности во нашата земја“, порача лидерот на СДСМ.

Најавата на премиерот дека „оставката ќе се ефектуира 100 дена пред официјалниот датум на избори“, (без назначување на кои) аналитичарите ја толкуваат како оставање простор за одложување на договорениот датум за избори.