1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски откри „во која грмушка се криел зајакот“

Зоран Јордановски12 јуни 2016

Екс-премиерот на Македонија за првпат како осомничен даде исказ пред суд.Прв,но веројатно не и последен пат? Од што стравува Груевски? Индикативна е неговата изјава по излегувањето од судот, забележува Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1J581
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Појавувањето пред истражен судија на Никола Груевски, несомнено најмоќната личност на македонската политичка сцена во последната деценија, екс-премиер и човек кој натаму зад сцена ги влече сите конци на извршната власт, беше она што аболицијата токму требаше да го спречи. Повлекувањето на тој срамен акт на лицето што е на функција шеф на државата - аболицијата за осомничените за тежок криминал врз основа на индициите кои произлегуваат од снимките на прислушкуваните разговори, сепак внесе трошка нормалност во искривоколчената македонска реалност. Сега разврската за сите скандалозни однесувања се враќа во рамките на правосудниот систем; судиите, а не политичарите, треба да ги проценат доказите, да ја изнајдат вистината и врз основа на тоа да ја одмерат евентуалната вина и да изречат казни. Но, екс-премиерот веќе пресуди: „Она што го прават од СЈО е нешто од што ќе се срамат”, изјавиГруевски по излегувањето од судот . Сигурно е дека некој ќе се срами во наредните години, само прашање е кој – всушност кои, оти секако не е еден или само неколкумина. Во крајна консеквенција ќе се срамат граѓаните на Македонија од овие неславни времиња. „Шарената револуција“ е напор да се осветли образот на граѓаните, на посвесниот дел од нив.

Асоцијации на ланската прес-конференција пред бомбите

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Во изјавата на екс-премиерот најмногу ми запна в око делот во кој Груевски зборува (онака како што беше пренесено во македонските медиуми) за неименуваното лице кое „издејствувало 100 дена пред изборите да има друг премиер, верувајќи дека на тој начин ќе дојде на власт и ќе го промени мислењето на граѓаните. Тој не го промени мислењето и сега ќе се обиде на трет начин”. Во тоj трет начин Груевски набројува: „Постојано ќе бидам повикуван заради апсурдни причини на судот, за да се правдам иако немам никаква вина, за народот да ја смени перцепцијата...”. Тука, значи, се крие зајакот: моќникот се плаши да не се промени мислењето, перцепцијата на граѓаните! Колку и да живее во свој филм, тој не може да ги игнорира илјадниците што веќе со недели протестираат против системот изграден од власта предводена од него. Евентуалното докажување на можната тешка злоупотреба на власта под плаштот дека неговата гарнитура работела во име и во интерес на народот, несомнено дека би ја променило перцепцијата на многумина кои уште му веруваат или не се сигурни кому да веруваат. А најавата дека ќе му следуваат натамошни покани да се појави пред суд веднаш ми предизвика асоцијација на прочуената прес-конференција на тогаш премиерот Груевски од 31. Јануари 2015. година, со која го најави она, што неговиот политички опонент Зоран Заев почна да го обелоденува утредента, со почетокот на објавувањето на бомбите. Тогаш Груевски временски го испревари Заев во обид да го релативизира она за што со сигурност знаел дека ќе следува, а сега на ист начин го испреварува Специјалното јавно обвинителство во неговите наредни чекори, за кои исто така со сигурност знае дека ќе следуваат.

Каде ќе се расчистат работитена избори или на суд?

Кога лидерот на ВМРО ДПМНЕ зборува за „нарачани чекори“ на СЈО, човек може да се запраша дали тој притоа поаѓа од практиката од сопствените редови, за што основа даваат објавените бомби во кои станува збор за директно и грубо влијание на луѓе од неговото најблиско опкружување врз судскиот систем. Тој истовремено и самиот дава пример за директно мешање во работата на судовите коментирајќи дека „неговите (мислејќи на неименуваниот – н.з.) со право повикувања на суд”. А кога Груевски зборува за контролата што „неименуваниот” ја имал врз СЈО, како да заборава дека Катица Јанева е избрана и со негова согласност.
Уште една поента во изјавата на Груевски е дека “изборите наближуваат и (неименуваниот – н.з.) не ќе може уште долго да ги одолговлекува”, како дека “изборите се` ќе стане јасно и се` ќе биде расчистено”. Во тоа очигледно и самиот ја гледа својата последна сламка за спас, едно веќе прочитано провидно сценарио за избори без прочистен избирачки список и без средување на состојбите во медиумската сфера (во оваа светлина погледнато уште почудно звучат лицитирањата и на Зоран Заев, неименуваниот од изјавата на Груевски, за избори во октомври или ноември). Победа на избори, дури и најлегитимни, најдемократски, не може да ги расчисти работите, барем што се однесува до судбината на сите лица врз кои паѓа сенката на сомневање за криминал.

Правосудството да замете и во сопствениот двор

Расчистувањето може да биде сторено само од страна на правосудниот систем. Но кој? Оној во кого „довербата е на стаклени нозе“, како што констатира и претседателката на Врховниот суд, која отворено призна дека се продлабочени нападите врз независноста на судот и дека има мешање во работите на судовите? Оној, во кого „состојбата не е идеална“, како што оцени и новоизбраниот претседател на Судскиот совет? Не знам, навистина, на кого мисли притоа претседателката на Врховниот суд, оти таа не ги именува тие кои се мешаат. Но, ако јавно порача дека нема да се дозволат мешање и нарушување на независноста во судството, тогаш таа и нејзините колеги имаат можност со неселективно делење на правдата и првенствено со непристрасно и објективно расчистување на сомневањата кои произлегуваат од бомбите да му го вратат достоинството на судот и сопственото како судии. Тоа претпоставува и прочистување на сопствените редови, отстранување на судии и обвинители кои наместо да делат правда, правеле непради спроведувајќи волја на моќници во општеството. Изводливо ли е тоа со луѓе кои влегле или напредувале во судскиот систем преку списокот на поранешната министерка за внатрешни работи? Инаку, пак, неизбежно ќе биде востановување и на Специјален суд, покрај Специјалното јавно обвинителство.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA